6.8 C
Скопје
05:24 - 30 април, 2024

Во Беловиште на дипломатска плескавица без дипломатски пасош

Душко и Зорица Матоски се доказ дека кога нешто се сака, се може. Почнале да работат на место што не постоело на карта и немало инфраструктура, и успеале да го трансформираат во гастрономски рај.    

До тетовското село Беловиште се стигнува лесно (и ако поаѓате од Скопје, брзо), се наоѓа на магистралниот пат Тетово – граничен премин Јажинце. За пристигнување од Скопје има две опции, или преку Тетово, или пак, може да стасате преку полошките села: Сиричино, Шемшово, Жилче и на магистралниот пат кај Лешок завртете десно кон граничниот премин Јажинце. И тогаш сте стасале во срцето на недопрената природа, а тоа ќе го препознаете веднаш, меѓу другото, и преку жуборот на реката. Во непосредна близина на излетничкото место Петачко Водиче, на самиот пат кој води до него, од левата страна, ќе наидете на ресторанот „Белојшки бисер“ со традиција и гастрономска препознатливост од над 12 години.

Нè пречекаа домаќините Душко и Зорица Матоски. Полека нè воведуваат во приказната на селцето и ресторанот.

– Кај нас посетителите освен што можат да ја видат природата визуелно, можат и да ја почувствуваат преку вдишување на свежиот воздух. Можат да го почувствуваат и духовниот мир, бидејќи на само 300 метри пешачење може да се посети црква. Во црквата извира света, лековита вода за очи, но и манастирот „Св. Јован Крстител“. Во тој комплекс има и патека за посета на малиот водопад Врживир. Додека пак, за љубителите на планинарењето има многу патеки кои водат до најразлични места на Шар Планина.  Една патека води до големите водопади Горна и Долна Цкала кои се втори по височина на Балканот. Водопадите се наоѓаат на само 2 часа пешачење. Патеката е средно тешка за искачување. Овие водопади пожелно е да се посетат во месеците од март до јуни, ни објаснува нашиот соговорник Душко Матоски – сопственик на „Белојшки бисер“.

Семејниот бизнис Матоски го започнале со една цел – гостинот да ги посети, но да не се чувствува како во ресторан, туку да ужива во природата и да се врати дома со позитивна енергија и со полна душа.

– Почетоците поминуваа тешко, зашто почнавме да работиме на место што не постоеше на карта и без инфраструктура. Благодарение на планинарските друштва успеавме да се испромовираме на регионално ниво, државно ниво, па дури и на меѓународно ниво. Па така, нашето работење и носење гости овозможи после нашиот да се отворат уште три објекти.  Нашиот принцип на работа е гостинот да биде во природа и да вкуси свежо приготвена храна од нашата кујна – ни рече Душко.

За храната е задолжена газдарицата Зорица, сопруга на Душко, која неуморно ја извршува работата со многу мерак. Ете затоа не е изненадување што гостите редовно се враќаат тука.  Се подготвува локална храна по нарачка, бидејќи одзема време за приготвување.

– Но како викаат: храната што се готви подолго многу е повкусна, се вложува многу љубов во подготвувањето за да се долови вистинскиот вкус и традиција. Во набавките секогаш се води сметка за свежи намирници. Нудиме и домашна ракија и домашно вино од сопствено производство, но наскоро планираме да набавуваме месо од локална фарма – додава Зорица.

Целта на Матоски била гостинот да го посети нивниот крај, да ужива во природата што ја нуди Шар Планина, а прошетката да ја заврши со дегустирање и уживање во храната која се служи во „Белојшки бисер“.

– Ако гостинот сака да остане повеќе денови кај нас, во нашето село, имаме куќа изградена уште во 1934 година. Ја адаптиравме во сместувачки капацитет, опремен со три соби со сопствен тоалет. Ноќевање со појадок чини 600 денари по лице – објаснува Душко.

Е, сега, главното, што треба да дегустирате кога сте тука?

Трпезата „отворете“ ја, се разбира, со мезе –  тиквица со биено сирење, зачинети печурки на жар, пинџур, ајвар, домашно овчо сирење… Потоа, задолжително пробајте од дипломатската плескавица и свинското полнето „Белојшки Бисер“ по кои се „мамат“ посетителите пак да се вратат. И двата специјалитета имаат вкус што се памети. Ако сте за нешто многу сочно – нарачајте од реброто приготвено во фурна, а ако преферирате традиционално јадење – уживајте во селското месо и „муќкалицата“. Од традиционалната храна, одлично е тетовското гравче, со или без жуле – колбас, домашната пита со зелка, сирење или спанаќ, бакарданот, топеницата односно топенцата…ммм…

Јасмина Кантарџиева Димков

Слични објави

Астропрогноза за вторник, 30 април: Подарок од универзумот за Лавовите, важен ден за Овните

еспресо

Велигденско јајце-чувар на домот: Што да направиме со стариот чувар на куќата кога вапсаме ново „прво јајце“

еспресо

„Жена од султана“ побегна од својот роденден: Пејачката донела неочекувана одлука и веднаш морала да реагира

Еспресо

Принова кај познатата двојка: Петар Грашо и Хана Хуљиќ го очекуваат своето второ дете

Еспресо

(Фото) Македонката Татјана Јанушева блесна на престижна модна ревија во Франција

Еспресо

Синот на Цеца ја расплака нацијата: Вељко Ражнатовиќ се откажа од паричната награда, еве за кого одат 5000 долари

Еспресо
Се вчитува....