25.8 C
Скопје
14:19 - 18 мај, 2024

Сите ја чекаат вакцината против ковид-19, но што ако ја нема?

Во 1984 година, тогашната американска министерка за здравје Маргарет Хеклер на прес-конференција во Вашингтон објави дека научници успеале да го изолираат новиот вирус, подоцна познат како ХИВ, и најави дека во рок од две години може да се очекува да почне тестирање на превентивна вакцина.

Од таа прес-конференција досега поминаа 36 години, во кои ХИВ однесе 32 милиони човечки животи, а светот сѐ уште ја чека вакцината.

Денес, политичарите и многумина здравствени експерти најавуваат дека вакцина за новиот коронавирус ќе биде создадена уште побрзо и сите земји ги приспособуваат мерките против пандемијата до создавањето ефикасна вакцина, но низа експерти предупредуваат да не се отфрла сосема црното сценарио – дека во следните месеци, па и воопшто, нема да биде создадена вакцина против ковид-19.

Вакцината секако е најсилното оружје во борбата против заразниот вирус, но не е и единственото. Ако не можат да го запрат ширењето на пандемијата со колективна имунизација, општествата ќе мора да се прилагодат да живеат со коронавирусот без да создава големи проблеми.

EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Мерките ќе останат

Изолацијата ќе се надминува бавно и претпазливо, чекор по чекор, за да нема големи удари врз здравствениот систем. Луѓето нема веднаш да ги добијат назад сите граѓански слободи и ќе мора да ги почитуваат препораките од експертите. Тестирањата и следењата на контактите на заразените лица ќе бидат поинтензивни. Секако дека во меѓувреме ќе напреднат техниките и лековите за поефикасен третман на населението, но без вакцина нема целосно да се надмине опасноста од можно појавување на нови жаришта. При таква ситуација, ќе може итно да бидат наметнати најстроги мерки, како актуелните, врз помал или поголем регион. Брановите на зарази ќе се навраќаат сезонски, но веројатно секој ќе биде послаб од претходниот.

Ова се предвидувањата и предупредувањата од експертите за сценариото што никој не го посакува, но кое е сосема возможно, иако сите фармацевтски компании не штедат сили и средства за развој на вакцина против коронавирусот.

Политичарите воопшто не ја ни спомнуваат оваа можност и своите стратегии ги потпираат на оптимистични сценарија, но многумина експерти велат дека ако случајно не биде создадена вакцина за оваа подмолна болест, нема да биде првпат.

EPA-EFE/DJORDJE SAVIC

–  За некои вируси не се пронајдени вакцини. Не можеме категорично да тврдиме дека ќе биде создадена вакцина, а и дека ќе ги помине сите тестирања за ефикасност и безбедност – предупредува доктор Дејвид Набаро, професор по глобално здравје на лондонскиот Империјал колеџ.

Професорот, кој е вклучен и во тимот на Светската здравствена организација за борба против пандемијата, истакна дека е најважно „сите општества насекаде да дојдат во позиција од која ќе можат да го бранат населението од коронавирусот како постојана закана“, како и „да бидат способни да ги продолжат економската активност и социјалниот живот дури и во присуство на коронавирусот“.

Рекордно брз развој

Повеќето научници се убедени дека фармацевтските компании ќе успеат да создадат вакцина против ковид-19, бидејќи овој вирус не мутира брзо, за разлика од ХИВ или од маларијата. Најистакнатиот американски експерт, доктор Ентони Фаучи од американскиот Национален институт за алергии и заразни болести, е убеден дека ефикасна вакцина може да биде создадена во период од 12 до 18 месеци. Главниот англиски медицински офицер Крис Вити смета дека една година е премалку време за да се создаде вакцина, бидејќи никогаш досега ниту една вакцина не била создадена толку брзо.

Доктор Петер Хотез

– Досега не сме го забрзале процесот за создавање вакцина на една или на една и пол година. Тоа не значи дека не е невозможно, но ако биде постигнато, тоа ќе биде херојски подвиг – забележува доктор Петер Хотез од Одделението за тропска медицина на медицинскиот колеџ Бејлор во Хјустон. Но, тој предупредува: „Ни треба план А, но ни треба и план Б“.

ХИВ, вирусот што предизвикува сида, во изминатите 36 години се покажа како нерешлива смртоносна загатка за медицината. Додека експертите со години попусто настојуваа да создадат вакцина, позитивната дијагноза за ХИВ не само што значеше смртна пресуда, туку и стигматизација на носителите, кои во огромно мнозинство беа отфрлани од заедниците. Во тоа време лекарите дебатираа, дури и во стручни журнали, дали воопшто вреди да се спасуваат лицата заразени од ХИВ.

Политичарите не отстапуваа од обидите да се развие вакцина. Претседателот Бил Клинтон во 1997 година ги предизвика здравствените експерти да создадат вакцина во рок од 10 години. Во 2004 година научниците смело предвидуваа дека вакцина ќе биде создадена за десет години. Сѐ уште ја нема.

Ковид-19 бавно мутира

Причина за овој неуспех е природата на ХИВ, која е неверојатно променлива.

– Грипот е способен да мутира од година в година, па оние што се вакцинирале минатата сезона, не значи дека ќе бидат имуни во следната. ХИВ мутира при секоја инфекција – објаснува Пол Офит, специјалист за инфективни зарази и член на тимот што ја создаде вакцината против ротавирусот.

Офит додава дека ХИВ постојано мутира кај заразените луѓе, чии тела практично се нападнати од илјадници различни форми на вирусот, а при секоја мутација го уништува имунитетот на пациентот. Ковид-19, како впрочем сите познати коронавируси, не мутира толку агресивно, што ја зголемува надежта дека ќе може да биде создадена ефикасна вакцина.

Вакцина сѐ уште нема ни за низа разни други вируси познати со децении. Еден од најопасните е треската денг, која секоја година заразува приближно 400.000 луѓе во светот. Пред три години беа вложени многу труд и средства во развој на вакцина, но се покажа дека уште повеќе ги влошува симптомите, поради што истражувањата беа запрени. Тешко е да се создаде вакцина и против вообичаените риновируси и аденовируси, кои слично како коронавирусите предизвикуваат симптоми на настинка. Постои само една вакцина за два типа аденовируси, но таа не е комерцијално достапна.

Доктор Дејвид Набаро/Фото: МИА

– Имате големи надежи, а потоа се губат. Имаме работа со биолошки, а не со механички системи. Сѐ зависи како реагира телото – вели професор Набаро, објаснувајќи колку е тежок процесот на создавање вакцини. Најтешкиот предизвик е да се докаже дека вакцината е ефикасна и безбедна за сите луѓе.

 

 

Алтернативни третмани

За утеха, постои „план Б“ за борба против коронавирусот дури и ако не биде создадена вакцина. Како и во случајот на ХИВ, медицината разви низа третмани што им помагаат на пациентите.

– ХИВ денес повеќе не е „смртна пресуда“ како што беше во осумдесеттите години од минатиот век. Со антивирусни средства успеавме да го направиме како да е хронична болест, она што отсекогаш сме се обидувале да го направиме со канцерот – вели докторот Офит.

Најефикасно оружје против ХИВ е дневното превентивно апче, кое од заразата заштити стотици илјади луѓе од ризичните групи.

И во случајот на ковид-19 се тестираат разни третмани, кои може да бидат од голема помош во периодот додека не биде создадена вакцина, а и да послужат како „главно оружје“ при евентуалниот „план Б“. Некои од овие третмани веќе се користат, но експертите забележуваат дека сите се во „рана фаза на развој“. Научници експериментираат со лекот „ремдесивир“, кој е создаден за борба против ебола, како и со третмани со крвна плазма. Лекот „хидрохлорокин“, претставен од американскиот претседател Доналд Трамп како „пресврт во играта“, засега се покажува дека не функционира кај многу болни пациенти.

– Издвоени се „најдобрите кандидати“. Проблемот е што не е темелен пристапот на тестирањето. Треба да има контролирани студии врз база на случајност. Смешно е што дури од неодамна успеавме да мрднеме од место – вели Кит Нил, професор по епидемиологија на заразни болести на Универзитетот Нотингем и ревизор на текстови пратени за објавување во медицински журнали.

Нил вели дека повеќето студии ги отфрла зашто не се спроведувани правилно, но и дека веќе има потемелни трудови, чија ефикасност може да биде потврдена или отфрлена за неколку недели. Меѓу првите одобрени третмани е оној со „ремдесивир“ за кој е потврдено дека за неколку денови го намалува времето што пациентите го поминуваат во болница  до закрепнувањето. Тоа е добро средство за обезбедување поголем болнички капацитет, но тој нема да го спречи ширењето на заразата.

Социјална спогодба

Додека не биде создаден ефикасен превентивен лек, животот ќе продолжи со одредени ограничувања, кои секако нема да бидат толку строги како актуелните. Изолацијата е неодржлива ни од економски ни од политички ни од социјален аспект. Во исто време, мора да се изнајдат мерки за изолација што ќе бидат прифатливи и за граѓаните и за економијата и за општата здравствена слика на општествата.

Доктор Набаро повикува да се воведе „социјална спогодба“ – непишана обврска секој човек во сите земји да преземе лична одговорност дека ќе се самоизолира ако почувствува симптоми на ковид-19 или ако е во директен контакт со заразено лице.

– Потребна е промена на гледиштата. Луѓето во изолација ќе треба да ги сметаме за херои, а не за закана. Треба да има колективен пакт за опстанок и за благосостојба на сите во време на пандемијата – вели Набаро. Тој признава дека таквите спогодби практично ќе биде невозможно да се бараат од луѓе во сиромашните земји, од оние што бегаат од војните и од економските кризи.

Експерти бараат и помасовно прифаќање на работата од дома, за професиите во кои е возможна, ако треба и со ротирање на персоналот.

Фото: Unsplash

Новиот систем би можел да се прошири за социјални интеракции, дури и за одржување спортски натпревари и разни други големи собирања. Спортските натпревари би можеле да продолжат со зачестено тестирање на спортистите, а со време би можело да бидат отворени и трибините, но со поголема оддалеченост на навивачите. Баровите веројатно ќе останат последни на листата, зашто тие вообичаено се најгусто пополнети со луѓе.

Сосема е можно рестрикциите да бидат зајакнати при крајот на оваа година, кога се очекува новиот бран на коронавирусот, а можеби и во секоја зимска сезона, ако не биде создадена вакцина. Притоа строгата изолација и карантинот би требало да останат можности што итно би се примениле ако има потреба за тоа.

Со време, може да се достигне и контроверзниот „имунитет на стадо“, кој некои влади се обидоа да го направат во првиот бран од заразата. Експертите истакнуваат дека ако 70 до 90 отсто од жителите стекнат имунитет, тоа ќе ја забави заразата, но и додаваат дека создавањето на имунитет на стадо преку природно заразување, не е толку ефикасен колку вакцинирањето.

 

Подготвил: Митко Билјаноски

The post Сите ја чекаат вакцината против ковид-19, но што ако ја нема? appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....