Македонската кулинарска инфлуенсерка Мартина Симјановска наскоро по вторпат ќе се оствари во улогата на мајка, а деновите во исчекување на приновата ги овековечи со семејна фотосесија.
Симјановска, која на социјалните мрежи стекна популарност споделувајќи рецепти и практични кулинарски совети, овојпат им дозволи на своите следбеници да ѕирнат во еден од најинтимните моменти од нејзиното секојдневие.
На фотографиите објавени на Инстаграм, инфлуенсерката позира со сопругот Христијан и нивниот син Лука. За оваа пригода, семејството избра едноставни и усогласени модни комбинации во земјени тонови, со кафеави маички и фармерки.
Во преден план е трудничкото стомаче на Мартина, но особено симпатичен е малиот Лука, кој наскоро ќе стане постар брат.
Идната мајка на две деца не го крие возбудувањето поради претстојните промени во семејниот живот. Во описот на фотографиите таа му се обрати на своето неродено бебе со нежна порака.
„Бато Лука е спремен за тебе, бебушко! Веќе те сакаме, гушкаме и галиме секој ден, а едвај ги чекаме сите авантури кои ни следат.“

