13:02 - 24 ноември, 2026

Дали екраните навистина им штетат на децата? Осумгодишно истражување на фински научници откри изненадувачки резултати

Со години родителите се предупредуваат дека прекумерното користење мобилни телефони, компјутери и таблети може негативно да влијае врз развојот на детскиот мозок. Меѓутоа, резултатите од едно осумгодишно финско истражување покажуваат дека поврзаноста меѓу времето поминато пред екраните и когнитивните способности на децата е многу посложена отколку што досега се претпоставуваше.

Научници од Универзитетот во Јиваскила и Универзитетот на Источна Финска утврдиле дека децата кои во текот на растењето поминувале повеќе време користејќи дигитални уреди постигнале подобри резултати на одредени тестови за когнитивни способности во адолесценцијата.

Истражувањето, објавено во научното списание „Педијатрик ексерсајз сајенс“ (Pediatric Exercise Science), повторно го отвора прашањето дали сите активности пред екраните треба да се третираат како потенцијално штетни за развојот на децата.

Научниците го следеле развојот на 260 деца

Истражувањето било спроведено во рамките на долгорочниот фински научен проект ПАНИК, посветен на физичката активност, исхраната и здравствениот развој на децата.

Во анализата биле вклучени 260 испитаници, од кои 136 момчиња и 124 девојчиња. Научниците ги следеле во период од осум години, од детството до адолесценцијата, кога нивната просечна возраст изнесувала 15,8 години.

Во текот на истражувањето биле собирани податоци за нивото на физичка активност, времето поминато во седечка положба и навиките за користење дигитални уреди. Истражувачите користеле прашалници и специјализирани уреди што ги регистрирале движењата и срцевиот ритам на учесниците.

На крајот од осумгодишниот период, адолесцентите биле подложени на стандардизирани когнитивни тестови, преку кои биле проценети нивните способности за учење, внимание, работна меморија и брзина на реакција.

Работната меморија, инаку, претставува способност на мозокот привремено да задржува и обработува информации. Таа ни овозможува да следиме инструкции, да решаваме математички задачи и да ги поврзуваме новите информации со веќе стекнатото знаење.

Резултатите покажале дека испитаниците кои пријавиле повеќе време поминато пред екрани во текот на детството и адолесценцијата имале подобри вкупни резултати на когнитивните тестови, како и побрзи реакции при решавањето одредени задачи поврзани со работната меморија.

Научниците забележале и дека поврзаноста меѓу физичката активност и когнитивните способности се разликувала во зависност од видот на активноста и полот на испитаниците.

Кај девојчињата, физичката активност со низок интензитет била поврзана со подобра работна меморија, додека кај момчињата слична поврзаност била забележана при учество во организирани физички активности.

Не е важно само колку време децата поминуваат пред екраните

Според Петри Јаланко, истражувач на Универзитетот во Јиваскила и еден од авторите на студијата, времето поминато пред екраните не треба да се разгледува исклучиво како штетна навика.

Тој посочува дека клучно значење може да има природата на активностите што децата ги извршуваат користејќи дигитални уреди.

На пример, решавањето логички задачи во видеоигри, користењето интерактивни образовни апликации или учењето нов јазик преку дигитални платформи бараат активно ангажирање на мозокот. Ваквите активности суштински се разликуваат од пасивното гледање видеосодржини или бесцелното прелистување на социјалните мрежи.

Сепак, истражувањето не утврдило кои конкретни дигитални активности се одговорни за подобрите резултати на испитаниците.

Авторите нагласуваат и дека станува збор за статистичка поврзаност, а не за доказ дека користењето екрани директно ги подобрува когнитивните способности. Можно е децата со одредени когнитивни предиспозиции почесто да избираат активности што вклучуваат користење дигитални технологии.

Дополнително, времето поминато пред екраните било проценувано преку прашалници, што остава можност за непрецизности во пријавените податоци.

Претходно истражување на истите фински универзитети, објавено во 2025 година, покажало дека подолгото користење екрани, особено мобилни уреди, во детството било поврзано со повисоко ниво на стрес и повеќе депресивни симптоми во адолесценцијата.

Тоа значи дека потенцијалните придобивки за одредени когнитивни способности не ги исклучуваат можните негативни последици врз другите аспекти на здравјето.

Наместо целосно ограничување на пристапот до дигиталните технологии, научниците ги охрабруваат родителите и наставниците да обрнат повеќе внимание на содржините што децата ги користат и да поттикнуваат активности што придонесуваат за развој на критичкото мислење, креативноста и способноста за решавање проблеми.

Најважно е користењето дигитални уреди да не ги замени физичката активност, квалитетниот сон и непосредната комуникација со другите луѓе, кои остануваат значајни за здравиот развој на децата.

Слични објави

Оваа намирница може да ја подобри меморијата — научниците открија што се случува со мозокот ако ја јадете секој ден

К.С.

Совети од Клиника „Жан Митрев“: Планирате бременост?

Еспресо

Ви се спие кога врне? Науката објаснува зошто звукот на дождот нè смирува

К.С.

Можеме ли да бидеме посреќни по педесеттата? Три промени што ги забележуваат психолозите

К.С.

Наутро мотивирана, навечер без карактер: Дали навистина проблемот е во недостигот на дисциплина?

Еспресо

Една порција зелен лиснат зеленчук дневно — што открива истражувањето за помнењето во повозрасната доба?

К.С.
Се вчитува....