Владо Јаневски остави зад себе песни што станаа дел од македонската музичка меморија, а „Евергрин“ е една од нив. На денот кога се одбележува неговиот роденден, приказната за нејзиното создавање е уште еден потсетник дека понекогаш најубавите песни се раѓаат токму од најличните чувства. Таква е „Евергрин“ песна за која Јаневски самиот рече дека е неговата најавтобиографска песна и во која пејачот и автор го овековечи своето Скопје, со неговите познати места, ноќни дружби и една љубовна приказна што останала во сеќавањата.
Кога бил прашан која негова песна најмногу го отсликува него лично, тој без двоумење ја издвоил токму оваа.
-Најмногу ме има во „Евергрин“, во тие скопски приказни и места, каде што низ песната ме води чекор низ познат декор. Тоа е мојата тајна географија, најавтобиографската песна. Кога пеам „седевме овде, се бакнувавме таму, тука цртавме графити на кејот…“, тоа е моја лична прошетка низ Скопје – раскажал Владо.
А во таа прошетка посебно место има и Зоки Малиот, ликот од песната кој всушност постоел и во вистинскиот живот. Станува збор за Зоран Блажевски, познат како Зоки Малиот, скопски угостител и долгогодишен сопственик на клубот „Џубокс“. Во овој локал тој поминал дури 17 години, а Владо токму таму ја сместил приказната од песната.
Зоки подоцна зборувал за пријателството со Владо и за тоа како се препознава во стиховите. Нивното пријателство било дел од едно време на скопскиот ноќен живот, кое Јаневски го преточил во музика.
Интересна е и приказната за видеоспотот. Во официјалното видеообјавување на песната се наведува дека музиката и текстот се дело на Владо Јаневски, а аранжманот е на Дамир Имери. Спотот е составен од кадри од македонскиот филм „Денови на искушение“ од 1965 година, во режија на Бранко Гапо, реализирани со дозвола од „Вардар филм“. Монтажата ја направил самиот Владо.
„Евергрин“ така станува повеќе од љубовна песна. Таа е музичка разгледница од едно Скопје, личен албум со спомени и потсетник на луѓето и местата што остануваат со нас, дури и кога времето ќе ги промени.
