Вечерва во Штип започнува новото издание на фестивалот „Макфест“, кој и по четири децении продолжува да ја негува македонската забавна музика, Четири децении музика, фестивалски вечери, хитови и песни што станале дел од колективната меморија.
Историјата на „Макфест“ започна во 1986 година во Штип, а првата победничка песна беше „Кога те нема“, во изведба на словенечката пејачка Хелена Благне. Композицијата на Кире Костов, со текст на Васил Пујовски, го одбележа почетокот на фестивалот и со текот на годините прерасна во еден од неговите најпрепознатливи евергрини.
За Хелена Благне, настапот во Штип беше особено значаен, бидејќи токму во 1986 година ја започнала и својата професионална музичка кариера. Со „Кога те нема“ ги освои и првата награда од публиката и првата награда од стручното жири, а нејзиниот настап остана запаметен како еден од најзначајните моменти од првото фестивалско издание.
Но, патот до „Макфест“ започнал на друг фестивал. Во интервју од 2018 година, Благне открива дека за нејзиниот настап во Штип била заслужна една средба на „Сплитскиот фестивал“.
„Сè почна кога настапував на „Сплитскиот фестивал“ и таму ме забележа тогашниот директор на Телевизија Скопје, Кире Милев. Ми понуди настап на „Макфест“ и се сеќавам дека тој ме поврза со авторот Кире Костов. Затоа сум му благодарна до крајот на животот“, раскажа пејачката.
Така започнала македонската музичка приказна на словенечката пејачка, која со една песна оставила траен белег на домашната музичка сцена.
Песна што ги надмина очекувањата
Благне и денес со посебна емоција се сеќава на пречекот во Македонија и на публиката што веднаш ја прифатила. Нејзините спомени од првото гостување во Штип се поврзани со топлината и гостопримството што ги почувствувала уште при пристигнувањето.
„Се сеќавам на прекрасната македонска публика која веднаш откако се симнав од авион и стапнав на македонско тло, неверојатно љубезно ме прифати“, вели таа.
Пејачката признава дека уште тогаш верувала во песната и чувствувала дека ќе остане во срцата на слушателите, но не очекувала дека нејзината популарност ќе трае толку долго.
„Знаев дека таа песна ќе остане во срцата на луѓето, но искрено, не се надевав дека таа песна ќе остави таков впечаток, уште и по толку години. Неверојатно!“, изјави Благне.
Нејзината поврзаност со македонската музика не заврши со првата победа. Во истото интервју откри дека на репертоарот има околу десет македонски песни и дека би можела да издаде и албум посветен на македонската музика.
„Па ги има околу десет и да, би можела да издадам македонско ЦД. Се надевам еден ден тоа ќе се оствари“, откри таа.
Повторно на сцената на „Макфест“
Љубовта кон „Макфест“ и македонската публика ја врати Хелена Благне и на подоцнежните фестивалски изданија. Во 2016 година, на 31. издание на фестивалот, настапи како специјална гостинка и повторно ја испеа „Кога те нема“.
