6.8 C
Скопје
06:41 - 29 март, 2024

Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

Настани, претстави, гастрономија, забави…Еве што би можеле да правите во Скопје овој викенд, од 21. до 23. февруари.

Доброутро сончеви скопјани што секаде со вас носите сонце, и вам накострешени скопјани што секаде со вас носите костреши. Како сте денес? Што ви е во план овој викенд? Да споделувате зраци или кострушини? Ние сме за првото!

Колку да останеме во трендот да бидеме изненадени – обично во овој период од годината – овојпат не нè изненади снегот, туку сонцето. А, какво ќе биде времето овој викенд, иако е среде зима, зависи од вас. Ако ви е сончева душичката – и надвор ќе биде сончево, ако е накострешена, очекувајте грмежи и молњи. Ако сте практични – не влечете го чадорот со вас, зашто температурите ќе се движат до 11 степени в петок и сабота, односно до 15 степени в недела.

А, ако ви недостига снег или мраз во Скопје, колегата Фидан ве потсетува на „СКОПЈЕ НА МРАЗ“ – Меѓународен натпревар во уметничко лизгање. ВЛЕЗОТ Е СЛОБОДЕН. Настанот ќе се случува на Лизгалиште во СЦ „Борис Трајковски“. За сабота, (22. февруари) предвидени се седум категории – ќе учествуваат сениори, јуниори, младинци, кадети и со интерпретации. Натпреварувачкиот дел в сабота ќе трае од 8.00 до 18.00 часот, по што ќе следува и доделувањето на медалите и дипломите.

Скопјенце полека го фаќа својот уметнички ритам кој, се разбира, можат да го почувствуваат само оние кои знаат да (си) играат. Затоа, излезете од дома, дружете се, споделете куп зраци со најблиските, посетете културен настан, погледнете ги делата, изведбите, претставите, перформансите на уметниците, пред некој однадвор да ви каже што и колку нешто вреди. Зашто многу повеќе вреди кога сами ќе си заклучите. Отклучете ги главите. Проветрејте ги со малку уметност овој викенд.

А, кога сме веќе кај она што вреди, вреди да ја погледнете претставата „Мојот маж“ (автор – Румена Бужаровска, режија – Нела Витошевиќ). Ако ја пропуштивте вчера, ќе ве потсетиме за две недели, но билетите се при крај, затоа купете си навреме.

Вреди да ги пробате ситните колаченца во слаткарницата „Перфето“ (на ул. Киро Крстевски Платник, број 3), убаво спакувани во виолетови кутивчиња со розова панделка.

Расположението ќе ви го поткренат и „макаронсите“ во „Marfi Cake&bakery“ (во строгиот центар на градот, пред Плоштадот). Во сите бои на виножитото се, а со многу различни вкусови. Нашата дегустација накусо, изгледаше вака – првиот залак е изненадување. Вториот залак е совршен вкус. Третиот залак е задоволство. А, сите три залаци од едно колаченце, се ново расположение. Се подготвуваат по оригинален француски рецепт, со бадемово брашно, со фил од путер, со… Е, нема да ви ја откриеме целата тајна!

Во сендвич и џус барот „Pepper“, на улица Ленинова, има одлично хроно мени, кое вклучува од пита од хељда до превкусни сендвичи и здрави салати. Се ближи пролет, нели? Време е за диета. Не заборавајте дека убавите летни тела се вајаат во зима.

Од Noir Bar пак, во Дебар Маало, ве покануваат на отворање (на 21 февруари, 20 часот). За атмосферата ќе се погрижат Irie Scratch и Dj David.

Што друго вреди или не вреди во културно, забавно и гастрономско Скопје, слушнете, видете, дегустирајте, проверите и уверете се сами.

ПЕТОК

17 часот

Во хотелот „Александар Палас“ се случува WEDDING EXPO SKOPJE, и ќе трае до 23 февруари. Ќе бидат претставени венчаници од познати италијански и шпански дизајнери.

17 часот

„Афтерворк“ забава има во „Гнездо кичен бар“ (на улица Македонија), а промотивни цени ќе има на повеќе алкохолни пијалаци.

18 часот

Во „Гастротека Сиеста“ (на ул.Луј Патер) се случува второто винско „афтерворк“ дружење. Додека првото беше во знакот на винарницата „Попов“, на второто, вински советници ќе ви претстават три етикети на винаријата „Картал“. Ем може да дегустирате одлични вина, ем да научите интересни нешта за виното. Се разбира, ем да се дружите.

20 часот

Во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе се случува националниот и меѓународен натпревар во уметничко лизгање „SKOPJE ON ICE 2020“. Влезот е бесплатен за сите љубители на ументичкото лизгање.

20 часот

Во Драмски се изведува претставата „Луди за љубов“, во режијана на Деан Дамјановски.

20.30

Можеби не можете да „скокнете“ до Мексико, ама можете до „Форца“. Гастроносмката авантура ќе биде на тема Мексико – од традиционална мексиканска кујна, до музика и култура.

21 часот

Во МКЦ, кино – Фросина, би можеле да го слушнете и доживеете уникатниот звук на гитаристот Кристијан Волчев. Со промоцијата на дебитантскиот албум „Синестезија“, македонската музичка сцена покрај нов звук добива и спектар бои. Авторскиот материјал на Волчев содржи ритмичка комплексност, надополнета со перкусивни елементи отсвирени на гитара. Албумот се состои од десет песни. Идејата е со секоја песна да се доживее синестезија, односно звукот да добие боја.

21.30 часот

Ако сте за панк рок свирка одете во „Браво“ (тц Буњаковец), ќе гостува бендот Шкарт, а локална поддршка со домашен рокенрол е Пепел. Влезот е 150 денари.

21.30 часот

Во винскиот бар „Ено“ би можеле да слушате џез класики со Џон Илија Апелгрин.
Резервирајте си место на тел: 02/3090100

САБОТА

12 часот

Со семејството бидете дел од незаборавната детска претстава „Нашата Љубов“ во изведба на младите актери од актерската школа на Весна Петрушевска ,на големата сцена на МНТ. Картите можете да ги купите на билетарата на МНТ или онлајн.

19 часот

Во Театарот за деца и младинци ќе се изведува претставата „Јованче и Марика“.

20 часот

Ако сте љубители на книгата, дојдете на промоцијата на романите „Покрај патот – вистина“ и „Пливач“ од Андрија Терзиќ (Србија) во Кино Култура.

20 часот

Ако сте пак, повеќе по музиката, во Големата сала на Филхармонија уживајте во концертот „Славјански венец“. Во програмата се Женски младински хор (МКЦ, Скопје, диригент – Сашо Татарчевски), Детски хор „Мелодија“ (Москва, диригент – Евгенија Кудричевскаја), Галина Куценко (сопран) и Викторија Митеска (пијано) – Г.Свиридов „О, Родина“. Влезот е слободен.

20 часот

Во „Котур“ погледнете го документарен филм „Туста“ за фронтменот на екс-југословенскиот панк рок-бенд КУД „Идиоти“.

20 часот

Во „Кинотека“ во тек се деновите на иранската кинематографија. Во сабота на репертоарот е „Астигматизам“, во режија на Маџид-Реза Мостафави, а в недела во исто време – играниот филм „Реза“, во режија на Алиреза Мотамеди.

21.30 часот

-На поткровјето во „Public Room“ имаме вокал кој ќе ве воодушеви!, велат од „Јавна соба“ најавувајќи ја фантастичната Love Itoya! Itoya е текстописец, пејачка и танчерка, која во својата работа е инспирирана од едни од најдобрите женски вокали во светот како Бијонсе, Арета Френклин, Алиша Кис, Ријана.

НЕДЕЛА

6. 30

ДПС „Трансверзалец“ се придружува кон планинарската акција Февруарски Поход 2о2о организирана од Кавадарци за одбележување на историскиот настан на Февруарскиот поход на македонските партизани во НОБ кои во 1944 минувајќи во овие предели ја започнале офанзивата за конечното ослободување на Македонија. Тура по патеката: одморалиште МИХАЈЛОВО – с. МРЕЖИЧКО. Должина: 14 км. Времетраење: 5 часа. Тежина: лесна (поголемиот дел е спуштање)

По завршувањето на турата, домаќините имаат приготвено гравче за сите учесници. Пријавувањето е задолжително, а информации на тел 070 209 462 и 071 591 260.

12 часот

Соработката на фондација Митра Толупова, со центар за психофизичко здравје Гаспар продолжува со нов циклус на работилници. Овојпат ќе се случува ,,Работилница за комуникациски и социјални вештини кај деца’’ која ќе се одржи во просториите на ГАСПАР центарот. Цели на работилницата се стекнување на социјални вештини, развивање на самодоверба, обработка на тоа ,,Што е срам?’’ и како истиот да се надмине, поддршка и поттикнување на здрав психосоцијален развој низ игра, стимулација на комуникациските вештини, развивање на емпатија, мотивација и позитивна слика за себе и поттикнување на детските творечки способности. Групата опфаќа деца на возраст од 5 до 9 години. Работилницата ќе биде водена од Бојан Богдановски, логопед и Соња Угриновска, психолог, плеј терапевт. Котизацијата е 500 денари. Повеќе информации и пријавување учество на 075 350 374

12.30

Со вашите дечиња побарајте го чичко Сѐ и децата кои играат во првиот македонски мјузикл за деца со деца. Тие ќе ве одведат во волшебната земја на Оливера Николова, а таму ќе ве чекаат прекрасните песни на Александар Џамбазов. Станува збор за мјузиклот „Земја во која не се стигнува“. Драматуршката адаптација и режијата се на Виолета Џолева.

13.00

 „ЛАВОВИТЕ“ ОД ЃОРЧЕ ЈА КОРИСТАТ КРИЗАТА НА ПАНДЕВЦИ. Стадион Ѓорче Петров, Прва фудбалска лига. Академија Пандев има четири порази по ред и се оддалечи од трката од шампионската титула. Македонија ЃП ќе се обиде пред своите навивачи со три бода да ги стигне „пандевци“ и скокне на четвртото место. „РОМАНТИЧАРИТЕ“ СО СИТЕ СИЛИ БЕГААТ ОД ДНОТО.

14.00

Национална Арена „Тодор Проески“, прва фудбалска лига. После гостинскиот триумф над Струга Трим Лум (0:1), Работнички со евентуални три бода пред своите навивачи против Шкупи ќе направи нов голем чекор на патот кон обезбедување на опстанокот во елитата.

19.30

Време е за премиера на Божо Вреќо во Македонска опера и балет. Станува збор за проект кој доаѓа од балканските простори, а сепак, е светски. „Принцот на севдахот“ или како што престижниот „Њујорк Тајмс“ го нарекува, „човекот со ангелски глас“, Божо Вреќо, за прв пат ќе има концерт во Скопје. Инаку, Божо Вреќо е еден од најинтересните и најпознати изведувачи во доменот на севдахот во моментов. Се смета за клучен дел од новата генерација на автори кои не само што ја оживуваат традицијата на севдалинките, туку и успеаја да ја однесат дури и во правецот на андерграунд, што беше незамисливо досега. Вреќо е лирски тенор кој предизвикува бројна публика и затоа настапува на концерти низ Европа и светот кои се секогаш однапред распродадени. Влезници во Avalon Music & Ticket Store во ГТЦ, продажната мрежа на Авалон низ земјава и онлајн на www.avalon.mk.

 

Слични објави

Момченце починало поради предизвик на Тик Ток: Опасен тренд „хромирање“ се шири на социјалните мрежи

еспресо

Отворена прва продавница за алкохол во Саудиска Арабија: Ќе се купува алкохол со овластување

Еспресо

Мир Божји, Христос се роди! Народни обичаи и верувања за Божиќ: Бидете со најблиските и заедно прославете го Христовото раѓање

Еспресо

Старо верување: Скршете орев на Бадник и дознајте дали среќата ќе ве следи

Еспресо

Каква кармичка судбина ќе имате во 2024 според датумот на раѓање: Декодирајте ја иднината преку персоналната бројка и откријте што ве чека!

Еспресо

Денес го славиме Свети Игнатиј, еве што (не) треба да правите

Еспресо
Се вчитува....