Пејачката Зарина Првасева сподели видео од своето патување со воз од Битола до Скопје, кое траело четири и пол часа, во кое револтирано зборува за лошите услови во македонскиот железнички превоз. Таа посочи дека во возот немало греење, тоалетите биле во ужасна состојба, а меѓу патниците имало и голем број пензионери кои се обидувале да се стоплат движејќи се низ вагоните.
Пејачката се присети и на студентските денови во Романија, каде што редовно патувала со воз и имала сосема поинакво искуство.
„Редовно се возев со воз и како студент прошетав низ многу градови. Возењето за студенти беше бесплатно. Лето-клима, зима-парно. Милина ти е да патуваш со воз. Доаѓам овде и си реков: ај, белким исто е и од Прилеп до Скопје. Месец јануари, измрзнавме како камен! Ова го зборувам за 2013/14 година, значи, по толку време, повторно иста приказна кај нас“, раскажа Првасева.
Повеќе од една деценија подоцна, според нејзиното искуство, условите речиси и да не се промениле.
View this post on Instagram
„Еве вака младите патуваат. Кј ќе преживее, ќе раскажува. Да не ви расправам дека се движи со 20 километри на час и дека тоалетите се во ужасна состојба. Во возов се возат многу возрасни луѓе, пензионери и така натаму. Измрзнаа начисто. Не им работи парното. Луѓето се шетаат вака за да не им студи, да се стоплат“, вели пејачката во видеото.
Во објавата на својот инстаграм-профил, Првасева упати апел до надлежните институции, нагласувајќи дека пристојниот јавен превоз не треба да биде луксуз, туку основен стандард за секој граѓанин.
„Дали е премногу да посакаме пристоен железнички превоз за младите, за пензионерите, за сите нас? По 35 години независност, во 21 век, дали сè уште да се бориме за нешто што би требало да биде основен стандард?
Имаме магична земја каде што патувањето со воз низ Македонија е навистина посебно искуство. Но, имаме запоставена железничка инфраструктура, ограничени линии и возови во кои најчесто нема ни греење! Зошто?
Имаме пристапни цени на билетите, одлична идеја ‘Бесплатен викенд за млади до 27 години’, но скришно сепак има дополнителен трошок за лекови по патувањето“, напиша таа.
Првасева истакна дека нејзината намера не е да ги одврати граѓаните од патувањето со воз, туку да поттикне промени што ќе го направат железничкиот превоз достапен, функционален и достоинствен.
„Го споделувам ова видео затоа што искрено сакам да можам да патувам со воз низ Македонија. Затоа што е прекрасно искуство. Затоа што железничкиот превоз значи помалку автомобили, помалку загадување и подостапен транспорт за сите.
Ве молам, помогнете ни да патуваме со воз, но да биде превозот функционален, безбеден и достоинствен!
Ако зборуваме за европски вредности и европска иднина, тогаш треба да почнеме од најосновното, односно од квалитетот на секојдневниот живот на граѓаните. Не можеме да зборуваме за европска иднина, а да се помируваме со услови што не му доликуваат на 21 век!“, порача пејачката.
