22.8 C
Скопје
12:10 - 18 мај, 2024

Мириса на нови кредити, короната и старите долгови ги трошат парите

Од почетокот на корона-кризата државата се задолжи со повеќе од 1 милијарда евра, а во тие пари најголем удел има еврообврзницата од 700 милиони евра. Од Министерството за финансии веќе најавија дека до крајот на годината има и други планирани задолжувања. Деновиве се очекува да се повлече првата транша од 80 милиони евра од вкупниот заем од 160 милиони евра од Европската комисија, а предвидени се и задолжувања на домашниот пазар.

Но, според сегашните изјави од претставниците на Владата, иако сѐ уште има резерви од еврообврзницата, не се знае дали и со овие задолжувања ќе има доволно пари за сѐ што треба да се сервисира од државната каса. Во периодот што претстои покрај четвртиот пакет мерки за справување со последиците од корона-кризата, доаѓаат и големи отплати на долговите од минатото, како што е отплатата на еврообврзницата од 2015 година која доспева на 1 декември во износ од 178 милиони евра, а во истиот месец доаѓа за наплата и краткорочниот заем од домашни комерцијални банки од 132,5 милиони евра.

За Заев има пари за четвртиот пакет, за Бесими тоа не се знае

Што се однесува до финансирањето на четвртиот пакет мерки за справување со последиците од корона-кризата, за премиерот Зоран Заев за овој пакет има резервирано пари, но според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и според министерот за финансии Фатмир Бесими, анализите допрва треба да покажат дали е тоа така.

Заев, пред десетина дена на Националната телевизија изјави: „Следува четвртиот пакет. Државата има резервирано пари за да си ги враќа редовните отплати до крајот на годината и има резервирано пари да развие четврти пакет мерки, а притоа да не доцнат пензиите, платите, социјалната помош, трансферите кон фондот за здравство… Ако ковид-кризата потрае, ќе се носат и други одлуки, ќе има и други задолжувања“.

Завчера пак, и Бесими и Битиќи излегоа со изјави според кои се финализираат подготовките за ребалансот на Буџетот и од анализите ќе се види колку пари може да се заштедат од расходната страна и да се искористат за четвртиот пакет.

– Ќе видиме за реалокација на средствата и евентуално дополнително финансирање, дали ќе биде од резервната база од Буџетот или ќе има дополнителен заем. Тоа ќе се финализира последниот ден кога ќе знаеме колку можеме да кратиме од актуелниот буџет. Но, пакетот мора да има сигурно финансирање, макар и со јавен долг – рече министерот за финансии Бесими, во гостувањето на ТВ Алсат.

Каде се капиталните инвестиции?

 Позајмувањето пари за да му се помогне на стопанството и на населението во време на пандемија е поддржано од политичките партии и од економските аналитичари, кои во изминатиов период беа едногласни дека сега како никогаш досега, Македонија мора да се задолжува.

Буџетскиот дефицит за 2020 година е проектиран на 6,8 проценти од БДП или 751,2 милиони евра. За жал, во ова комплицирано време, најголем дел од парите мора да одат за справување со последиците од здравствената криза, но и за старите долгови.

Податоците од Министерството за финансии покажуваат дека заклучно со август, за капитални инвестиции се потрошени 126 милиони евра, или само 39,5 отсто од вкупниот износ предвиден за оваа година, кој изнесува  318,6 милиони евра. Ако за 8 месеци не се потрошени ниту половина од планираните пари, јасно е дека планот за јавни инвестиции оваа година е невозможно да се исполни.

Бесими: Добро е да има лимит на картичките на министрите

Во гостување во емисијата „Економски магазин“ на ТВ Алсат, министерот за финансии Фатмир Бесими ги одобрува најавите на вицепремиерот Љупчо Николовски за парично ограничување на трошењата што ги имаат министрите на државните картички.

– Секој предлог, секоја иницијатива што ќе значи намалување на несуштински, непопуларно кажано, трошоци од Буџетот, за Министерството за финансии е добредојдена, затоа што тоа значи подобро дизајнирање на Буџетот од аспект на економскиот развоен импакт – рече Бесими во емисијата „Економски магазин“ на ТВ Алсат.

Вицепремиерот Николовски најави донесување систем со кој ќе се утврдува износот на платежната картичка со која ќе располагаат министрите.

Костадинов: Повеќе од 1.300 компании добија бескаматни кредити

Повеќе од 1.300 компании, од почетокот на корона-кризата, се поддржани со бескаматни кредити, информираше портпаролот на СДСМ, Константин Костадинов.

– Преку бескаматните кредити од кредитната линија Ковид 1 вкупно беа одобрени и исплатени 737 кредитни апликации на компании што вработуваат повеќе од 6.500 лица. Оваа линија беше наменета за компании од угостителската, туристичката и од транспортната дејност, кои беа и први погодени од кризата. Со кредитната линија Ковид 2 беа одобрени 639 кредитни апликации на домашни компании, кои вработуваат вкупно 11.325 лица. Со двете кредитни линии беа поддржани повеќе од 1.300 домашни компании. Она што е важно да се напомене е дека најголем дел од поддржаните субјекти се микро компании што вработуваат до 10 лица, што во реалноста значи дека државата во најголем дел застана зад семејните, мали бизниси, кои се есенцијата на нашата економија – рече Костадинов.

 

The post Мириса на нови кредити, короната и старите долгови ги трошат парите appeared first on Слободен печат.


Мириса на нови кредити, короната и старите долгови ги трошат парите was first posted on септември 24, 2020 at 2:44 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....