Познатата турска актерка Дениз Чакр, која македонската публика ја памети по улогата на Ферхунде во популарната телевизиска серија „Кога лисјата паѓаат“, е приведена во рамките на полициска операција поврзана со истрага за наркотици и проституција, пренесуваат медиумите.
Според објавените информации, во истата операција биле приведени уште 35 лица, меѓу кои и неколку познати имиња од турската телевизиска и филмска индустрија.
Меѓу приведените се и режисерот Џем Карџи и актерот Озџан Дениз, кој стекна голема популарност со улогите во телевизиските серии „Парампарче“ и „Истанбулската невеста“.
Акцијата е дел од пошироката серија полициски операции што турските власти ги спроведуваат во последните месеци. Во рамките на овие истраги досега беа приведени повеќе јавни личности, меѓу кои актери, телевизиски новинари и инфлуенсери.
Засега не се објавени конкретни информации за улогата на Дениз Чакр во случајот. Не е познато дали против актерката е поднесено формално обвинение, дали таа има статус на осомничена или е повикана да даде исказ во рамките на истрагата.
Дениз Чакр е едно од препознатливите имиња на турската телевизиска сцена. Меѓународна популарност стекна со улогата на амбициозната и манипулативна Ферхунде во семејната драма „Кога лисјата паѓаат“, која со години привлекуваше големо внимание и кај македонската публика.
Актерката беше дел и од историската серија „Величествениот султан“, во која го толкуваше ликот на Шах султан.
Повеќе информации за нејзиниот правен статус и околностите околу приведувањето се очекуваат во наредниот период.
