17:00 - 17 ноември, 2026

(Видео) Песната ја вратила од годините на молк по смртта на синот – Кратово со концерт ќе се сеќава на Вања Лазарова

Гласот на Вања Лазарова, една од најголемите интерпретаторки на македонската изворна песна, повторно ќе одекне во нејзиниот роден крај. На 19 ноември, во Кратово, ќе се одржи концерт посветен на музичкиот аманет на легендарната пејачка, а специјална гостинка ќе биде Вера Милошевска-Јосифовска од „Љубојна“, која со голема љубов и почит го негува нејзиното наследство.
Зад раскошниот глас на Вања Лазарова се криела и една длабоко тажна животна приказна. Жената која со песна ги освојувала светските сцени, во еден период од животот целосно замолчела. Причината била најголемата болка што може да ја доживее една мајка – смртта на нејзиниот син Васил.
Во едно од своите најемотивни интервјуа, дадено за списанието „Старт“ пред повеќе од две децении, Лазарова раскажала дека Васил бил многу болен и не можел да зборува. Особено емотивно се сеќавала на неговата реакција кога на радиото ќе ја слушнел песната „Со маки сум се родила“. Со движење на раката барал радиото да се исклучи.
Токму таа песна за Вања имала посебно, болно значење.

По смртта на Васил, таа престанала да пее. Годините минувале, но тагата не исчезнувала. Сè додека една ноќ не го сонувала својот син. Во сонот тој ѝ побарал да остави нешто свое, снимени песни што ќе останат по неа.
Тој сон бил пресвртница. По години молк, Вања повторно запеала и го снимила својот прв албум, со помош на Мирко Стефановски и сопругот Душко Димитровски.
Песната повторно станала дел од нејзиниот живот, но и начин да го зачува споменот на своето дете. Нејзиниот втор син Зоран бил нејзината радост и утеха.
Родена на 27 април 1930 година во селото Страцин, Кратовско, Вања Лазарова остави огромно музичко богатство. Во својата кариера испеа повеќе од сто изворни македонски песни, меѓу кои „Со маки сум се родила“, „Параходот замина“, „Легнала Ѓурѓа на рамно гумно“ и „Гукни ми, гукни“.
Беше членка на ансамблот „Танец“, работеше во Операта при Македонскиот народен театар и настапуваше на бројни светски сцени. Нејзиниот глас се слушнал и во лондонскиот „Ројал Алберт хол“, а остави силен печат и во музиката за филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски.
Посебна врска со Вања Лазарова има Вера Милошевска-Јосифовска, вокалистката на „Љубојна“, која низ својата музичка кариера ја продолжува традицијата на македонското изворно пеење.
По смртта на Лазарова во март 2017 година, Вера се прости од неа со трогателни зборови, опишувајќи ја како жена со лице како сонце и срце во кое имало место за сите. Се сеќавала на нејзините топли очи, скромноста и начинот на кој ја доживувала музиката.
Од средбите со Вања, Вера ја понела и нејзината животна филозофија дека пеењето е состојба на душата. Таа мисла подоцна станала важен дел од нејзиното сопствено музичко творештво и истражувањето на македонскиот вокален мелос.
На 19 ноември, со почеток во 18 часот, во киносалата во Кратово ќе се одржи концерт посветен на Вања Лазарова, во рамките на четвртото издание на манифестацијата „Денови на Вања Лазарова“.
На концертот ќе настапат традициски играчи и пејачи од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје, ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ од Штип и Државното музичко училиште од Битола. Специјална гостинка ќе биде Вера Милошевска-Јосифовска.
Организатор на настанот е Музејот на град Кратово, со поддршка на Општина Кратово.

Слични објави

(Фото) Северина во издание што не поминува незабележано: палто претворено во фустан, градник и кристали

Еспресо

(Фото) Николина Пишек направи промена, ја покажа новата фризура: „Најлошо е кога ќе отидеш на фризер за да те потстриже и…“

Еспресо

Таблета за машина за садови во бањата — дали трикот навистина ги отстранува белите траги од туш-кабината?

К.С.

(Фото) „20 месеци болка и недостиг“ — Ана Костадиновска со спомен за Сара Пројковска и колегите од ДНК

К.С.

Можеме ли да бидеме посреќни по педесеттата? Три промени што ги забележуваат психолозите

К.С.

(Фото) „Ало, 911, пак ја испразнив кредитната картичка!“ — Елена Ѓорговска сподели фотографии од патувањето во САД

К.С.
Се вчитува....