5.8 C
Скопје
05:50 - 29 март, 2024

ИНТЕРВЈУ Талат Џафери: Додека Али Ахмети дише, не би требало некој да сонува да го симне од таа позиција

Првиот Албанец претседател на Собранието, Талат Џафери, според многумина еден од најдобрите спикери, објаснува зошто не го свикал законодавниот дом откако се самораспушти, зборува за личните и партиските амбиции, за кариерата, за професионализмот, за иднината на државата…

Епидемија – исплашени сте, се штитите?

– Станува збор за пандемија прогласена на светско ниво по препорака на Светската здравствена организација, што значи сите сме засегнати и, се разбира, преземени се соодветни мерки. Не е коректно да се каже дека се нема страв, меѓутоа не страв како конкретен поим, туку како состојба што се менаџира, имајќи ги предвид сериозните последици од пандемијата. Лично, се однесувам како и секој граѓанин, односно ги следам препораките на СЗО и на институциите.

Ќе страда и економијата, како тргнало жртви ќе бидат и функционерските плати, не е фер, нели?

– Секако дека оваа состојба ќе има влијание врз економските текови. На прашањето за примањата на пратениците конкретно, ние и во претходни ситуации сме имале и сме искажале солидарност и безрезервно сме ги прифатиле предлозите на Владата. Ние сме дел од општеството и тоа е најмалку што можеме да направиме за да придонесеме во справувањето со последиците од вирусот по економијата.

И ученици бегаат од часови, па се враќаат следниот ден на настава, ја утнавте ли со несвикувањето на Собранието откако го распуштивте?

– Мислам дека не Ви е коректна аналогијата на еден наставен час со уставната поставеност на Собранието. Потенцирам, не е коректна воопшто. А во однос на прашањето дали ја утнав, сметам дека постапив правилно, затоа што одлуката за распуштање, донесена со соодветно мнозинство, е уставна категорија и моите надлежности како претседател на Собранието се во тој поглед ограничени. Моето решение за евентуално свикување на Собранието, не може да биде над одлуката за самораспуштање на Собранието. Да прецизирам: не може со решение на претседател на Собрание да се поништи одлука донесена на пленум. Имено, откако Собранието ќе се самораспушти, според Уставот, во определен рок (60 дена) од самораспуштањето, треба да се гласа за нов пратенички состав. Сходно на тоа, а врз основа на одговорот добиен од ДИК во однос на роковите за нивните активности, јас ги распишав изборите и 12 април беше определен за ден за одржување на изборите. Според Уставот, единствен надлежен орган што може да ја поништи или да ја укине одлуката на Собранието е Уставниот суд. Постапките и надлежностите се соодветно пропишани, при што секој граѓанин  можел да поведе иницијатива. Да повторам: со одлуката да не го свикам повторно Собранието, јас не ја утнав работата, туку напротив, ја запазив уставната поставеност на нештата и не дозволив преседан што во иднина би се искористувал во која било ситуација, за која било потреба. Оценката ја оставам на граѓаните и на стручната фела.

Но, некои велат дека партиски инает бил во прашање поради коалицијата на СДСМ со БЕСА, точно?

– Јас не се раководам од кулоарски размислувања. Уште на почетокот од мојот мандат, во мојата прва изјава пред граѓаните ветив дека ќе бидам претседател на сите, без оглед дали се власт или опозиција. Нема да дозволам узурпација на институцијата Собрание. Уште тогаш јавно се произнесов дека сите партиски функции ги ставам во мирување и по однос на поставеноста на политичките партии ќе бидам неутрален. Мислам дека докрај останав доследен на моите ставови. А во однос на коалицијата, нема ама баш никаква врска со мојата одлука!

Рамковниот заврши со имплементација и на петтиот уставен амандман. Што сега, на што ДУИ ќе гради изборен популизам?

– Штом веќе инсистирате да зборувам како претставник на ДУИ, можам да Ви кажам дека никогаш во овие две децении постоење, не сме се раководеле од популистички пориви туку сме биле доследни на договореното. Да, во овој период тежиштето беше на политичките теми на надворешен и на внатрешен план: заокружување на легислативниот дел од Рамковниот договор, полноправно членство во НАТО и отворање преговори со Европската Унија. Сега кога ги заокруживме напорите за ангажман по овие теми, односно со реализација на овие теми, се отвора простор за поместување на тежиштето на економските теми.

Симболите, државните симболи, химната, тие не беа во Рамковниот пакет?

– Можеби директно не беа дел од пакетот Рамковен, но симболите, државните симболи, химната, не смеат да се третираат како нешто недопирливо. Тие треба да се одраз на новата реалност и на идните потреби на граѓаните.

Може ли да ја замислите Македонија, секако оваа Северна, како унитарна и во наредните дваесетина години?

– Наредните дваесетина години не зависат од ничија индивидуална замисла. Тоа ќе зависи ексклузивно од однесувањето на политичките чинители во однос на развојот и потребите на граѓаните. Секако дека товарот во тоа однесување зависи од однесувањето на мнозинската заедница во државата и од ефектите од него. А особено треба да се имаат предвид надлежностите во контекст на членството во НАТО и во ЕУ.

ЈНА, па АРМ, па ОНА, каде, во која формација војничката кариера Ви беше најтешка, во која принудна, во која најтажна?

– Во ниту една од споменатите формации не сум бил несвесно, а најмалку под нечија принуда. Во однос на наброените чувства како тешко, тажно итн., не се оптоварувам емотивно, затоа што првенствено се однесувам професионално кон моите надлежности.

Амнестија е цивилизациски чин за помирувања и перспективи, но останаа и флеки од конфликтот како оние „хашките“, ве јаде ли јанѕа за некои од нив, некое чувство на неправда?

– Прво и основно, не чувствувам потреба да ме јаде некаква јанѕа. Ние бевме во состојба од која излеговме со Рамковен договор. Зошто би имал јас некое лично чувство на неправда, кон што било? Овие прашања се уредени со закон, а чувството е нешто што секој индивидуално го има.

Не бевте првоборец ниту во ОНА, ниту бевте меѓу основачите на ДУИ, прашањето е како толку високо котирате и во партијата и во државата?

– Мојот статус во ОНА и во партијата не е работа на, слободно ќе кажам, ваша констатација. Статусната позиционираност е нешто што треба да го знаат водството и раководството на партијата. Впрочем, при формирањето на партијата на 5 јуни 2002 година, јас бев дел од работната група за формирање. Ако тоа не ме става во редот на основачите на партијата, тогаш не знам што ме става. Исто така, бев дел и од меѓупартискиот координативен совет што се формираше во 2002 година и таму бев како еден од претставниците на ОНА. А во однос на котирањето, тоа е одраз на мојот професионален однос кон доделените обврски за време на овој период.

Миленик сте му на Али Ахмети, лично сте го задолжиле или по заслуга сте меѓу неколкутемина негови врвни партиски кадри?

– Прво, не би рекол дека сум миленик на Али Ахмети ниту на некој друг, а уште помалку сум го задолжил со нешто. Мојот однос кон нештата е тоа што било вреднувано од раководството и од граѓаните. Потенцирам, мојот одговорен однос резултира со мојот статус.

Не се симнавте од државна функција и тоа која од која повисока, ќе бидете ли првиот Албанец претседател на државава?

– Прво и основно, никогаш не сум си предодредил себеси каде и што сакам да бидам, но, како што нагласив, тоа што ми било доверено, одговорно сум го спроведувал. А дали ќе бидам првиот Албанец претседател на државава, тоа не зависи ниту од мене ниту од вас, тоа е резултат на изборните процеси и волјата на граѓаните. Кажав, никогаш не сум си предодредил себеси каде се гледам на некоја функција.

Добра ли беше СФРЈ воопшто, што посебно не чинеше во неа за Албанците, уште тогаш се негуваше јазична рамноправност, нели?

– За тоа колку беше добра, не е моја работа да ценам. Начинот како се распадна СФРЈ тоа го покажа. Во однос на Албанците, можеби прашањата беа убаво регулирани на хартија, меѓутоа во реалност – ништо од тоа.

Кај и да е Северна Македонија ќе ги симне сите административни гранични бариери, ќе биде ли тоа конечно Голема Албанија или не е доволно?

– Штом вака ми го поставувате ова прашање, изолирано по однос на Северна Македонија, би било коректно најпрвин да ми кажете Ваш став, што Вие подразбирате под Мала Албанија, за да можам да Ви одговорам колку ќе биде доволно или не. Потенцирам, одговорот е соодветен на начинот како е поставено прашањето.

Од каде стравот кај Македонците од албанизација на државата?

– Прашањето Ви е поставено на погрешна адреса. Ако последниве дваесет години не биле доволни за Македонците да се ослободат од тој страв, не знам кој би бил рецептот за да им помогнам во тоа.

Ако на претстојните избори ДИУ се збогува од власт, би го посакале ли лидерството во партијата или сега е опасно да се проговори за тоа?

– Каков статус ќе има ДУИ по изборите, не зависи ниту од Вашата претпоставка ниту од мојот одговор. Одговорот ќе го дадат граѓаните на денот на гласањето. Во однос на лидерството во партијата, не е првпат како ми се поставува ова прашање, така што ќе Ви одговорам. ДУИ имаше редовен конгрес на кој беше реизбран Али Ахмети за претседател на партијата. Сум рекол и ќе повторам, додека Али Ахмети дише, не би требало некој да сонува да го симне од таа позиција.

Здодевно ли Ви е без собраниските седници, Ви недостига ли дисциплинирањето на пратениците?

– Прво и основно, јас не сум вечен претседател, па да ми недостига. Tоа е мандатен период што помина со одлука, а во однос на дисциплинирањето на пратениците, можеби Вие имате такво чувство, но тоа е обврска на секој пратеник во секој мандат. Да бидат дисциплинирани и посветени на обврските што своеволно ги прифатиле и затоа не чувствувам потреба да бидат кон мене дисциплинирани.

Некои актуелни политички анализи упатуваат на нова дружба со ВМРО-ДПМНЕ, коалициски ДУИ полесно се справува со неа?

– Предизборните и постизборните коалиции не зависат од претпоставки и од анализи, туку првенствено од изборните резултати и од други околности при составувањето на програмските определби на политичките чинители. ДУИ првично во 2002-2006 година беше во коалиција со СДСМ, потоа беше со ВМРО-ДПМНЕ, па повторно со СДСМ. Не е ДУИ виновна што во македонскиот блок неколку циклуси по ред победуваше ВМРО-ДПМНЕ.

Пред Вашите и пред очите на партијата десет години се раѓаше антиквизацијата, инженеринг што Македонија ја оттурнуваше од НАТО и од ЕУ. Во што беше вицот, која беше компензацијата за молкот?

– Оваа теза на многумина им служи како наратив против ДУИ. Ако е така, многу нешто се вети во однос на овој проект, меѓутоа што се измени од 2016 година наваму? Единствено што се извадија оградите пред Владата, а останаа столбовите. Каде е вицот тука?

Заменик, па министер за одбрана, беше ли тоа триумф на ОНА врз АРМ?

– Првин, ниту од мене ниту од партијата моето назначување за заменик-министер за одбрана во 2004-2006 година, па министер за одбрана во 2013-2014 година, не се третираше како нечиј триумф врз некого, тоа е едноставно одраз на новата реалност, новите околности со кои се надминаа и се срушија одредени стереотипи од претходно.

Чувствувате ли тогаш доза на непријатност при средбите со офицерите со кои до 2001-ва другарувавте и кои потоа ги гледавте преку нишан?

– Ако инсистирате да говориме за чувства, тие би требало да се согледуваат обострано. При вршењето на овие функции не сум имал потреба од чувство на инфериорност. Впрочем, мојот професионален однос кон нештата придонесе да немам такво чувство на непријатност. Повторувам, паднаа стереотипите и во однос на ова прашање едностран одговор не би бил целосен одговор, затоа мислам дека би било потребно да ги прашате и моите поранешни колеги за чувствата.

Родното село Форино го прославивте со Форина како командант во ОНА, псевдонимот беше Ваш избор или на соборците?

– Секако дека тој избор беше мој, затоа што претходно бев во АРМ и при вклучувањето во ОНА јас немав потреба да имам некој псевдоним, затоа што јас свесно излегов и немав потреба да се кријам зад псевдоним.

Спомен-обележјата од 2001-ва, ќе преживее ли некогаш некоја плоча на Карпалак или тоа таму не е македонска територија?

– Колку што ми е познато, плочата стои таму и јас не го сфаќам контекстот зошто мене ми го поставувате ова прашање.

Месецов Ви е роденден, каков подарок посакувате за Вас лично?

– Да, точно, роденден ми е. Од 2017 година наваму овој месец ми е значаен по три прашања. На 15 април ми е роденден, на 18 април 2017 година ненадејно го изгубив мојот среден брат, a на 27 април, знаете под какви околности, бев избран за претседател на Собранието. Најпрвин здравје, тоа е најголемиот подарок.

Што за семејството?

– Подарок што го посакувам за семејството, пред сѐ и над сѐ, е здравје, благосостојба и напредок.

За партијата?

– Подарок за партијата, се разбира, успех на наредните избори!

Посакувате ли подарок и за државата?

– Државата оваа година ги доби најпосакуваните и највредните подароци, односно полноправно членство во НАТО и почеток на преговори со Европската Унија. За жал, не нѐ одмина пандемијата на коронавирус и јас посакувам од неа да излеземе со што помали здравствени последици по граѓаните и економски последици по државата.

Како пратеник од говорницата војувавте со молчење и со читање поезија, потоа како собраниски спикер Ви се враќаше ли таа деловничка аномалија?

– Не би сакал да се навраќам на анализа на сите случување во Собранието. Не мислам дека мене лично ми е вратено нешто во однос на парламентарното делување. Битно е да сфатите што е парламентарна демократија и дека тоа придонело во развојот и созревањето на институцијата. За жал, Вашата констатација не кореспондира со поставеноста на темелните вредности.

СДСМ открадна многу изборни гласови на гласачите Албанци, се граѓанизира ли Северна Македонија врз „грбот“ на ДУИ?

– Прво и основно, определбата и гласањето на граѓаните е нивно исклучиво право. Тоа не смее поинаку да се третира. Граѓанизацијата на Северна Македонија не зависи од фактот за кого ќе гласаат граѓаните. Концептот на граѓанство е во темелните документи што го одредуваат карактерот на државата. Нашиот Устав, за жал, не ги санкционира на ваков начин нештата по однос на граѓанскиот концепт.

Дали е можно и што е за Вас „едно општество за сите“?

– Не знам што Вие подразбирате под концептот „едно општество за сите“, но според мене, најкратко кажано, тој е еднаков на претходниот концепт братство-единство, што беше ист со претходниот концепт – еднаков свет за сите. Можеби помладите генерации не ја разбираат оваа равенка, меѓутоа постарите генерации ќе можат да извлечат заклучок од неа.

Густо беше на 27 април 2017, што од тие настани сакате да заборавите, а што ќе паметите цел живот?

– Прво и основно, 27-ми не може и не смее да се заборави. Но, сите ние сме фокусирани на иднината и да не дозволиме да ни се повтори.

На самиот крај од мандатот, се исплашивте ли од ново собраниско мнозинство без ДУИ?

– Лично, нема потреба од ништо да се плашам. Ако некој мислел да прави поинакво мнозинство, требало поинаку да постапи. Наместо распуштање, можеле да побараат поинакво мнозинство, но се знае како се доаѓа до тоа. Но, сум кажал, не се водам од претпоставки, туку со аргументи и издржани процедури.

Се смеете ли некогаш?

– Ха, ха, ха…!

– Ха, ха, ха…!

The post ИНТЕРВЈУ Талат Џафери: Додека Али Ахмети дише, не би требало некој да сонува да го симне од таа позиција appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....