Македонската водителка Нина Славковска, позната како Нина Ред, сподели непријатно искуство со повозрасен маж, со кого договорила средба мислејќи дека станува збор за деловна соработка.
Водителката на поткастот „Ресет“ одлучила јавно да проговори за случката за да ја нагласи важноста од навременото препознавање на црвените знаменца во комуникацијата и поставувањето лични граници.
Како што раскажа на Инстаграм, таа го запознала мажот додека снимала содржина на место каде што ги познавала домаќините. Разговарале за нејзиниот поткаст и размениле контакти, по што договориле состанок.
Меѓутоа, разговорот добил сосема поинаков тек од оној што го очекувала водителката. Мажот почнал да се интересира за нејзината возраст и брачен статус, а неговите постапки и коментари ѝ предизвикале непријатност, поради што одлучила да ја напушти средбата.
Во продолжение ви ја пренесуваме нејзината објава:
„Имав не толку пријатна ситуација од пред некој ден. Се мислев дали да споделам, но си реков може ќе е „аларм“ за некој друг таму.
Запознав постар човек кој го немам сретнато никаде, на место каде домаќините ги сакам и почитувам неизмерно. Човекот и кај нив непокането си влегол на работното место, иако многу делува уверливо. Ме фати како снимам содржина, беше заинтересиран да ме запознае. Зборевме за поткастот, разменивме контакт и мислев дека се сè врти околу работата. Барем така се претстави. Истиот тој ми ѕвони ден потоа, сум му делувала на позитивна, сакал да ме види во сабота. Поставив граница, дипломатски одговорив, во свој стил, дека викендот сум зафатена, ајде во понеделник. Тука сè уште сум убедена дека станува збор за работа.
Доаѓа понеделник, јас во тефтер имам запишано состанок (секогаш договарајте средби каде што се движат луѓе, па и да ги знаете домаќините на тие кафулиња, побезбедно ќе се чувствувате, тоа и го направив).
Се сретнуваме и прво црвено знаменце – сам ми ја зеде ташната да ја префрли на другата страна, без да ме праша. Можам и сама, но причината била има „пречка“ меѓу нас. Ако ме разбирате. Мојот израз на лик не сакате да го видите. Мртва сериозна. Не реагирам само набљудувам гестикулација.
Тука доаѓаа следните црвени знаменца. Почна да ме прашува кое годиште сум, дали сум мажена, колку години имам, да ми кажува како тој не е женет, а има ќерка и ми ја покажува. Дека ова со фемицидот е 99% лажно пријавено.
Последно црвено знаменце беше кога ме праша зошто сега не сум позитивна како што ме запознал, туку го гледам сериозно. Го прекинувам и му велам, „Мислев дека ова е деловен состанок, дека ќе зборуваме за работа. Се извинувам, но не ве познавам за да ви оддавам лични работи.“ На што тој ми рече „А колку време треба да помине за да сме блиски како што сте со другите?“
КРАЈ. Станав и си заминав.
ПС: човекот има 70 ко ништо.
Wooooow, каква слобода!
Moral of the story:
И да изгледаат уверливо, не верувајте. До некаде, здраво е да имаш сомнеж.
Препознавај сериозни црвени знаменца предвреме, постави граница, стани и замини си!
Толку психолози, толку книги, толку светски поткасти, толку конференции, толку едукација е актуелна во светов, да е поразувачки да мислиме дека не можеме да препознаеме.
На секој може да му се случи, жив свет е, се движиме, меѓу луѓе сме.
А по актуелните случувања, не е морално дека треба да излагам овде и да давам мое гледиште, но бидејќи водам поткаст за ментално здравје, некои работи не можам да ги игнорирам кога се во сржта на тематиката која ја обработуваме.
На машкото и женското ментално здравје, драги пријатели, треба мноооогу да се работи и ова на што сведочиме е последица на ниска самосвест и популарното „не работа на себе“. Ова е тема на која не сум компетентна да зборувам, сум дел од системот, го барам одговорот, само набљудувам и учам, но затоа меѓу нас има многу психолози, психотерапевти кои и тоа како ни се потребни како соработници во приказнава.“

