7.8 C
Скопје
00:28 - 27 април, 2024

КОЛУМНА НА ДАНИЕЛА АНТОНОВСКА: Леб и рози, среќен ли е 8 Март?

,,Леб и рози“- филм од 2000 година во кој е прикажана борбата за подобрување на работните услови и правото на синдикално организирање на слабо платените хигиеничарки/ри во САД. Во самиот наслов ,,лебот“ упатува на сигурност, дом, безбедност, додека пак ,„розите“ симболизираат надеж, живот, убавина. ,,Сакаме леб, но сакаме и рози, исто така,“ гласи една од паролите алудирајќи дека сите имаат право на достоинствен живот и достоинствена плата. Филмот всушност упатува на познатиот штрајк на текстилните работнички во Лоренс, САД во 1912 година. Додека пак, слоганот ,,Леб и рози“ е дел од говорот што во 1910 г. го одржала Хелен Тод, фабричка инспекторка и активистка за право на глас на жените, која патува низ САД и држи говори за женските права, за правото на „леб за сите, но и рози“. Во првите редови на штрајкот забележително е големото присуство на жените и тоа мнозинство од нив имигрантки. Штрајкот на овие жени е една од првите победи на жените работнички во светот и има значајно место во борбата за родова рамноправност.

Фото- Даниела Антоновска: Живееме во земја каде што во голем процент од општините нема ниту еден гинеколог, каде родилки остануваат без витални органи при породување, каде на институциите им треба многу време за да почнат да постапуваат за случаи како ,,Јавна соба“, а од 81 општина само две општини се водени од жени.

8 март сè повеќе станува ден на цвеќето

Зошто го споменувам ова и каква е поврзаноста со 8 март? Меѓународниот ден на жените 8 март се одбележува како празник на економската, политичката и социјалната рамноправност на жените. Социјалистичките движења во раните 1900-ти под водство на Социјалистичката партија на Америка ги поставуваат основите на борбата за еднакви економски и политички права помеѓу мажите и жените и воедно се инсистира на одбележување на посебен ден посветен на жените. На 28 февруари 1909 г. за првпат во Њујорк, САД, по иницијатива на Социјалистичката партија е одбележан првиот Ден на жената. На улиците на Њујорк марширале 15.000 жени барајќи подобро работно време, подобра и еднаква плата и право на глас.

Во Европа, германската социјалистка и активистка за женски права, Клара Цеткин, говорничка и застапничка за еднакви права и право на глас на жените, предложи воспоставување на годишен Меѓународен ден на жената на Првата Меѓународна конференција на жените во рамки на Втората интернационална во Копенхаген. Предлогот на Цеткин бил едногласно прифатен од сите присутни жени од 17 држави, вклучително и првите три жени пратенички кои веќе биле избрани во Парламентот на Финска во 1907 г. Датумот не бил точно утврден. Веќе во 1911 година жените и мажите маршираат на 19 март низ улиците на Австрија, Данска, Германија и Швајцарија, одбележувајќи го Меѓународниот ден на жената. Во Русија, во тогашен Петроград, во 1917 г. група жени започнуваат штрајк во траење од четири дена од кои првиот ден е 8 март. Бараат леб, мир и право на глас додека пак, мажите револуционери биле вознемирени од овие демонстрации во чија основа лежат барањата за подобри работни услови и подобра плата кои според нив требало да се бараат на 1 мај. Протестите кои започнале на 8 март 1917 г. прераснале во секојдневни штрајкови на повеќе од 40.000 работниците со жените работнички во првите редови. Воедно и 8 март тогаш се поставува како датум за одбележување на Меѓународниот ден на жената. Илјадници луѓе се појавуваат на улиците обединувајќи ги барањата на социјалистите и суфражетките. Женските движења без разлика дали биле за правото на глас или за подобрување на работничките права биле поврзани и на национално и на меѓународно ниво.

Во 1977 г. на Генералното собрание на ОН усвоена е резолуција со којa 8 март се прогласува за Меѓународен ден на жената. Денот е причина да се разгледа и да се размисли за постигнатиот напредок, за повикување на промени и за славење на решителноста на обичните, знајните и незнајните жени кои одиграле важна улога во борбата за родова еднаквост.

Но, со текот на годините, приказната за денот добива и друг тек. Розите го заземаат приоритетното место пред лебот и денот сè повеќе станува ден на цвеќето. Премногу комерцијализиран со премногу блесок и сјај. Работен ден, но сепак неработен, со евтини менија што чинат скапо. Скршнување од онаа првична доминантна идеја за леб и права.

Висока концентрација на работни места, кои се помалку платени и несигурни

Среќен ли е 8 март? И толку години од првичните протести жените сѐ уште заработуваат во просек 14,1% помалку од мажите во ЕУ, околу 736 милиони жени – речиси една од три – биле изложени на физичко и/или сексуално насилство од интимен партнер, секој ден 137 жени се убиени од член на нивното семејство. Во 2022 година на секои 100 мажи ќе има 122 жени кои ќе живеат во екстремна сиромаштија. Жените се 82% од касиерките во ЕУ, 95% од оние кои работат како домашни негувателки, помошнички, хигиеничарки, а тое е висока концентрација на работни места кои се помалку платени и несигурни. Жените од руралните средини сѐ уште се соочуваат со родова дискриминација поради традиционалната и нееднаквата поделба на ресурси и присутните стереотипи. Пандемијата на ковид 19 предизвика 54% од жените да ги изгубат своите работни места, а 734 милиони девојчиња да останат надвор од образовниот систем. Живееме во земја каде во голем процент од општините нема ниту еден гинеколог, каде што родилки остануваат без витални органи при породување, каде што на институциите им треба многу време за да почнат да постапуваат за случаи како ,,Јавна соба“, каде што сите деца не се вклучени во образовниот систем, каде од 81 општина само две општини се водени од жени, каде што одредени немнозински заедници се повеќекратно дискриминирани, каде во текот на една година (2018) само кај текстилните работнички се пријавени 5.379 прекршувања на работничките права. Дали е среќен 8 март за жените во Украина, дали е среќен 8 март за бегалките и мигрантките по камповите, за самохраните мајки кои се скоро 85% од сите самохраните родители во ЕУ и од кои 48% се изложени на ризик од сиромаштија.

Темата на овогодинашниот Меѓународен ден на жената е ,,Родова еднаквост денес за одржливо утре.“ Без родова еднаквост денес, без слушање на гласот на жените и девојките и без нивно учество како ,,еднакви играчи“ во донесувањето одлуки на секое ниво, нема да има одржливо утре. Време е за континуирани заеднички напори за социјална, економска и политичка еднаквост. Декларативните заложби не нѐ водат кон фактичка родова еднаквост. Време е за суштински заложби. Време е институциите да почнат навистина да работат овде и секаде во светот.

Честит 8 Март!

 

Слични објави

Кој е владиката Иларион кој го предводеше погребот Бојана Јанковиќ: Глумеше во популарна серија, па се замонаши

еспресо

(Видео) Драгана Мирковиќ со куфер во рака на аеродромот во Белград: Налета на Теја Дора која патува на Евровизија

Еспресо

Погребана Бојана Јанковиќ: Водителката испратена со песна, нејзиниот поранешен сопруг одржа трогателен говор

Еспресо

(Фото) Најновото огласување на Никола Роквиќ на патот кон Грција ги остави сите без текст: Не можете да замислите каква сума собрал!

Еспресо

Теа Таировиќ конечно вљубена до уши! Еве кој е згодниот дечко на атрактивната пејачка

Еспресо

(Видео) Обезбедувањето на раце ја изнесе Цеца од концертот: Боса едвај го задржа фустанот

Еспресо
Се вчитува....