11:10 - 26 ноември, 2026

(Видео) Верица Ристевска по долго време повторно пред скопската публика: легендарниот глас се враќа на сцената

Една од препознатливите ѕвезди на македонската забавна музика, Верица Ристевска, по подолга пауза повторно ќе запее пред скопската публика. Пејачката, чии песни одбележаа неколку генерации, ќе биде дел од концертот „Македонијо, во срце те носиме – Најубавите наши песни“, закажан за 12 декември во спортскиот центар „Јане Сандански“, со почеток во 20 часот.

Нејзиното враќање на сцената го најави и помладата колешка Бојана Скендеровски, која на својот профил на Инстаграм објави заедничка фотографија со Ристевска.

„Некои луѓе создале музичка историја. Од нивните песни учевме како се пее. Нашата легенда Верица Ристевска по долго време ќе ја видите на нашиот концерт на 12 декември“, напиша Скендеровски.

Симболично, во заднината на објавата се слуша „Ти си песна што ќе трае“, песна од 1979 година, која е меѓу познатите музички остварувања на Ристевска.

Таа припаѓа на златната генерација на македонската забавна музика, а кариерата ја градела и како солистка и како членка на легендарната група „Македонија“. Во оваа формација настапувале и Даниела Панчетовиќ, Зорица Поп Панкова и Сашка Петковска.

Една од песните по кои публиката особено ја памети е „Летај галебе“, балада што во нејзина интерпретација стана евергрин. Музиката и аранжманот се дело на Кире Костов, а текстот го напишал Миодраг Врчаковски.

Костов во едно интервју раскажал дека мелодијата му дошла на сон додека бил на одмор во Грција, а првите ноти ги запишал на кутија од цигари. Се присетил и на првата изведба на Ристевска на фестивалот во Опатија, која ги воодушевила и познатите југословенски пејачки Габи Новак и Бисера Велетанлиќ.

На музичката листа на Ристевска се и песните „Штом се сака“, „Признај ми“, „Збогум, збогум Марија“, „Без нежност“ и „Ти само збори“.

По повеќе од три децении, во 2013 година, Ристевска повторно настапи заедно со Даниела Панчетовиќ и Зорица Поп Панкова. Трите пејачки се обединија на „Охрид фест“, каде што ја изведоа песната „Песната е ангелот“, компонирана од Григор Копров.

„Песната е нашиот живот, тоа сме ние. И повторно заедно, за да ја воскреснеме убавината на нашата младост“, изјавија тогаш трите пејачки за охридската телевизија ТВМ.

Нивниот заеднички настап беше проследен и со признание за трајни музички вредности, кое во 2015 година го добија на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“.

Покрај Верица Ристевска, на концертот на 12 декември ќе настапат и Росана Сариќ Тодоровска, Андријана Јаневска, Ана и Игор Дурловски, Наум Петрески, Зуица Лазова, Ѓоко Танески, Димитар Андоновски и други изведувачи. Песните ќе бидат придружени од симфониски оркестар составен од 40 музичари.

Слични објави

Едита Арадиновиќ за мајчинството, кредитот за куќата и односот со поранешниот партнер: „Зоја има прекрасен татко, а мене во моментов ми е важен мирот“

Е.А.

Совршен десерт за студените денови — рецепт за сочен колач со цимет и овесно брашно

К.С.

Дневен хороскоп за 26 ноември: Не преземајте туѓи задачи ако веќе имате свои одговорности

apostolova

Денеска се празнува Свети Јован Златоуст — што е убаво да направите во чест на големиот светител?

К.С.

(Фото) Порториканката Џенифер Барето е новата Мис Универзум, а еве на кое место заврши мис Србија 

Еспресо

(Видео) Четири и пол часа во воз без греење: Зарина Првасева со апел за достоинствен железнички превоз

Еспресо
Се вчитува....