10.8 C
Скопје
07:05 - 4 мај, 2024

Маричиќ: До крајот на годината се очекува да ги почнеме преговорите за членство

Во наредните месеци треба да очекуваме битни настани за проширувањето. На почетокот на јуни Европската комисија ќе ја објави предлог-преговарачката рамка за почеток на преговорите со нашата земја, како и редовниот годишен извештај во кој ќе го коментира напредокот на Северна Македонија во сите сегменти, вели во интервју за МИА Бојан Маричиќ, национален координатор за интеграција во ЕУ и главен преговарач за технички прашања.

Според него, реално е да се очекува дека во текот на германското претседавање со ЕУ, на есен или на крајот од оваа година да се одржи првата меѓувладина конференција со усвоена преговарачка рамка. Тоа, како што вели Маричиќ за МИА, ќе го означи официјалниот почеток на нашите преговори за членство.

Во однос на барањата на бугарската страна за македонскиот јазик и малцинството, Маричиќ вели дека Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија дава рамка како да ги решаваме разликите без притоа да постојат блокади и конфликти.

– Ние сакаме да влеземе во Европската Унија како Македонци кои зборуваат македонски јазик, а притоа да сме во пријателство со сите наши соседи. Таа цел е остварлива ако пристапиме кон процесот разумно и самоуверено. Затоа не очекувам вето туку очекувам интензивна соработка во заеднички интерес на Северна Македонија и Бугарија како блиски соседи, вели Маричиќ во интервјуто за МИА.

Проширувањето на ЕУ не беше споменато на виртуелниот Самит во Загреб. Беше само поздравена одлуката за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија. Сега цела Европа е среде пандемија на Ковид-19. Кога може да ја очекуваме преговарачката рамка, кога би била одобрена за да се одржи и првата меѓувладина седница, со што вистински би ги почнале преговорите?

– Самитот во Загреб никогаш не беше планиран да биде настан на кој ќе се дискутира и одлучува по прашањето за проширувањето. Овој Самит имаше за цел да ја потврди европската перспектива на државите од Западен Балкан, да испрати сигнал дека ниту во време на пандемијата не се запрени цврстите врски на ЕУ со нашите држави и да се најави економско-инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан кој ќе се промовира на есен.

Дискусијата и одлуките за проширувањето се случија на крајот на март – кога на 24 март беше донесена, а на 26 март потврдена одлуката на Советот на министри на ЕУ и на Европскиот совет за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија.

Во наредните месеци треба да очекуваме битни настани за проширувањето. На почетокот на јуни Европската комисија ќе ја објави предлог-преговарачката рамка за почеток на преговорите со нашата земја, како и редовниот годишен извештај во кој ќе го коментира напредокот на Северна Македонија во сите сегменти. Потоа се очекува неколку месечна дискусија и усогласување на преговарачката рамка со сите држави членки и со нас како држава којашто преговара за членство. Согласно редовната динамика низ која минаа и Србија и Црна Гора, тој процес трае неколку месеци. Затоа, реално е да се очекува во текот на германското претседавање со ЕУ, на есен или на крајот од оваа година да се одржи првата меѓувладина конференција со усвоена преговарачка рамка. Тоа ќе го означи официјалниот почеток на нашите преговори за членство.

Дали сметате дека барањата на Бугарија за прашањето за македонскиот јазик и малцинството би влијаеле или би го забавиле процесот на пристапување, како и конечниот влез на Северна Македонија во ЕУ? Дали може да очекуваме ново вето од Бугарија?

– Ние имаме склучено Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија кој дава рамка како да ги решаваме разликите без притоа да постојат блокади и конфликти. Целта на договорот е да гради пријателство, а пријателство и блокади не одат заедно. Силно верувам дека Бугарија е наш сојузник и дека ќе најдеме начин без блокади да ги решиме отворените прашања по дипломатски пат и со експертска помош и улога.

Ние сакаме да влеземе во Европската унија како Македонци кои зборуваат македонски јазик, а притоа да сме во пријателство со сите наши соседи. Таа цел е остварлива ако пристапиме кон процесот разумно и самоуверено. Затоа не очекувам вето туку очекувам интензивна соработка во заеднички интерес на Северна Македонија и Бугарија како блиски соседи.

Администрацијата ќе биде главниот столб во преговорите. Дали имаме капацитет за тоа, со оглед на информациите за одлив на стручни кадри од администрацијата?

– Администрацијата ќе биде мотор за преговорите и ќе го носи најголемиот товар на спроведување на европските стандарди кај нас. Силно верувам дека има капацитет да ги почне и води преговорите. Секако, ќе биде неопходно зајакнување со нови кадри кои порано биле во јавниот сектор, но и такви кои доаѓаат од приватен сектор, граѓанско општество, дијаспора или наука.

Сите државни и општествени сили ќе мора да бидат на располагање затоа што целото општество се интегрира во ЕУ и секој придонес е вреден и добредојден. Владата ги отвори ширум вратите за ваков кадар и допрва ќе следува нивно поголемо ангажирање.

Дали е целосно формиран преговарачкиот тим? Дали сте разговарале на кој начин ќе се вклучи граѓанскиот сектор во преговорите?

– Постои пакет на правни акти со кои се формира структурата за преговори на нашата земја уште во летото 2019 година. Нашата структура почива на концепт на Главен политички и Главен технички преговарач кои постојано се координираат во раководењето на преговорите. Постојат и повеќе помошни тела кои ги координираат активностите на централно ниво (Работен комитет, Преговарачка група, Секретаријат итн.) но исто така се многу важни и работните групи за секое поглавје кои треба да бидат мотор на преговорите и ги обединуваат најдобрите кадри од сите институции.

Моделот на вклучување на граѓанските организации е повеќе пати дискутиран и сме многу блиску до усвојување на концепт кој ќе биде функционален, инклузивен и ќе дава добри резултати. Граѓанските организации сакаат да бидат вклучени конкретно, на работно ниво каде се формулираат позициите и ние сме подготвени тоа да го овозможиме. Штом биде усвоен концептот ќе го соопштиме во јавност.

Важна ќе биде улогата и на бизнис секторот, синдикатите, науката и другите гранки на власта како Собранието и Судството. До формалниот почеток на преговорите сите овие прашања ќе бидат јасnо дефинирани, а сите структури ставени во функција.

Со оглед на новата методологија за преговарање, колку Вие лично сметате дека би траел процесот на преговори?

– Ова е најнеблагодарното прашање бидејќи траењето на преговорите зависи од многу фактори, дел од нив објективни дел субјективни. За нас е најважно ние да бидеме ефикасни и доследни во спроведувањето на европските правила дома, а тоа се прави со силна политичка волја и со неуморна работа на нашата администрација. Ако сме посветени и ефикасни ќе го скратиме траењето на преговорите. Во просек потребни се 5-6 години за завршување на преговорите, но тоа зависи од посветеноста на државата кандидатка и од апетитот на државите членки на Унијата за прием на нови членки. Србија и Црна Гора преговараат веќе повеќе од седум години, а Хрватска ги заврши преговорите за шест и пол години.

За нас е најбитно да бидеме во план за првото наредно проширување кога и тоа да биде. Ако си ја завршиме работата на време и ЕУ го исполни својот дел од работата реално е крајот на оваа декада да го дочекаме како држава членка на ЕУ.

Кои поглавја сметате дека ќе бидат најтешки за преговарање?

– Во сите преговори најисцрпни се поглавјата за животна средина, земјоделие и четирите слободи од Заедничкиот пазар на ЕУ. Секако има и други, но овие бараат најмногу напор и внимание.

Дали и конечно С.Македонија како членка на ЕУ ќе може да ги применува европските стандарди, а не само да биде имплементирано на хартија? Каде сме најслаби, каде треба уште да работиме?

– Северна Македонија како држава членка на ЕУ ќе биде обврзана да ги применува европските стандарди секојдневно и конкретно. Системот на ЕУ предвидува строги механизми за обезбедување на нивната имплементација. Нам секако ќе ни требаа сериозна финансиска поддршка и институционална помош за успешно спроведување на европските правила, а механизмите на ЕУ токму тоа го овозможуваат.

Поглавјата животна средина и земјоделие се скапи и бараат многу напор, но и се крајно важни за функционалноста на економијата. Поглавјата поврзани со правосудството темелните права и правдата се исто така отворени во текот на целите преговори како и финансиската контрола, јавните набавки и фискалната политика. Сите овие теми ќе бараат многу внимание од нас, но нашите институции се подготвени да одговорат на сите предизвици и брзо и ефикасно да ги спроведат преговорите.

The post Маричиќ: До крајот на годината се очекува да ги почнеме преговорите за членство appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....