Покрај најавата за нејзиниот нов музички проект, албумот „Своја на свом“, легендарната пејачка Неда Украден во емисијата „SHOWtime“ на Happy FM, се присети на своите почетоци и детството, а отворено зборуваше и за она што денес ѝ е најважно – нејзиното семејство.
Иако летово ќе наполни 76 години, Неда и понатаму одржува темпо што би исцрпило и многу помлади колеги. Не само што постојано ги полни концертните сали, туку е позната и по тоа што најчесто сама се грижи за шминката и фризурата, а километри од град до град редовно минува сама зад воланот.
„Секако дека сакам да соработувам со добри стилисти, фризери и шминкери. Но, ако по 50 години не сте сфатиле што е суштината на оваа работа и дека мора да бидете подготвени во секоја ситуација, од моментот кога ќе застанете на бензинска пумпа да наточите гориво па сè до одењето во продавница, тогаш оваа работа не е за вас. Мора да бидете дораснати на тоа. Па сега, прифати или остави. Ако ти е тешко, немој да се занимаваш со ова. Ако не ти е, стани малку порано, измиј ја косата, исфенирај се, нашминкај се. Искрено, и да не бев пејачка, можеби немаше да го правам тоа со толкав жар, но никогаш не би можела да одам запуштена и неуредна“, рече таа.
На прашањето каов возач е, одговори:
„Јас сум врвна. Кога ме вози некој друг, толку сум нервозна што верувам дека им одам на нерви. Мразам кога некој вози премногу бавно, наводно безбедно и внимателно, а исто така не ги поднесувам ни оние што непотребно дивеат по патиштата. Не само што не се одморам, туку се изморувам и се нервирам.“
Иако секогаш со голема гордост ги истакнува своите корени, пејачката искрено призна дека нејзиното детство во Имотски не било секогаш исполнето со детска врева и дека често се борела со осаменоста.
„Мојата прва асоцијација на детството е осаменоста, бидејќи бев единствено дете на моите родители. Постојано се селевме, а тоа значи и постојани промени на средината. Замислете ме мене, дете родено во Имотски, кое одеднаш доаѓа во Босна и Херцеговина, во сосема поинаква средина. Бев сама дома додека родителите работеа и тоа тогаш ми беше многу тешко. Неизмерно ми недостигаа баба ми, родната куќа, Имотски, таа светлина, топлина, звуците и гласовите“, изјави таа.
Нејзината потреба за друштво во еден момент предизвикала вистинска семејна драма. Таа раскажа анегдота за тоа како еднаш, во потрага по другарчиња, едноставно избегала во училиште.
„Имав пет години и еден ден едноставно се вовлеков во училиштето заедно со децата од улицата. Во меѓувреме сите ме бараа – од соседите до полицијата. Никој не знаеше каде сум. Мислеа дека сум паднала во Дрина и дека сум се удавила, а јас седев на настава со другите деца.“
Иако денес е неизмерно горда на својата ќерка Јелена Украден, пејачката не крие дека една голема животна желба никогаш не ѝ се остварила.
„Бев многу тажна што немам брат или сестра. Затоа, кога ја родив мојата Јелена, излегувајќи од породилиштето реков: ‘Ќе дојдам јас повторно’. За жал, не ми се исполни желбата уште еднаш да станам мајка, но затоа мојата ќерка ми ја подари најголемата радост – три прекрасни внука“, призна таа.
