13.8 C
Скопје
19:00 - 23 април, 2024

Скопје евергрин со Оливера Христовска – Бошкова, новинар и сликар: Семејна традиција од пет века врзана за Чаир

Името на мојата соговорничка, Оливера Христовска – Бошкова веројатно ви звучи познато и веројатно на него се сеќавате од шпиците на Документарната програма на МТВ. Целиот работен век, од 1973 година, го поминала во оваа ТВ куќа, каде што била автор на значајни серии од областа на културата и уметноста, патеписни репортажи посветени на неоткриените убавини на Македонија, ТВ портрети, како и на документарно-играните проекти: „Кога меракот пее“, посветен на македонските девојки на кои сограѓаните им испеле песни, како на Трпана, Рајна Бурева, Сербес Донка, Родна Фалкова и други, серијата од десет емисии за современото македонско сликарство, „како дел од мојата определба низ новинарското перо да ја афирмирам Македонија на повеќе тв фестивали и надвор од нејзините граници“. Добитник е на наградата за новинарство Крсте Мисирков, како и на повеќе пофалници, плакети и други признанија за нејзината посветена работа. Освен ТВ сценарија и текстови, автор е и не шест книги, од кои најновата, посветена на Чаир е издадена под наслов „Мојата сага и тага за Чаир“. Како сликар и член на ДЛУМ учествува на повеќе групни изложби како и четири самостојни.

Родена е во Чаир, како второ дете на Ката и Ганчо, во големото семејство Бошковски. Дипломирала на Педагошката ликовна академнија и Историја на уметност со археологија на Филозофски факултет.

Од семејниот албум – Оливера стои десно до татко и

Како дојдовте на идеја да ја напишете книгата „Мојата сага и тага за Чаир“, ви тежеа ли спомените или мислевте дека Чаир заслужува една ваква книга?

Како најстаро чаирско семејство со години наназад преку раскажувањата на татко ми и другите стари чаирчани, во мене се разгоруваше желбата да ги откријам корените на моето семејство. Првиот извор ми беше мојот веќе покоен татко. Но, жарот како поттик и желба во мене ја разгори чичко Васе Наумов, чија мајка беше постарата сестра на дедо ми Трпче, кој почина во 1954 година. Така, еден ден при а посета во нивниот дом, во еден момент тој ми се обрати со зборовите „Ти, како новинар треба да знаеш дека семејството Бошкови е прводоселено семејство во Чаир како дојденци од Бурса при крајот на 15-от век. Биле одгледувачи на расни коњи и имале своја ергела“.

Изданок сте на семејството Бошкови кое, според вашите зборови, е едно од најстарите семејства кое меѓу првите се доселило во Чаир од турскиот град Бурса уште пред пет века. Во Скопје се ретки жителите со толку долга семејна меморија врзана за градот. Од каде ги собиравте спомените и материјалите за долгата семенја историја?

За тоа како и зошто ја напуштиле Бурса, во поширокото семејство конспиративно се раскажуваше само тоа дека побегнале бидејќи еден член од семејството убил некој тамошен Турчин. Нивниот прекар (галабија) меѓу старите чаирчани бил Бурсајлии. Втородојденци во Чаир од Бурса било семејството Велкови со прекар Лукареви, кои допатувале заедно со Јахја (Јаја) паша кој бил зет на султанот Бајазит втори. Пред издавањето на мојот ракопис за Чаир, побарав од архивот на Бурса да ми дадат некои податоци за моето семејство според пописите кои ги правеле турските власти. Но, одговорт беше дека нивните податоци од пописите на населението за градот се од подоцнежен период. Сепак, се сеќавам кога една пролет заедно со татко ми кој работеше во Археолошкиот музеј во Скопје како сликар-кописта на средновековни фрески, дојдоа неговите колеги археолози да ја видат и проценат староста на куќата која ние ја нарекуваме само како КУЌА, а која беше главното сврталиште и живеалиште на семејството. Нивната проценка беше дека куќата е стара најмалку 400 години.

Вашиот дедо Трпче бил сопственик на прочуената „Трпчева меана“, култно место во Чаир во кое се собирале највидните чаирчани. Кои биле тие и по какви и кои поводи се собирале?

Меаната на дедо ми позната како „Трпчева меана“ се наоѓала во срцето на Чаир. Била отворена во 1911 година и претставувала главно собиралиште на чаирчаните и на дојденците. Се точеле домашна ракаија, домашни вина и пиво, домашно кафе и разновидни мезиња. Дедо ми дури набавил и еден билјард стол кој за тоа време сепак биле реткости низ кафаните во градот. Заради сите овие уживања кои им се нуделе на гостите, кафеаната работела мошне добро. Постојано била присутна некоја од тајфите на златните грла на чаирчани кои низ сопствената музика ги пееле старите љубовни песни. Заради тоа, дури и Васил Хаџиманов од Кавадарци доаѓал тука да ги прави записите на песните.

Вашиот татко Ганчо не ја продолжил семејната традиција, туку заминал во Белград да студира сликарство. Како се случил овој пресврт?

Еден ден, во меаната дошол и Лазар Личеновски кој воодушевен од цртежите во јаглен насликани по ѕидовите со портрети и ситуации од меаната, го прашал татко ми кој е авторот на делата. А, кога татко ми му кажал дека тој ги насликал, познатиот сликар, воодушевен, веднаш му сугерирал да ја остави меаната и да оди на студии во Белград. Така и биднало…

Каков бил животот во Чаир помеѓу двете светски војни?

Животот во Чаир меѓу двете светски војни, за некои од семејствата бил мошне тежок пред се заради недостатокот во храна. Оние кои имале своја земја или помали ниви полесно поминувале. Но, тука бил и еден комшија, дојденец од Кочани по име Мишо Овчарот, кој мошне вешто ги снабдувал своите сожители пред се’ со ориз, сол, шеќер, кафе и други ситни потрепштини за секој дом.

Главната улица во Чаир, како и гимназијата го носат името на народниот херој Цветан Димов, кој инаку живеел во вашето соседство. Што дознавте за него од вашето семејство и други чаирчани, а што е помалку познато во јавноста?

Во овие две војни чаирчани дале многу жртви и народни херои. Најпознатиот од нив е народниот херој Цветан Димов чие семејство живееше на улицата Јајце. Еден дел од нашиот голем двор се граничеше и со нивниот двор, па и ние како деца имавме можност да ги слушаме приказните за него. Чичко ми и татко ми соработувале со него преку растурање на летоци, собирање парична помош за партизаните, но и повремено го криеле во нашиот дом од потерите кои ги организирале бугарските фашисти. Еднаш, во некој меѓусебен муабет, тој им рекол „Знам дека ќе умрам или од туберкулозата или ќе ме убијат. Но, ако по некое чудо останам жив, знам кого прво ќе ставам во затвор“. Тоа бил близок член од семејството. И, навистина така се случило. Бил уапсен на прагот од татковиот дом. И меѓу чаирчаните се знаело за овој кодош.

Фото – приватна архива, книга на Оливера

Како земјотресот го има сменето Чаир и животот во него?

После ослободувањето па се до земјотресот во 1963 година, во Чаир се живеел живот достоинствен како за постарите така и за помладите генерации. Можеби се живеело материјално многу поскромно од денес, но духовното богатство на Чаир и чаирчаните било и нивното најголемо богатство. Можеби еден од мотивите за издавањето на оваа моја книга во време на денешните изместени вредности лежеше и во желбата на сегашните и идните помлади генерации да им се пренесат вистинските животни вредности, а не неолибералните погледи на светот и животот во него. Впрочем, од овие изместени вредности, денес и Чаир веќе не е оној НАШИОТ ЧАИР! Жално, но вистинито…

Прва Чаирска вечер, фото приватна архива
Прочка во Чаир
Цртеж на Трпчева меана, спроти големата чешма
Чаирски дуќанџии

Од каде називот „Чаир“ за маалото кое се смета за срцето на старото Скопје?

Името Чаир овааа некогашна месност ја добило уште пред доаѓањето на Османлиите на овие простори. Најнапред било именувано како Чахар, а после освојувањето на Скопје од страна на Османлиите во 1392 година, месноста го добила името Чаир со значење ливада, полјана.

Слични објави

(Фото) Први фотографии на Раста од болница: Раперот задржан поради големи болки

еспресо

(Фото) Пријател објави приватна фотографија на Дарко Лазиќ и Катарина: Вака не сме ги виделе

Еспресо

Раста итно примен во болница

Еспресо

(Видео+фото) Ќеркичката на Никола Роквиќ плаче додека се збогува со својот татко кој тргна пеш за Грција на пат долг 1.150 километри

Еспресо

(Фото) Марко „Дај побрзај“ стана татко: Се родија близнаците Вања и Веда

Еспресо

(Фото) Прошталната порака на ќерката на Бојана Јанковиќ ја кине душата: Наследничката на покојната водителка се скрши! 

Еспресо
Се вчитува....