Пејачката Индира Радиќ веќе неколку години не се појавува на јавни настани и во телевизиски емисии, а сега пред медиумите што ја сретнале на белградскиот аеродром проговори за причините поради кои се повлекла од сцената.
Најпрво се осврна на злонамерните коментари.
– Сите ме критикуваат и пишуваат: „Дира, колку си дебела“, па што? Кој воопшто се грижи кој критикува! Јас си го живеам животот, се борам за своето здравје и за добриот глас. Сите имаме некаква инсулинска резистенција, но воопшто не ми е гајле, живеам на село и уживам – истакнала Индира и додаде дека ваквите коментари всушност ја насмеале.
– Менаџерот ми испрати скриншот од она што го пишуваат на социјалните мрежи, а јас слатко се изнасмеав. Луѓето веројатно седат од досада и пишуваат. Јас созреав во тој поглед и никому не му посакувам ништо лошо. Сепак, јас сум жена во години. Најважно ми е да го зачувам здравиот дух, а дали имам 10 килограми повеќе или помалку, воопшто не е важно – порачала пејачката.
Градскиот метеж и вжештениот асфалт ги заменила со природата и селската идила, а како што истакна, животот надвор од Белград совршено ѝ одговара.
– Наутро ме будат птиците и тишината, шушкањето на лисјата на ветрот… Тоа е вистинска воздушна бања за мозокот и најдобриот лек. Многу е поубаво, животот е многу поздрав, а и луѓето се поприродни и понормални. На Космај сум, а оттаму за миг, за 45 до 50 минути, стигнувам до аеродромот. Сè е прашање на добра организација – објаснила пејачката.
Индира зборуваше и за причините поради кои ја нема на снимањата на новогодишните програми и во телевизиските емисии, признавајќи дека ѝ здодеале естрадните протоколи.
– Се изморив од сцената, докажувањето, туркањето и чекањето на ред. Сега ги имаме интернетот, Јутјуб и социјалните мрежи, па сè што имам да кажам можам да им го соопштам директно на луѓето. Со должна почит му се заблагодарувам на секого за поканата. Имам право да се повлечам и да си го имам својот мир – рекла таа.
На крајот, Индира откри и како успева да го зачува мирот во естрадниот свет.
– Му благодарам на космосот што ми испрати сигнали да бидам смирена и ништо не може да ме извади од мојата состојба на нирвана. Немам лоши мисли. Ме интересира само да го слушам сопствениот глас, да бидам здрава и да можам да ги пеам моите песни, кои се широки, емотивни и тешки за изведување. Сега се подготвувам и за нов проект – заклучила пејачката, пренесува „Блиц“.
