13.8 C
Скопје
11:56 - 29 октомври, 2026

(Видео) 20 години без Наско Џорлев – авторот на една од најубавите љубовни песни „Не кажувај либе добра ноќ“

На 27 октомври се навршија 20 години од смртта на легендарниот македонски композитор и музичар Наско Џорлев, чии песни и денес се пеат и се пренесуваат од генерација на генерација. Авторот на некои од најпознатите македонски народни и љубовни песни остави зад себе богато музичко наследство, но и семејство во кое љубовта кон музиката продолжува да живее.

По повод годишнината од смртта на својот дедо, на Фејсбук се огласи пејачот Огнен Здравковски. Тој сподели напис посветен на Наско Џорлев и му оддаде почит со кратка, но емотивна порака.

„Вечна слава, дедо“, напиша Огнен, додавајќи црвено срце.

Наско Џорлев е роден во 1932 година во Струмица, градот со кој останал поврзан во текот на целиот живот. Љубовта кон музиката го одвела на студии по фолклор во Белград, а по враќањето во родниот град работел како професор по хармоника и труба. Подоцна го формирал својот ансамбл, со кој настапувал на бројни концерти и турнеи, претставувајќи ја македонската народна музика пред публиката.

Неговите песни „Не кажувај либе добра ноќ“, „Во Струмица на улица“, „Кажи, кажи облаче ле бело“, „Фато мори душманке“, „Дедо мили златни“ и „Земи оган запали ме“ и денес се дел од македонската музичка ризница. Некои од неговите композиции толку длабоко се вкорениле во народот што со текот на времето почнале да се доживуваат како изворни народни песни. Во текот на богатата кариера соработувал со бројни музичари, меѓу кои Петранка Костадинова, Виолета Митева, Уснија Реџепова и Ферус Мустафов.

Но, музичкото наследство на Наско Џорлев не се состои само од песните што ги оставил зад себе. Тој е основоположник на една од познатите македонски музички фамилии, во која талентот и љубовта кон музиката се пренесуваат од колено на колено. Долги години го предводел семејниот состав „Џорлеви“, а неговите деца продолжиле по неговиот пат.

Неговиот син, виолинистот и професор Зоран Џорлев (1967–2021), беше меѓу најпознатите македонски музичари. Со својата виолина им даде нов живот на многу македонски народни песни, настапуваше на бројни концерти и ја продолжи мисијата на својот татко – зачувување и промовирање на македонската музичка традиција. Зоран почина во 2021 година, оставајќи голема празнина на домашната музичка сцена.

Музиката беше важен дел од животот и на другите членови на семејството. Синот Ристо Џорлев свирел тапани во семејниот состав, додека ќерката Софче Џорлева својот професионален живот го посветила на музиката и на сцената на Националната опера и балет, каде што поминала четири децении.

Третата генерација ја претставува и Огнен Здравковски, кој го наследил музичкиот талент од своите предци и изградил сопствена пејачка кариера. Во повеќе наврати зборувал за влијанието што го имале неговиот дедо Наско и вујко му Зоран врз неговата љубов кон музиката. Признавал и дека жали што бил премногу мал кога починал дедо му, па немал можност да научи повеќе од него.

Посебно место во семејната приказна има песната „Не кажувај либе добра ноќ“, која Огнен ја преработи во 2025 година во спомен на својот вујко Зоран Џорлев. За младиот пејач таа има особено значење, бидејќи ја доживува како семејна химна.

Наско Џорлев почина на 27 октомври 2006 година, а според неговата желба беше погребан во родната Струмица. Две децении подоцна, неговото име продолжува да живее преку песните што ги создал, музичарите на кои им го пренел своето знаење и потомците што со гордост го продолжуваат неговото дело.

Музичкиот пат го продолжија и внуците на Наско Џорлев, меѓу кои и Наско Џорлев Јуниор, постариот син на покојниот виолинист Зоран Џорлев, кој го носи името на својот дедо. Тој дипломирал класична гитара на Факултетот за музичка уметност и се занимава со музичка педагогија.

Неговиот помлад брат Мартин Џорлев, исто така, е музичар, но својот уметнички пат го гради и на алтернативната музичка сцена. Почнал да свири хармоника, на која освоил бројни награди, а подоцна се посветил и на други инструменти, авторска музика и различни музички проекти. Познат е по соработката со групите „Луфтанза“ и „Зулу 3.4“, како и по соло-проектот „Стој, После!“. Неговиот деби-албум „Умре ти, се родив јас“ е длабоко лична музичка приказна поврзана со загубата на татко му Зоран.

Музиката ја избрала и Олгица, ќерката на Софче Џорлева и сестра на Огнен Здравковски, која е виолинистка. Така, музичката традиција на семејството Џорлев продолжува да живее и кај помладите генерации, кои секој на свој начин го негуваат наследството на легендарниот композитор.

Слични објави

Кристина Арнаудова ја прослави домашната слава Света Петка: „Најубавиот ден во нашиот дом“

Еспресо

Црногорска актерка за 20 години работа добила 216 евра: Се огласила бесна, на ден добивала само 3 центи

Еспресо

Варена или печена пченка? Три начини да ја подготвите дома за да биде сочна и вкусна

К.С.

За жените што не се вклопуваат во туѓите очекувања и не се плашат да бидат свои: Тамара Тодевска со силна порака

Еспресо

Дневен хороскоп за 29 октомври: Бидете внимателни со финансиските зделки

apostolova

„Брзо ја преболе смртта на Саша!“: Сузана Јовановиќ ја поврзуваат со пејач, ѝ местат афера

Еспресо
Се вчитува....