14.8 C
Скопје
10:27 - 2 јуни, 2023

Портрет на Кемал Киличдароглу: Тргна по стапките на Ататурк, со смиреност на Ганди

Претседателските избори ќе одлучат не само кој ќе ја води Турција, туку и како ќе се управува со неа.

Турција оди во вториот круг од изборите, откако претседателот Реџеп Таип Ердоган на изборното гласање во неделата постигна подобар од очекуваниот резултат и има значителна предност пред својот ривал, но недоволна за потребното мнозинство. Ниту Ердоган ниту кандидатот на опозицијата Кемал Киличдаролу не добија 50 отсто, и повторно ќе се соочат на 28 мај. Киличдаролу, кој најави дека на крајот ќе победи, ги повика своите поддржувачи да бидат трпеливи и ја обвини партијата на Ердоган дека се меша во пребројувањето на гласовите и манипулира со објавувањето на резултатите.

Првичните резултати на претседателските избори во неделата го ставија Ердоган во удобно водство, но како што пребројувањето продолжи, неговата предност очекувано се намали. Речиси е извесен вториот круг од изборите на 28 мај, а изборната пресуда за дводецениското владеење на Ердоган се одложува за две недели. Анкетите пред изборите му дадоа на Киличдаролу благо водство, а две анкети објавени минатиот петок покажаа евентуални резултати дури и над прагот од 50 проценти. Сепак, мнозинството предвиде дека трката ќе биде „тесна“.

инстаграм

Но кој е противкандидатот на Еродган? Киличдароглу е главниот ривал на актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган на изборите кои се случија на 14 мај, а кои многу политички набљудувачи веќе ги нарекоа „најважни во 2023 година“. Два дена пред гласањето, тој објави два твита на турски и руски јазик во кои бара Русија да не се меша во изборите: „Почитувани руски пријатели, вие стоите зад монтажите, заговорите, лажните вести, ‘фејк’ содржините и лентите кои беа обелоденети вчера во нашата земја. Ако сакате да го продолжиме нашето пријателство и по 15 мај, тргнете ги рацете од турската држава. Продолжуваме да се залагаме за соработка и пријателство“. Кремљ пак, одговори дека не се меша во изборите во Турција.

Патот од турска провинција до главниот град

Кемал Киличдароглу е роден во 1948 година во провинцијата Тунџели во североисточна Турција. Во 1971 година дипломирал на Академијата за економија и трговија во Анкара, а потоа стажирал во Франција. Во 1983 година добил службено место во Генералната дирекција за приходи, каде што се искачува до ранг на заменик раководител. Во 1990-те години на минатиот век, Киличдароглу ја продолжи својата кариера во Фондот за заштита на претприемачи, Фондот за социјално осигурување и стана заменик министер за труд на Турција. Во 1994 година, престижното списание „Економски тренд“ го избра Киличдароглу за „државен функционер на годината“. Во 1999. се пензионираше, но продолжи да биде активен: ја водеше комисијата за борба против сивата економија, беше член на раководството на една од најважните турски банки и предаваше на универзитет. Киличдароглу е оженет и има три деца.

По стапките на Ататурк

Во 2002 година, Кемал Киличдароглу се приклучи на левичарската Народно-републиканска партија, основана во 1923 година од „таткото на нацијата“ Мустафа Кемал Ататурк и веднаш беше избран за пратеник, а беше реизбран на сите следни избори. Во 2009 година, на изборот за градоначалник на Истанбул, освои 36,8%, една година подоцна беше на чело на Народно-републиканската партија, добивајќи 1246 од 1250 гласови. Поради неговиот смирен и уверлив начин на дебатирање, како и сличноста со Махатма Ганди, по изборната кампања во 2009 година го доби прекарот „Ганди Кемал“. Во 2016. Киличдароглу првично го осуди обидот за воен удар против Ердоган, но кратко време откако актуелниот претседател прогласи вонредна состојба, тој рече дека тоа е „обид за државен удар планиран и контролиран од [властите]“. Пред уставниот референдум во 2017 година што го иницираше Ердоган, тој се спротивстави на преминот од парламентарна форма на владеење во претседателска и најави неправилности во гласањето, што, според него, им овозможило на поддржувачите на амандманите да добијат мнозинство од 1,4 отсто. Истата година, Киличдароглу организираше двомилионски Марш на правдата од Анкара до Истанбул за поддршка на речиси 500.000 политички затвореници. Тој повика и на ослободување на еден од лидерите на турските Курди, Селахатин Демирташ, кој пак го поддржа Киличдароглу.

„Јас сум Кемал, јас доаѓам“

На 4 февруари 2023 година Киличдароглу ја објави својата кандидатура за претседателските избори и на објектот на седиштето на неговата партија се појави транспарент за оваа најава. Главна точка на изборната програма на Киличдароглу е одржувањето на нов уставен референдум за враќање на земјата во парламентарен систем. Тој планира да ги намали овластувањата на претседателот на репрезентативни и да го намали изборниот праг за партиите од 7% на 3%. Политичарот ветува и дека ќе постигне повеќекратно намалување на стапката на инфлација, која до крајот на 2022 година надмина 64%. На 6 март, Советот на опозициските партии го одобри Киличдароглу како единствен кандидат на опозицијата. Според последните анкети на турската компанија „Ареда Сурвеј“, Киличдароглу го поддржуваат 44,2 отсто од испитаниците, а Ердоган – 51,3 отсто. Податоците на турската истражувачка компанија ОРЦ пак, покажаа дека 51,7 отсто се подготвени да гласаат за Киличдароглу, а 44,2 отсто за Ердоган. Но, пред февруарскиот земјотрес, кој однесе животи на повеќе од 50 илјади луѓе, сликата беше поинаква – Киличдароглу беше инфериорен не само во однос на Ердоган, туку и на неговите двајца сопартијци. Сепак, тој успеа да го зголеми својот рејтинг благодарение на вештите критики за погрешните пресметки на владата на Ердоган за време на санирањето на последиците од земјотресот и силно „удри“ по владата на Ердоган која за време на неговото владеење овозможила легализирање на десетици илјади неовластени градби.

„Ќе продолжиме да вршиме посредничка улога во решавањето на разликите меѓу нашите два соседа“, рече Киличдароглу. Оваа изјава за време на предизборната кампања тој ја даде во врска со војната во Украина. „На краток рок, нашиот политички приоритет ќе биде да се стави крај на украинскиот конфликт и да се обезбеди безбедно продолжување на Иницијативата за црноморско жито“, нагласи. Политичарот вети дека ќе ги одржува добри односите со Русија. „Како ќе се развиваат турско-руските односи под нашата влада? Со предвидливост, достоинство и почит“, рече.

Претходно, во ноември 2015 година, Киличдароглу ја осуди владата на Ердоган за нападот на рускиот Су-24 во Сирија, бидејќи – како што рече – создава непријатели наместо да одржува добрососедски односи. Подоцна ја критикуваше државната корпорација Росатом за промена на пристапот кон изградбата на нуклеарната централа Акују во Турција, поради што турската партнерска компанија беше заменета со компанија која е конзорциум од три руски компании. „Ова ја става Турција во енергетска зависност од Русија“, рече политичарот.

Претседателските избори ќе одлучат не само кој ќе ја води Турција, туку и како ќе се управува со неа, каде ќе се движи нејзината економија во услови на длабока криза и инфлација, но и за обликот на нејзината надворешна политика.

Изборите во Турција, кои се и парламентарни, будно се следат во западните престолнини, на Блискиот Исток, во НАТО и во Москва. Поразот на Ердоган, еден од најважните сојузници на претседателот Владимир Путин, веројатно ќе го вознемири Кремљ, но ќе ја утеши администрацијата на Бајден, како и многу европски и блискоисточни лидери кои имаа проблематични односи со Ердоган.

Киличдаролу вети дека ќе ја насочи Турција кон нов курс со заживување на демократијата по долгогодишна државна репресија, враќање на ортодоксните економски политики, зајакнување на институциите кои ја изгубиле автономијата под цврстиот притисок на Ердоган и обнова на кревките врски со Западот.

Слични објави

(Фото) Јорданскиот принц Хусеин се ожени со убава архитектка од Саудиска Арабија: Гламурна свадба со 1.700 вип гости

Еспресо

Астро прогноза за петок, 2 јуни

Еспресо

(Видео) Излезе новиот трејлер за продолжението на „Сексот и градот“: Кери му пишува на својот долгогодишен љубовник, Саманта се појавува само во една сцена, Миранда има проблеми во врската, а Шарлот добива нова работа

Еспресо

(Видео) Шакира испрати мистериозна порака за романса со бившиот на Селена Гомез: „Херој, извонреден, прекрасен…“

Еспресо

Среќлии во јуни: Два хороскопски знаци ќе си го подобрат животот и ќе уживаат во промените

Еспресо

(Фото) Сопругата на Брус Вилис им се обрати на фановите во име на семејството: „Продолжуваме да веруваме и никогаш нема да изгубиме надеж“

Еспресо
Се вчитува....