Оливера Балашевиќ, сопругата и вечна инспирација на панонскиот морнар Ѓорѓе Балашевиќ, во емотивно гостување во емисијата „Балканском улицом“ на ТВ Блиц, ги отвори вратите на нивниот семеен дом во Нови Сад.
Седејќи во култниот двор каде што се родени некои од најубавите стихови на овие простори, таа низ смеа и со насолзени очи се присети на почетоците на нивната филмска љубов.
Зборувајќи за првите средби со Балашевиќ, Оливера открива дека нивниот однос уште од самиот почеток се разликувал од сè останато. Во време кога нејзината спортска градба привлекувала големо внимание, Ѓоле бил тој кој ѝ понудил искрено пријателство, безбедна зона и безброј причини за смеа.
„Дали е тоа мангуп и дали прилега тој збор, но веројатно некој кој онака смислува стихови за да те освои, веројатно тоа во она време било мангуп. Првенствено, во она време, девојки со таа фигура, изразена во спортот, формирана во спортот, беше реткост. Тогаш ги немаше тие клубови за аеробик. И знам дека бев доста забележувана и не ми беше убаво тоа. Ми приоѓаа момчиња во некои релации на ’освојување територија‘, ако може така да се каже.
Но, не беше таква и нашата средба, кој се случи на Штранд, еве, набргу ќе биде и тој датум, 1 јуни. Ние веднаш разговаравме онака како што јас дотогаш инаку растев, покрај постариот брат и друштвото кое беше во мојот двор, каде што бев единствено девојче. Разговаравме за спорт, за филмови што сме ги гледале, музика што ја слушаме. И во еден момент не почувствував во неговиот поглед или во некоја негова намера, или во што било, дека тој однос бил само затоа што е машко-женски.
Тоа беше толку добро, пријателски, и тоа ми се допадна, што се чувствував онака малку растеретено, во смисла: ‘во друг град сум јас сепак‘. И кога ќе ми се јавеше тоа беше повик попладне, да одиме на јагоди, на пример. И да одгледаме некој филм. И многу ме засмејуваше, многу!
И тоа ми се допаѓаше, бидејќи и смеата и остана… како и кај мојот брат и кај мене од нашата мајка, така и кај моите деца денес. Кога Ѓоле си замина и понатаму тоа е единствената и најважна хипотека која ни ја остави. И кога моите деца некаде патуваат, па ќе ми се јават: Еве сега Алекса од Кан ме бара и ми вели ’Еј мама, ајде насмеј ме“, рече Оливера Балашевиќ.
Приказната за Оливера (Савиќ) и Ѓорѓе Балашевиќ важи за една од најромантичните и најстабилните на екс-југословенските простори. Се запознале кон крајот на седумдесеттите години во Нови Сад, додека Оливера била успешна гимнастичарка и репрезентативка, а Ѓоле веќе ја започнувал својата музичка кариера со групата „Рани мраз“. Набрзо таа стана негова сопруга, менаџерка, но пред сè – негова доживотна муза. Некои од неговите најубави балади, како „Оливера“, „Провинцијалка“ и многу други, се инспирирани токму од неа и од нивните заеднички моменти. Во бракот добија три деца: Јована, Јелена и Алекса.
View this post on Instagram
