9.8 C
Скопје
00:54 - 20 април, 2024

Дохранување кај доенчето: Кога треба да се почне со воведување цврста исхрана?

Со воведувањето на цврста исхрана не треба да се брза ниту, пак, по секоја цена да се воведува доколку бебето добро напредува во својот телесен развој. Преранато воведување на овој вид исхрана носи дополнителни последици и оштетувања на малиот и сѐ уште незрел организам, вели д-р Слаѓана Ристовска, специјалист педијатар.

Кога е вистинско време кај бебињата да се почне со воведување цврста исхрана?

– На која возраст детето, односно доенчето треба да започне со дохранување е тема којашто отсекогаш предизвикувала низа дискусии и контроверзни ставови и мислења, затоа што не постојат единствени и цврсти причини кои би го одредиле времето и видот на дохранување. Освен потребите од хранливите материи и физиoлошкиот развој на детето кои се индивидуално различни, во некои семејства, за жал, и покрај советите на педијатрите, голема улога има традицијата, социјалните услови, навиките, можностите на семејството и други фактори кои влијаат на воведувањето и дополнителната исхрана кај доенчето. Сепак, во најголем број земји дохранувањето се воведува во периодот помеѓу 4-6 месец од животот. Во овој период (4-6 месец), енергетската вредност на нутритиентите во мајчиното млеко не се доволни за да се задоволи брзиот раст и развој на доенчето. Со воведувањето на цврста исхрана не треба да се брза, ниту, пак, по секоја цена да се воведува доколку бебето добро напредува во својот телесен развој. Преранато воведување на овој вид исхрана носи дополнителни последици и оштетувања на малиот и сѐ уште незрел организам кој сѐ уште има недоволно излачување на дадени eнзими што се неопходни во варењето и обработката на хранливите материи во гастроинтестиналниот тракт, како и излачувањето на непотребните состојки преку бубрезите кои кај малото доенче во текот на првата година од животот сѐ уште ја немаат достигнато својата зрелост. Од друга страна, во дополнителни сигнали кога да се започне со дополнителна исхрана спаѓаат и оние од типот дали веќе доенчето самостојно седи, одмавнува со главчето (односно го врти настрана доколку не му се допаѓа нешто што вие како родител му го нудите во исхраната), има добар рефлекс за џвакање и голтање и сл.

Со каков оброк се препорачува да се почне дохранувањето? И дали е подобро тоа да биде овошна или пасирана зеленчукова кашичка?

– Не постои некое одредено правило кога се работи за изборот на храната која најпрво треба да се воведе, дали тоа да биде овошје, зеленчук или пак некоја житарка. Најадекватна состојка за почеток на исхраната, сепак, претставуваат житарките. Оризовите снегулки најлесно се варат и за почеток може во подготвувањето да им се додаде измолзено мајчино млеко, потоа може да се вклучат и овесните снегулки, но во помали количини на самиот почеток. Овде сакам да напоменам да се внимава на житарките кои содржат глутен (пченица, ‘рж и јачмен), кои се воведуваат по шестиот месец, поради можноста за појава на целијакија кај малото доенче. Житно-млечните каши се добра замена за млечниот оброк. Од овошните каши и сокчиња, на почетокот се воведува јаболко, круша, банана, а подоцна менито може да се збогати со праски, кајсии, сливи, дињи и сл. На почетокот да се избегнува зрнесто и цитрусно овошје. Овошните кашички пожелно е на почетокот да се даваат во попладневните часови поради можноста од појава на грчеви и течни столици. Откако вашето бебе ќе се научи да ги консумира, овошните кашички може и двапати на ден да ги давате во исхраната. Од зеленчуковите каши, на почеток најадекватни да се воведат во исхраната се кашичките од морков и компир, а потоа може да се вклучи во исхраната тиквичка, брокула, карфиол, спанаќ, зелка и друг зеленчук. Месото се воведува во исхраната откако сме вовеле овошни и зеленчукови кашички. Се одбира квалитетно месо без маснотии од млади животни. За почеток пилешкото месо, а потоа и црвеното месо. Рибата се воведува по деветтиот месец, за почеток бела риба. Храната за вашето бебе мора да биде свежа, добро измиена, исчистена, хигиенски добро приготвена, сварена, измиксирана на почеток, потоа пасирана и сечкана, со умерена температура. Зеленчукот може да е сварен или суров исто како што се приготвува во исхраната и за возрасен. Храната на малото доенче не се зачинува, не се додава сол во зеленчуковите, ниту, пак, шеќер во овошните кашички. Вкусот на малото бебе е поинаков од на возрасните, затоа кашичките што ги приготвувате за вашето дете не ги прилагодувајте според вашиот вкус.

Колкупати на ден треба да му се дава цврста храна на бебето?

– Дохранувањео, односно воведувањето цврста храна кај вашето бебе претставува еден сложен, и кај голем број бебиња и родители, тежок период. Не очекувајте на почетокот дека вешето бебе со задоволство и воодушевување ќе го прифати секој вид понудена храна. Затоа, не се разочарувајте, a доколку бебето ја плука храната или не сака да голта, не инсистирајте со намерата дека мора да го изеде понуденото. Ќе се обидете повторно со истата храна по некој ден. Токму поради тоа овој адаптабилен период може да потрае, ова значи дека воведувањето нова храна е само надополнување на веќе постоечката исхрана со мајчино или со адаптирано млеко и не претставува замена на мајчиното млеко.

Од огромно значење е дека воведувањето на новата исхрана треба да биде постепено. Секоја нова намирница се внесува на секои 4-5 дена или не повеќе од две нови работи во текот на една седмица, и тоа 1-2 лажички дневно, со постепено зголемување во текот на наредните денови. На ваков начин може да се следи како вашето бебе ја поднесува новата храна и дали има евентуално некоја алергиска реакција. Особено кај доенчињата каде што има семејна алергиска предиоспозиција кон дадена храна или кон бронхијална астма, целијакија, треба дополнително да се внимава. Откако ќе се испробаат дадените намирници поединечно, тогаш може да се комбинираат и заедно. Во текот на првата година од животот, откако сте го поминале адаптабилниот период на вашето малечко кон новата исхрана кон крајот на првата година, малото дете има 5-6 оброци дневно, од кои три главни оброци и две ужинки, доењето се препорачува минимум двапати дневно, наутро и навечер.

Дали е дозволено бебето да се храни во релаксатор во полулегната положба?

– Како што спомнав претходно во текстот, еден од условите на некој начин да се започне со дополнителна исхрана е бебето веќе да може да го држи своето главче цврсто, да седи и да има добар рефлекс на голтање. Лежечката положба и хранењето ја зголемува можноста за загрцнување на малото бебе и аспирирање на храна во дишните патишта. Малото доенче на почетокот има тешкотии со совладувањето на новата техника на исхраната, јадењето со лажиче, користењето на мускулатурата за џвакање, за разлика од претходно поедноставниот начин на цицање. Токму поради тоа и се советува исхраната да биде во седечка положба.

Препорачлива исхрана во летниот период?

Летниот период е познат по појавата на алиментарни интоксикации (труења со храна), бактериски и вирусни цревни инфекции, токму поради високите атмосферски температури и можноста за брзо расипување на приготвената храна и намирници доколку се чуваат неправилно и на несоодветно место. Токму поради тоа се советува да се користи лесна храна, богата со овошје и зеленчук, храна која помалку се расипува, правилно и соодветно приготвување (механичка и термичка обработка на дадени намирници, месо, млеко кои се неопходни за правилен раст и развој на малото дете), нивно правилно чување за да се намали можноста за појава на гастроентероколити проследени со појава на дијареја (течни столици), вомитус (повраќање), можна фебрилност (зголемена телесна температура), кои лесно доведуваат до појава на дехидратација кај малото доенче. Притоа напоменувам дека летниот период е период кога доенчето има поголема потреба од внес на вода и други течности, а нивното давање и примање е во директна зависност од страна на родителот или тој што го чува.

Која храна треба да се избегнува во првата година од животот на детето?

– Поради сѐ уште незрелиот имунолошки систем кај малото дете во текот на првата година од животот, можна е појава на алергиски реакции кај детето по внесување на даден тип храна. Исто така, подоцнежното излачување на соодветни ензими од гастроинтестионалниот систем како и сѐ уште незрелата бубрежна функција, неправилната исхрана и прераното воведување на дадени намирници доведува до сериозни нивни оштетувања. Токму поради тоа до првата година од животот не смее да се воведува кравјо млеко, белка од јајце, свинско месо, ореви, лешници, кикиритки, чоколадо, печурки, јагоди, сирење, цитрусно овошје.

Д-р Слаѓана Ристовска Специјалист педијатар
ПЗУ Д-Р РИСТОВСКА

 

 

Слични објави

(Фото) Ќерката на Том Круз наполни 18 години: Од него ни трага ни глас, дури ни на роденденот на Сури

еспресо

„Ги преминува границите“: Марија Шерифовиќ проговори за грижата на својот син, а поради него имала расправија со мајка си

Еспресо

Ограбена Сандра Африка! Пејачката доживеала хорор на бензинска пумпа во Словенија

Еспресо

(Фото) Прослава во домот на Неда Украден: Пејачката сподели убава вест и испрати емотивни зборови до најважната личност во нејзиниот живот

Еспресо

(Фото) Мина Наумовиќ покажа колку ужива во мајчинството: Објави селфи што го одзема здивот

Еспресо

(Фото) Доживела страв и ужас: Ива Гргуриќ се огласи од Дубаи по страшните поплави

Еспресо
Се вчитува....