03:40 - 31 мај, 2026

(ФОТО) ЗАПОЗНАЈТЕ ЈА КРУШЕВЧАНКАТА КИКИ И НЕЈЗИНИТЕ БИТОЛСКИ УБАВИЦИ: Цвеќињата мене ме одгледуваат!

Денес ве запознаваме со крушевчанката Кики, домаќинка, и нејзините убавици кои красат стотина квадратни метри во Битола. Кики веќе три години одгледува различни видови цвеќиња, внатрешни и надворешни, но досетливо вели дека – токму цвеќињата ја одгледуваат неа.

фото – приватна архива

– За уредувањето на тревникот и зимзелените дрвца се грижи мојот сопруг. За да е сè расцветано и зелено, потребна е посветеност, работа и секако, многу љубов – искрена е Кики.

Вели дека, како домаќинка, таа има време на претек, па секое утро го посетува секое цвеќе, посебно, му се восхитува на неговата убавина, му се насмевнува, му пее.. и затоа, и тие ѝ возвраќаат со иста љубов која се претставува преку миризливите цветови.

– Еве, и во оваа доцна есен, сè уште сите цвеќиња ми надвор, но под стреа. А дел од нив, гледате, сè уште се расцветани – весело ни покажува нашата цветна дама и дообјаснува:

Љубичиците, хризантемите, трендафилите остануваат надвор и преку зимата, не мрзнат. Во земја остануваат зумбулите, криновите, нарцисите, кокичињата, зaшто тие имаат компирче кое не мрзне. Напролет многу ме радува погледот на првите мои љубовчиња.

А кој може да и одолее пак, на убавината од кактуси, кои Кики ги има во значителен број.

– Кактусите од рана пролет ги вадам надвор, а ги прибирам пред да падне температурата до минус. Иако имаат остри иглички, многу се убави кога ќе расцветаат – нè уверува таа.

Уживајќи низ дворската прошетка, доаѓаме до зимските кралици. Може да си замислите каква бајка изникнува токму оттука за време на новогодишните и божиќните празници. Каква магија!

– Посебно е волшебна елката која секоја Нова година ја украсуваме со сијалички и изгледа навистина како во приказна! А ова тука, дрвово без лисја е смоква која нè засладува во текот на лето – ни покажува Кики.

Цветната приказна на нашата драга соговорничка, не завршува тука, во дворот. Зашто и домот и е преполн со најразлични убавици кои го красат преку целата година. Веруваме дека тоа ќе ви го доловиме преку фотогалеријата.
А пред збогување со Кики, стигнуваме до советот – препораки за оние кои сакаат да започнат да се занимаваат со одгледување на цвеќе.
– За љубителите на цвеќе им препорачувам доколку имаат желба, љубов, а секако и простор, да си почнат со првите пролетни цвеќиња кои не мрзнат, остануваат во земја преку зимата, крин, зумбул нарцис, кокиче… – советува таа.

Инаку, Кики е членка на Фејсбук групата …ДВОРЧЕТО…, група која ви ја препорачуваме да си станете член и да се изнагледате преубави објави!

УЖИВАЈТЕ ВО ФОТОГАЛЕРИЈАТА:

Слични објави

Дали го препознавате ова девојче? Денес е една од најатрактивните водителки

Еспресо

(Фото) „Најголемиот благослов“: Немања Гудељ со емотивна порака за роденденот на Анастасија Ражнатовиќ

Еспресо

(Фото) Бутик „Прагма“ – омилен избор за жените кои сакаат впечатлив и софистициран изглед

apostolova

Анѓелка Прпиќ ослабела без гладување: Утрото го започнува со посебен пијалак, ова ѝ помогнало најмногу

Еспресо

„Бев смртно вљубена, а тој ме избегнуваше“: Мина Костиќ отворено за првата љубов

Т.Ц.

Сината месечина на 31 мај носи големи пресврти: Проверете што му подготвува на вашиот хороскопски знак

Т.Ц.
Се вчитува....