5.8 C
Скопје
01:26 - 26 април, 2024

ИНТЕРВЈУ Проф. др. Сашко Јовев: Докажавме дека нашата земја има здравство од европски ранг!

Проф. Др. Сашко Јовев е кардиохирургот кој го водеше тимот кој ја изврши првата трансплантација на срце во земјава. Тоа, како што вели во интервју за Слободен печат, е круна на неговиот личен професионален ангажман, но и круна на македонското здравство.

Говорејќи за својот професионален пат, др. Јовев во текот на субспецијализацијата три години работел на Универзитетската клиника во Франкфурт, на Универзитетската клиника во Цирих кај светски познатиот проф. Турина, на Универзитетската клиника при Бен Гурион Универзитетот во Бершева, Израел, на Универзитетската клиника Св. Екатерина во Софија кај проф.Чирков. Понатаму, две ипол години работел на клиниката за кардиоторакална хирургија Сабах Ал Ахмед во Кувајт која е со Канадска лиценца за работа. Во Германија и Швајцарија присуствувал на овој тип на интервенции, трансплантации.

Како ја доживеавте операцијата на срце која ја изведовте неодамна, што таа значи лично за вас и на што се должи тоа?

– Искрено говорејќи операцијата на некој начин ја очекував. Ја очекував како круна на мојот личен професионален ангажман низ годините, учење, труд и постојан тренинг. Но исто така и како успех на институцијата во која работам и во која ја изведовме трансплантацијата. Имено, Универзитетската клиника за државна кардиохирургија постои пет години. До денес успеавме да направиме домицилен тим кој ги работи сите можни стандардни операции во возрасната кардиохирургија. И не само тоа, работиме и случаи кои се најтешки во секој смисол. Наместо да изградиме клиника на лесни, изградивме клиника за најтешки пациенти. Но, тоа даде брз квалитет од друга страна.

Дали трансплантацијата од ваков вид е прва во нашата држава или и прва ваша и на тимот со која ја изведовте?

– Трансплантацијата е прва во нашата држава и прва за мојот тим. Но, јас сум учествувал во вакви интервенции во неколку eвропски земји каде што сум престојувал подолго или пократко. Некои членови на мојот тим исто така имаа одредено искуство. Започнавме со поспецифични операции, со минимално инвазивни пристапи, за да продолжиме со отворените хибридни процедури на аортата, на лакот на аортата, таканаречената сива зона во хирургијата, операции кои се огромни, а кои со денешната технологија стануваат се поуспешни и достапни. Истите ги започнавме први во целиот регион, на Балканот. Тука многу ни помогна нашиот колега од Германија, dр. Ристески. Не застанавме тука. Терминалната срцева слабост, ситуација каде што нема начин да се третира срцето ниту со лекови, ниту со интервентна процедура, ниту со хирургија, завзема епидемиски размери во западниот свет и кај нас. Единствено решение за тие пациенти е трансплантацијата или, во недостаток на срца, таканаречена механичка циркулаторна подршка или популарно кажано механичко срце. И тука бевме први. Пред 2 години први во нашата држава имплантиравме механичко срце, за да потоа направиме уште неколку. Припремите на пациентот за истото се слични како за трансплантација. Се разбира, трансплантацијата има многу свои специфики, но, со оглед на тоа што ми остана на клиниката и во државата да го воведам уште тоа, како круна на се, како доказ дека сме направиле клиника од европски ранг, спремна да им даде на нашите пациенти најдобра можна нега и понуда за лекување, бев решен да се зафатиме со овој проблем и бев сигурен дека имам клиника и тим да го направи тоа. Се разбира дека проблем беше да се најде срце, впрочем како и во целиот свет. А за големи работи, работи за кои што сме способни, секогаш има проблем во оваа држава. Овојпат наидов на разбирање. Не бев сигурен дека ќе го добијам. Со еден збор, психолошки бев спремен за оваа операција и ја очекував. Големите работи во науката се само реален резултат на вистинската работа далеку пред тоа.

Што ќе значи таа за иднината на македонското здравство, но и за сите оние граѓани на кои им е потребно ново срце?

– Тоа значи дека докажавме дека нашата земја може да има и има здравство кое е на eвропски ранг. За пациентите тоа значи нова надеж, надеж за нов живот. Тоа значи дека сме спремни и овој програм да го работиме и тоа значи дека наш граѓанин буквално за ништо повеќе не треба да оди надвор од државата и кога се работи за најсофистицирани и технолошки најзахтевни операции и процедури.

Дали оваа операција во иднина ќе биде рутина во земјава, каде би се вршела трансплантацијата  и кој тим би го правел тоа?

– Се разбира дека нашата интенција е да биде рутина во земјава. Кој тим би го правел тоа? Тимот на Универзитетската клиника за кардиохирургија, а доколку е можно, придружен со нашите колеги од другите институции, сплотени во еден национален тим за трансплантација. Сега ќе мора да се продолжи од ова ниво, да се направи максимална организација на се, на ниво на државата, да се организира максимална медиумска покриеност за донорство, тимовите кои се грижат за кадаверите, кои се одлични, но кои сега ќе треба многу повеќе да се насочат кон тоа дека тој кадавер можеби ќе биде дарител на срце и во детали да бидат спремни да се одржи истото додека не се трансплантира, експлантационите тимови спремни во секој момент, тимот за припрема на реципиентот, трансплантација и водење на истиот да се во постојан тонус, спремни. Истите сега треба добро да се дефинираат, постојано да се доедуцираат надвор. Можеби ќе треба да се дефинира простор, да се доопреми со се, иако јас во припремите за оваа работа успеав да ја опремам клиниката и со работите потребни за оваа интервенција, но секогаш има потреба од повеќе. Како што погоре кажав, ќе треба да направиме специјална национална програма терминална срцева слабост, со координатор на истата и која ќе го покрие секој детал во врска со сето ова. Значи специјална програма, специјален тим, простор, доопремување, одржување на тонус и спремност, координација меѓу сите членови на тимот и подгрупи, контакти со странски центри и доедукацита итн, итн.

Како дојде до оваа тимска работа и бидејќи за неколку часа се организиравте дали тоа значи дека и претходно беше договорен тимот што ќе ја изведе операцијата?

– Тимот не беше претходно договорен. Истиот го дознавме два часа пред интервенцијата. Ние се спремавме за ова веќе една година, а верувам и другите институции. На крајот, интеграцијата излезе добра.

Професоре едно лаичко прашање, како срце кое еднаш престанало да чука, со пресадување повторно почнува да чука во друго тело, или пак за пресадување се зема срце кое се уште е во функција?

– Срцето на донорот не престанува да чука додека е во истиот, т.е. во кадаверот, т.е. во организмот, човекот кој е со мозочна смрт. Во моментот кога се вади, се разбира сопира да работи, но веднаш се презервира на мошне специјален начин, со администрација на солуција која ќе ги сочува неговите енергетски резерви неколку часа. Како додаток, се става во мраз, затоа што ладната средина му го намалува метаболизамот и со тоа дополнително го штеди. Кога ќе се имплантира во реципиентот, или почнува спонтано да работи затоа што веќе прима во себе крв од истиот, или започнува да работи со помош на пејсмејкер се додека не се разбуди неговиот сопствен генератор. Видете, екстремно важно и не едноставно е да се сочува срцето во саатите додека се одлучува дали ќе се трансплантира. Прво се чека согласноста од фамилијата. Потоа тоа срце се проверува, со ехокардиографија и со комјутеризирана томографија. Во меѓувреме се следат сите можни параметри на донорот, кон него треба да се однесуваме како спрема секој жив пациент кој треба да го спасиме, тој на себе треба да го има целиот можен инвазивен мониторинг и кај него да се обрне особено внимание на мозокот, кој е оштетен, кој е мртов, а кој во тие неколку часа треба да не ги оштети останатите органи. Можни се многу промени, како тахикардија, брадикардија, таканаречена бура на катехоламини заради оштетување на еден дел од мозокот кој директно ќе го оптерети срцето итн.

Понатаму, не знаеме дали има минимални повреди на срцето за време на примарната мозочна траума на покојникот. Организмот на примателот пак, исто така е во специфична состојба, тој пател, неговите органи биле велиме хипоперфундирани, т.е. со помала достава на кислород, крв, а една од најважните работи е состојбата на неговите бели дробови. И минимални промени кај нив, а да не зборуваме за покачен белодробен притисок, можат да бидат погубни за новото срце. На крајот, синергија од многу фактори може да ни го отежнува адаптирањето на новото срце во новиот организам. Сосем друга приказна е пак, отфрлањето, тоа што новиот организам го разбира новото срце како нешто страно и се обидува по секоја цена да го отфрли. Тука се служиме со специјални лекови за да го супримираме тој одговор, а тие имаат и многу свои негативности. Со еден збор, не е едноставно, но сепак трансплантацијата на срце денес е одличен и благодарен начин за лекување кај пациентите кај кои нема друг излез.

Има ли врска дали срце од жена може да биде пресадено во маж и обратно и дали возраста има некакво значење, во смисла срце од млад човек да биде ставено во постар?

– Возраста има значење затоа што помладо срце е поздраво и поотпорно на се што ќе му се случува во тој период. Тоа дали е женско, истотака има одредена врска, токму затоа што истите се сепак навикнати да исхрануваат по површина помал организам. Сепак сето тоа се надминува, доколку не постои голема разлика во големината. Кај некои пациенти има период на адаптација, интрахоспитално, кој знае да биде мошне сериозен. Треба да се биде спремен за истото и да се препознае.

Донаторството на органи е ретко кај нас. Дали и во светот тоа е проблем и зошто е така?

– И во светот е огромен проблем, но далеку помал отколку кај нас. На пример, по глава на жител Словенија и Хрватска имаат најмогу донори и трансплантации во Европа. Зошто е кај нас толку ретко, навистина се чудам и јас. Тоа дека нема доволно пропаганда и медиумско покривање за овој проблем е евидентно, но нешто ќе да е и во нашите социо-карактерни особини.

Има ли некаква врска суеверието, особено кога станува збор за срцето дека на некој начин се пресадува и „душата“ на починатиот?

– Сме размислувале и на таа тема, јас мислам дека не е тоа главната причина. Едноставно кај нас изгледа не се размислува доволно алтруистички. А не е дека нема потенцијал за алтруизам. Не измори вечната транзиција, неправдите на ова општество. Луѓето треба да се вратат кон хуманизмот.

Може ли едукацијата да помогне во надминување на ваквата состојба?

– Апсолутно. Едукација и медиумско покривање. Одржување на трибини, телевизиски емисии, интервјуа, постојано. Во истите треба да партиципираат и сите доктори вклучени во овој процес, од различните субспецијалности кои трансплантираат, но и психолози, социолози, психијатри, можеби свештени лица, политичари. Сето ова треба да биде во координација со националниот координатор за трансплантација.

The post ИНТЕРВЈУ Проф. др. Сашко Јовев: Докажавме дека нашата земја има здравство од европски ранг! appeared first on Слободен печат.


ИНТЕРВЈУ Проф. др. Сашко Јовев: Докажавме дека нашата земја има здравство од европски ранг! was first posted on јуни 3, 2020 at 9:53 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....