Игор Џамбазов ја забележал Ферхунде од терасата на куќата во која живеел во Сретеново. Кучето се движело околу ресторанот „Гранико“, спроти неговиот дом, и било најмалото од петте кученца во леглото. Во емисијата „Без рачна“, додека се возеше низ Дојран со водителката Ангела Апостоловка Петрески, Џамбазов се присети на деновите пред да ја вдоми.
„И јас од терасата на мојата куќа, која се наоѓаше спроти ресторанот Гранико, гледав како Ферхунде не може да дојде до храна, како ја шуткаат, ја малтретираат, полупијани гости и така натаму“, раскажа Џамбазов.
Одлуката ја донел набргу откако му угинала мачката Емилија.
„И еден ден одлучив дека нема да дозволам повеќе никој да се изживува со неа“, рече тој.
Бидејќи требало да замине на шестдневно патување, ги замолил жените што работеле во кујната на ресторанот да ја причуваат Ферхунде додека се врати. Кучето имало крлежи и по вдомувањето поминало еден месец на ветеринар.
„Па, решив да ја вдомам и еден месец беше на ветеринар, а јас секој ден патував од Дојран до Гевгелија за да ја видам“, рече Џамбазов.
