13.8 C
Скопје
05:43 - 2 мај, 2024

Отсјајот и победата на поразените

ВМРО-ДПМНЕ преговара за формирање на новото парламентарно мнозинство уште од почетокот, потврди вчера членот на Извршниот комитет Орце Ѓорѓиевски, кој не откри никакви детали со кои партии преговараат и под какви услови, освен дека „сите опции се на маса“. Извршниот комитет завчера вечер го овласти претседателот Христијан Мицкоски „да продолжи со разговори во обидот за составување ново парламентарно мнозинство“, но на истата седница заклучи и дека „изборите се одржаа во недемократска атмосфера, со масовен поткуп на гласови спроведен од актуелната власт на СДСМ“.

Партијата чија коалиција „Обнова“ освои 44 мандати наспроти 46 на коалицијата „Можеме“ на СДСМ се смета за победник, ама најави и дека ќе поднесе тужби пред Управниот суд и ќе бара рачно броење на сите гласачки ливчиња, откако Државната изборна комисија завчера го одби сите приговори во врска со изборниот процес.

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Заев

Ѓорѓиевски не сакаше да коментира дали ВМРО-ДПМНЕ преговара со сите партии и дали е во игра и широка коалиција, само повтори дека преговори има и сите опции се на маса. Во врска со најавената оставка на Мицкоски ако изгуби на изборите, тој рече дека прашањето се поставува на погрешна адреса, затоа што изборите ги изгубил Заев затоа што СДСМ без Беса има помалку мандати од ВМРО-ДПМНЕ и тој треба да поднесе оставка.

Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ / Јули 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

– Ниту мој став ниту на било кој член на ВМРО-ДПМНЕ е дека Мицкоски ги изгуби овие изборите. Тој победи во однос на освоените мандати како политичка партија. Време е во СДСМ да почнат со процес на реформи внатре во партијата, да си побараат оставка од Зоран Заев и да расчистат со би рекол транзициските остатоци во нивниот партиски врв. Нам ни следуваат убави моменти за Република Македонија, ќе ни треба и стабилна опозиција, а таква со Заев не може да има – рече Ѓорѓиевски.

Тој обвини за масовен изборен поткуп со картичките за финансиска помош што ги добија граѓаните во износ од 30 милиони евра, со делење зелена нафта на земјоделците на два дена пред избори во вредност од 3,5 милиони евра, со делење половина милион евра на 40 невладини организации, како и со помошта на фирмите од 100 милиони евра за справување со последиците од корона-кризата.

Ахмети „го заживува сонот“

Од СДСМ деновиве комуницираат само со соопштенија, а во последното нагласија дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се изгубени и во просторот и во времето, затоа што граѓаните на 15 јули, на фер и демократски ги казниле неговите политики „што се заглавени во матрицата на Груевски, во матрицата на режимот“.

„Мицкоски губи трети избори по ред и се уште одбива да се помири дека граѓаните сакаат да одат напред, а не да се враќаат назад. Тој е поразен политичар кој ги потценува граѓаните, ги потценува гласачите, па дури ги потценува и лаже и сопствените членови и поддржувачи. И Мицкоски и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ мислат дека со креирање лажна реалност можат да ги излажат граѓаните. Мицкоски единствено за што може да преговара е за столчето во белата палата, зошто и тоа му е климаво. Граѓаните не паѓаат на манипулациите и на лагите на Мицкоски и на ВМРО-ДПНМНЕ. Веќе на нив никој не им верува, не им веруваат ниту членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Од шпицен кандидат Мицкоски стана шпицен аутсајдер и затоа најдобро е да оди надвор од политиката“, возвраќаат од СДСМ на дневните обвинувања за изборен поткуп на ВМРО-ДПМНЕ.

Засега нема информации што им нуди ВМРО-ДПМНЕ на останатите партии и како ќе ги придобие ДУИ или Алијансата на Албанците и Алтернатива со нивната предизборна определба „за запирање и попречување на сите идни иницијативи кои се започнати по националното понижување за проширување, продлабочување и лично интерпретирање на договорите потпишани од Заев и Димитров“. Нема конкретни информации за коалицирање ниту од Левица, која речиси и нема коалициски капацитет поради своите ставови.

Фото: Фејсбук

Паралелно со нападите и одбраните во македонскиот блок, топката силно се тркала и во албанскиот политички блок, каде ДУИ веќе и во регионот ја промовираат намерата премиер да биде нивниот кандидат Насер Зибери, затоа што сметаат дека бројката од 15 пратеници им дава позиција тој да биде мандатар. По интервјуто на Бујар Османи во грчки „Етнос“ лидерот Али Ахмети во интервју за косовската телевизијата „Т7“ завчера вечер порача дека иден премиер на земјата треба да биде Албанец, односно Насер Зибери.

Ахмети информира дека веќе стапил во контакт со лидерите на останатите партии на Албанците што ќе имаат пратеници, „за да се заживее сонот за прв премиер Албанец во Македонија“.

Заев: ВМРО-ДПМНЕ е на темната страна од историјата

Илузијата на ДПМНЕ дека победиле на изборите на кои имаат два пратеника помалку од победникот беше смешна до синоќа, зашто граѓаните мислеа дека само Мицкоски така си замислил. Но, по синоќешниот став на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, оваа нивна илузија е навистина загрижувачка за нивната партија. Белата палата има сериозен проблем, им посакувам што поскоро да им се случи демократија, а тоа е можно само откако ќе се помират дека граѓаните одлучија да продолжиме напред и откако ќе се свртат кон внатрешна реформа. Партија како ВМРО-ДПМНЕ, без демократски капацитет да го види сопствениот пораз не може да формира влада од позиција на губитник на изборите. Сѐ додека вината за овие изборни порази, и тоа во три циклуси по ред, не почнат да ја бараат во себе, нема да можат да тргнат напред и да дадат соодветен придонес во процесите што се случуваат во Северна Македонија. Ова се многу важни времиња, ова се историски времиња и навистина не ми е јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ одлучи да биде на темната страна од историјата на нашата држава, изјави лидерот на СДСМ во интервјуто за А1он.

Зоран Заев, лидер на СДСМ / Јули 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Во СДСМ, пак, неколку денови воопшто не коментираат за преговорите за формирање на новото мнозинство, кои неофицијално се во тек, а официјално и јавно ќе почнат по Илинден. Од ДУИ остануваат на ставот дека тие ќе формираат влада со Албанец премиер, коалицијата на Алијансата на Албанците и Алтернатива одби каква било соработка со ДУИ, а од Беса се на одмор, исто како и коалицискиот партнер СДСМ. Левица, пак, со двајца пратеници што може да бидат клучни во математиките за влада, засега не истапува јавно со ставови за коалицирање, но нејзиниот лидер Димитар Апасиев преку Фејсбук сугерира дека му е прифатлива само „семакедонска коалиција“. Можна опција е и широка коалиција меѓу сите парламентарни партии што ќе ги спроведе реформите што ги бара ЕУ, но засега никој отворено не ја застапува.

 

 

The post Отсјајот и победата на поразените appeared first on Слободен печат.


Отсјајот и победата на поразените was first posted on јули 22, 2020 at 7:30 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....