Мирисот на свежо печени крофни е доволен за да го разбуди апетитот на целото семејство. Иако традиционално се пржат во масло, овој омилен десерт може да се подготви и во рерна.
Печените крофни се меки, воздушести и ароматични, а нивната подготовка не бара голема количина масло. Можете да ги наполните со домашен џем, чоколаден крем или едноставно да ги наросите со шеќер во прав.
Состојки
– 500 грама брашно
– 250 милилитри млако млеко
– 7 грама сув квасец
– 60 грама шеќер
– 60 грама растопен путер
– 1 јајце
– 1 кесичка ванилин шеќер
– Прстофат сол
– Рендана кора од лимон
– Џем по избор
– Шеќер во прав за декорација
Подготовка
Во млакото млеко додајте ги квасецот и една лажичка од шеќерот. Промешајте и оставете ја смесата да отстои десетина минути.
Во поголем сад ставете ги брашното, преостанатиот шеќер, ванилиниот шеќер, солта, јајцето, растопениот путер и ренданата кора од лимон. Додајте ја смесата со квасецот и замесете меко и еластично тесто.
Покријте го садот со чиста кујнска крпа и оставете го тестото да нарасне околу еден час.
На набрашнета работна површина развлечете го тестото со дебелина од околу два сантиметра. Со чаша исечете кругови и наредете ги во плех обложен со хартија за печење. Оставете ги да нараснат уште 30 минути.
Печете ги во претходно загреана рерна на 180 Целзиусови степени, од 15 до 20 минути, додека добијат златна боја.
Додека се сè уште топли, премачкајте ги со малку растопен путер. Откако ќе се подизладат, наполнете ги со џем со помош на слаткарски шприц и наросете ги со шеќер во прав.
Добар апетит!
