Поп-пејачката Бојана Скендеровски ја објави новата песна „Тука сме“, посветена на децата без родителска грижа, со кои веќе неколку месеци е поврзана како амбасадор на хуманоста на Детскиот дом „11 Октомври“ во Скопје. Во видеоспотот учествуваат и деца од Домот и од Дневниот центар „Доза среќа“, а песната носи порака за љубов, прифаќање и поддршка.
„Ви ја раскажуваме нашата приказна со едноставни зборови. Ние сме храбри борци кои своите битки ги водиме тивко. Не очекуваме да нè сожалувате, само сакаме да бидете до нас, да не сме сами. Тука сме“, напиша Бојана во најавата на песната.
По објавувањето на спотот, пејачката призна дека едвај ги задржувала солзите додека ги гледала децата со кои работела на овој проект.
„Кога ми се даде довербата да бидам нечиј глас, за тие кои можеби понекогаш се невидливи, чинам срцето ќе ми излезеше од градите. Ние сакаме да ви раскажеме кои сме, и само сакаме да чуете дека сме тука“, напиша таа.
„Тина Иванова и Димитар Андоновски пишуваа со душата, затоа што им е огромна, ви благодарам за тоа. Малку ми стоеја кнедли во грлото додека моите момци го снимаа видеото. Храбрите борци водат тивки битки, и победуваат! Ви ја подаруваме ТУКА СМЕ“, додаде пејачката.
View this post on Instagram
Бојана им се заблагодари на Тина Иванова и Димитар Андоновски за нивниот придонес во создавањето на песната, како и на Тони, Бубе и Мелани, кои учествувале во снимањето на видеото. Посебна благодарност упати до децата од Домот „11 Октомври“ и Дневниот центар „Доза среќа“, како и до детскиот хор „Ѕвончиња“ од Битола, кој со своите гласови ја збогатил песната.
На објавата реагираше и Димитар Андоновски, кој напиша: „Задоволство ми беше што бев дел од тимот. Фала ти, Бојана само успех посакувам и нека оваа песна и порака се пренесува“.
Бојана Скендеровски во април годинава стана првиот амбасадор на хуманоста на Детскиот дом „11 Октомври“. Тогаш, во интервју за „Слободен печат“, раскажа дека средбата со децата длабоко ја трогнала и дека оваа улога за неа не е само признание, туку голема човечка одговорност.
Таа објасни дека децата повеќе не живеат во Домот како некогаш, туку дел од нив се сместени во згрижувачки семејства, а други во помали станбени единици со стручна грижа. Нејзината мисија е да ја подигне свеста за потребата од згрижувачи и постојана поддршка на децата, особено кога ќе го завршат образованието и ќе започнат самостоен живот.
„Ова го преживувам многу лично, пред сè, како мајка. Моите деца дома се мојот најголем благослов, но денес овде, моето срце се прошири за уште многу деца на кои им е потребна само една прегратка и малку внимание“, рече тогаш пејачката.
