Исидора Јелиќ, сопругата на македонскиот музичар Марио Јелиќ-Кун од дуото „2Бона“, сподели видео на социјалните мрежи во кое за првпат го документираше процесот низ кој поминала за да замрзне ембриони.
Таа објави снимки од периодот на хормонската терапија, секојдневното примање инјекции и емотивните моменти што го придружувале медицинскиот процес. Инјекциите ѝ ги давала нејзината мајка, која по професија е гинеколог, а во текот на постапката голема поддршка добивала и од својот сопруг.
На крајот од видеото, Исидора прикажа врамена фотографија од трите успешно замрзнати ембриони.
Во описот на објавата таа отворено зборуваше за физичките и емоционалните предизвици со кои се соочила во изминатиот период.
„Нашиот пат со замрзнување ембриони…
Едно од најбрутално искрените видеа што ќе ги ставам на оваа или било која платформа, за кое сѐ уште не сум сигурна дали сум спремна да се ‘разголам’ на овој начин и кое ја опишува мојата најдлабока болка и успех во исто време!
Нешто што ми помогна да пронајдам свемирска сила во себе!
Период во кој не би беше битно дали сум надуена како топка, лицето ми е лом и сите останати side effects, туку само да дојдеме до крајот на ова патување каде што знаев дека ме чека еден благослов и доказ колку храброст, посветеност и сила има во една жена.
Едвај го чекам следниот чекор, едвај чекам да видам што следи!
За сите жени и девојки кои проаѓаат низ ситуација која им прави болка или несигурност, колку и да е клише, не сте сами, можете све и ова се само ситуации за кои има решение!“, напиша Исидора.
Исидора и претходно јавно зборуваше за својата здравствена состојба. Во гостувањето во подкастот на Стефан Лазаров откри дека има Мајер-Рокитански-Кустер-Хаузеров синдром од типот 1, ретка вродена состојба што се карактеризира со неразвиеност или отсуство на матката, при што функцијата на јајниците најчесто е зачувана.
Поради оваа состојба, таа не може да износи бременост, но постои можност да добие биолошки деца со помош на сурогат-мајчинство.
За дијагнозата дознала на 16-годишна возраст, при преглед во специјализирана клиника во Лондон, каде што отпатувала со својата мајка и тетка. Нејзината мајка била запознаена со состојбата неколку години претходно, но одлучила да почека пред да ѝ ја соопшти дијагнозата.
„Е сега, не го памтев овој момент, но мајка ми ми кажа дека почнале да ми течат солзи. Памтам дека ми се сруши светот, дефинитивно… И тетка ми ми има кажано дека кога сме излегле од ординација, јас сум била во шок, а мајка ми била остарена десет години“, раскажа таа во подкастот.
Марио Јелиќ бил запознаен со дијагнозата на Исидора уште на почетокот на нивната љубовна врска.
Музичарот и претходно јавно се осврна на нивната заедничка желба да станат родители, истакнувајќи дека неможноста да имаат деца не би влијаела врз неговата одлука да го помине животот со Исидора.
Со успешно замрзнување на трите ембриони, брачниот пар направи значаен чекор во остварувањето на желбата за родителство. Исидора засега не откри детали за следните медицински постапки.
