10.8 C
Скопје
09:57 - 18 април, 2024

Драгана Младеновска, фитнес-инструктор: Не е доволно само да следиме одреден режим, туку да бидеме среќни со тој режим

За оние што мислат дека ви се „лепи“ и водата, следниот пат кога ќе го помислите тоа, знајте дека не е водата виновна, туку вишокот енергија во телото!

фото – приватна архива

Грижата за сопственото здравје е почит кон себе и блиските. Балансираната исхрана и физичката активност нè прават сити, енергични, мотивирани, продуктивни и среќни. За тоа кои се вистинските придобивки од промената на животниот стил и навики, разговаравме со Драгана Младеновска, магистер по фармација, диететика и фитнес-инструктор.

Како изгледа правилната исхрана?

– Основната цел на правилната и избалансирана исхрана е да ви го подобри квалитетот на живот преку повеќе аспекти, подобрувајќи го вашето физичко и ментално здравје. Грешка е да се воведуваат промени само заради подобрување на физичкиот изглед, правилната и балансирана исхрана е многу повеќе од само храна. Битно е како се чувствуваме со храната што ја внесуваме, дали се чувствуваме заробено следејќи одреден режим и дали тоа нè притиска. Целта кон подобрување на навиките треба да биде длабока, не е доволно само да следиме одреден режим, туку да бидеме среќни со тој режим. Да не се бориме со себе, туку да уживаме.

Дали здравата храна дебелее?

– Не е здравата храна „магична“ и таа дебелее доколку сте во калориски суфицит постојано, но таа покрај калориите има дополнителни нутритиенти, витамини, минерали и други карактеристики што ја прават посупериорна во однос на брзата храна, која е полна само со празни калории. Сепак калории се калории! И за оние што мислат дека ви се „лепи“ и водата, следниот пат кога ќе го помислите тоа, знајте дека не е водата виновна, туку вишокот енергија во телото!

Кои се најчестите грешки поврзани со вечерата?

– Ако немате план што ќе јадете и оставате на моментот, тогаш посегнувате по што било, јадете многу и обилно и најчесто брза и процесирана храна. Следен пат испланирајте ја вечерата навреме, така ризикот да изедете што било ќе биде многу мал. Друга грешка е и свесното избегнување вечера, што обично резултира со обилна вечера доцна, односно непосредно пред спиење. Во грешки со вечерата би го спомнала јадењето пред телевизор и пиењето алкохол.

Што е најбитно за слабеење, исхраната или физичката активност?

– Нема да можете да постигнете калориски дефицит и да слабеете ако сте само физички активни, а притоа воопшто не внимавате на храната, но слично би било и спротивното, нема да биде лесно само преку храна да го донесете телото во толкав енергетски дефицит и да слабеете ефикасно. За најдобри резултати најдобра е комбинацијата.

Испланирајте ја вечерата навреме, така ризикот да изедете што било ќе биде многу мал. Свесното избегнување вечера обично резултира со обилна вечера доцна, односно непосредно пред спиење. Фото – приватна архива

Зошто е важна редовната физичка активност?

– Редовната физичка активност е еден од најдобрите начини за подобрување на целокупното здравје и намалување на ризикот од многу заболувања, вклучувајќи го тука и менталното здравје, односно целокупна благосостојба на организмот.

Еве пет причини зошто е важна редовната физичка активност: подобро здравје, зголемена ментална и физичка енергија, зголемена продуктивност, повеќе самодоверба, намален ризик од појава на хронични болести.

Не чекајте понеделник за да почнете, активирајте се денес.

Како да се мотивираме да вежбаме?

– Ќе ви набројам десет причини зошто да започнете да вежбате: за подобро расположение, за контрола на килограмите, за контрола на апетитот, подобра самодоверба, подобра циркулација и метаболизам, за да немате болки во грбот и зглобовите, за поубав сон, за попродуктивен живот, за она „фит чувство“, кога сфаќате дека можете да направите нешто што пред извесно време не сте можеле да го направите, за да го намалите ризикот од хронични болести.

Стресот е причина за многу современи проблеми и болести. Може ли вежбањето да ни помогне во менаџирање на стресот?

– Вежбањето има уникатен капацитет да ве развесели, опушти, да даде енергија, да стимулира, да смири, како и да се спротивстави на депресијата и стресот. Вежбањето е еден од начините за зголемување на вашата физичка и ментална кондиција. Преку вежбањето ќе научите да го опуштите вашето тело и мисли, со што ќе се намали целокупната ментална напнатост.

 

Слични објави

Што појадуваат децата на Новак Ѓоковиќ секој ден: Билна исхрана подготвена од навечер

еспресо

(Фото) Внукот на Цеца го прослави првиот роденден: Раскош, сини балони, кадифени мечиња, елегантна трпеза

еспресо

Астропрогноза за четврток, 18 април: Вагите да си го отворат срцето, Јарците денес да се осамат

еспресо

Анѓелка Прпиќ ја отвори душата: „Кога се разведов…“

еспресо

(Фото) Сања Маринковиќ без грам шминка: Водителката покажа како изгледа кога ќе се исклучат камерите

Еспресо

Се смирија Мелина и Џина по бурниот период? Еве што направи ќерката на Харис Џиновиќ

Еспресо
Се вчитува....