Поп-пејачката Кристина Арнаудова сподели семеен спомен од времето кога нејзиниот постар син Максим бил сосема мал. На фотографијата објавена на Инстаграм, Арнаудова се потсети на првата посета на Максим на Битола, но и на младешките години со сопругот Александар Петровски.
На фотографијата, направена во еден пролетен ден во Битола, Александар го држи малиот Максим во раце, додека Кристина насмеана позира покрај нив. Пејачката не ја криеше носталгијата за тој период, а со својот препознатлив хумор се пошегува и на сметка на нивниот тогашен изглед.
„Максим првпат во Битола. Ја сакам сликава посебно. Една убава битолска пролет… Башка што на сликава личиме ко да имаме по 18 години“, напиша Арнаудова.

Кристина и Александар Петровски, поранешен ракометар на „Металург“, се во брак од 2006 година и имаат два сина, Максим и Матео. Иако ретко споделува детали од приватниот живот, пејачката повремено објавува семејни фотографии и спомени од растењето на своите деца.
Во едно интервју Арнаудова зборуваше за родителството и за вредностите што таа и сопругот се трудат да им ги пренесат на синовите.
„Се трудиме секојдневно да ги учиме да бидат луѓе во вистинска смисла на зборот, со сите да се однесуваат еднакво, да бидат љубезни и културни“, рече тогаш пејачката.
Покрај музичката кариера, Арнаудова со години е активно посветена на хуманитарната работа. Таа е основачка на здружението „Проект среќа“, преку кое реализира бројни иницијативи за помош и поддршка на деца од социјално загрозени семејства.
Меѓу проектите на здружението се детското драмско студио „Неверленд“ и бесплатното музичко училиште „Гитари, дирки и свирки“, создадени со цел да им овозможат на децата пристап до уметноста, музиката и креативното изразување, без оглед на нивните финансиски можности.
