26.8 C
Скопје
18:34 - 18 мај, 2024

Трамп не е болест, туку е симптом на болеста

Не постои здраворазумен човек на планетава кој искрено не се изнасмеа на глупоста што пред некој ден од говорница ја истреска Доналд Трамп, официјално најмоќниот човек на истата планета. Американскиот претседател се пофали дека ги читал научните истражувања со кои се потврдуваат претпоставките дека средствата за дезинфекција го уништуваат коронавирусот, како и ултравиолетовите (УВ) светла, па заклучи пред очите на американската јавност дека не би било лошо да се пронајде начин дезенталот и УВ-ламбите да се вметнат некако во утробите на заболените луѓе и на тој начин да се излекуваат.

Оваа „дисертација“ на „лидерот на слободниот свет“, ме потсети на една дамнешна дискусија што се водеше помеѓу неколку личности во забавиште. Повеќето деца се прашуваа како тоа на телевизорот се појавуваат луѓе за набргу да бидат убедени од најгласниот меѓу нив, кој со бескрајна самоувереност им објасни дека во ТВ-приемниците всушност живеат мали луѓе кои ние, ете, ги гледаме. Тоа дете подоцна порасна, стана политичар и со истата самоувереност беше директор на повеќе јавни претпријатија, а јас сум сигурен дека тој ни сега не знае да објасни што е тоа телевизија.

Но детето што порасна и стана политичар, како впрочем и Доналд Трамп, во суштина не се причина за нашата несреќа. Односно тие не се „болното ткиво“ кое го уништува нашето општество во целина, туку проблемот е на сосема друга страна од равенката.

Прославениот американски новинар Крис Хеџес, добитник на Пулицеровата награда и поранешен уредник на „Њујорк тајмс“, а воедно и автор на неколку бестселери, пред некој ден објасни дека Доналд Трамп не е олицетворение на болеста што ја зарази Америка, туку е симптом на заразата што ја инфицираше земјата уште пред неколку децении.

„Демократската партија на Америка во времето на Бил Клинтон во потполност се откажа од работничката класа. Демократите завртија во десно и станаа партнери на ‘Волстрит’, со што само се зголеми моќта на воено-индустрискиот комплекс. Претставниците на Демократската партија не направија ништо особено кога Џорџ Буш го нападна Ирак, а Барак Обама беше само ‘црната маска’ на олигархијата, своевидна маскота на крупниот капитал што во меѓувреме се исели од Америка и своите фабрики ги отвори во земјите од Далечниот Исток. Доналд Трамп е вистинската слика на системот, со што сите маски на елитата паднаа во вода“, вели Хеџес.

Дека Трамп е опасен по здравјето на луѓето, потврди и веста дека неколку луѓе во САД починале или се во тешка здравствена состојба бидејќи консумирале дезентал. Но, сметам дека Хеџес е во право кога вели дека Трамп не е причината на проблемот. Колку тој и да изгледа дегутантно во споредба со Обама, сепак, гледано статистички, резултатите од претседателствувањето на двајцата не се разликуваат премногу. Ниту во поглед на тоа како живеат просечните Американци, ниту по прашањето на светската безбедност и воените интервенции на американската војска. Нијанси се во прашање.

Наравоучението за нашата земја од оваа приказна секако дека треба да се извлече. До пред само неколку години Македонија беше потполно заробена држава од малата групировка на братучеди, кумови и пријатели на Никола Груевски. Самиот Груевски дојде на власт, користејќи го расколот во СДСМ, откако претходно „сталинистички“ се пресмета со неистомислениците во ВМРО-ДПМНЕ. Работничката класа во Македонија своите права ги загуби долго пред доаѓањето на Груевски, а економската состојба беше катастрофална уште од распадот на СФРЈ.

Но, синдикалното движење сѐ уште е без никаква моќ, а работодавачите повторно имаат преголемо влијание во власта. Затоа, можеби оваа пауза што ни ја овозможи пандемијата би можела да се искористи за зајакнување на работничките права и за подобрување на економските и социјалните позиции на работниците. Се разбира, сè со цел да не пропиеме и ние дезентал во блиска иднина.

The post Трамп не е болест, туку е симптом на болеста appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....