19.8 C
Скопје
20:50 - 29 мај, 2024

Сеќавање на Велибор Џаровски-Џаро: „Животот е едно големо зезање“

По кратко боледување, денес, на 75 годишна возраст, почина Велибор Џаровски-Џаро. Џаро беше еден од најпознатите менаџери на просторите на поранешна Југославија.

Минатото лето излезе од печат неговата автобиографска книга „Џаро-Живот на коцка“, чиј автор е неговата ќерка, новинарката Милица Џаровска. Книгата е во издание на „Три“ и достапна е во продажба.

Да се потсетиме на мал дел од неговиот „живот на коцка“, напишани од неговата ќерка Милица.

– Ние што сме од Ѓорче Петров, кога одиме во центар, сè уште знаеме да кажеме – одиме во Скопје“, вели некогашниот естраден и спортски менаџер Велибор Џаровски- Џаро во својата прва автобиографска книга, „Живот на коцка“, која се продава во сите книжарници на „Три“, а беше изложена и на Саемот на книгата.

-Порано со главното корзо нè поврзуваше едно вовче што возеше до центарот. Нас, што живеевме по населбите на 5-6 километри од градот, каква што е мојата, нè сметаа за некаква локална провинција. Сакав да ја разбијам таа невистина. Како што подоцна во Југославија докажував дека Македонија не е културна провинција, така и Скопје го уверив дека ни Ѓорче Петров не е провинција“, раскажува Џаровски.

Автор на книгата е новинарката Милица Џаровска, зашто како што Џаро вели, никој друг не би имал повеќе трпение неговите приказни да ги пренесе на хартија.

– На многу луѓе им се чини дека на телевизија сум раскажал сè. Ете, несвесно сум сочувал некои анегдоти, кои сега си го најдоа своето место во книгата. Одамна сакав да излезе, ама изгледа дека сè си има свое време. Јас со времето многу не сум се оптоварувал. Трчав како луд, работев многу, многу и се забавував, спиев малку, извозев многу километри, испушив многу цигари, алкохол не пиев никогаш. Изгледа дека навистина сè си има свое време, па во 1999 година имав мал здравствен бродолом, мозочен удар кој ми се случи токму на Митровден. Оттогаш сум во прва, евентуално во втора брзина. Уште не можам да ја прежалам загубата на д-р Јовица Угриновски кој беше мој втор Господ и ме спаси да не настрадам во бродоломот“, раскажува Џаро за Еспресо.

Неговата дневна „канцеларија“ сега е близу до дома, во Влае, во двете негови омилени обложувалници. Секое утро е таму, на летната тераса која е собиралиште на пријателите. Вели дека насловот на книгата, „Живот на коцка“ не се однесува само на неговото коцкање по казината, туку на целиот неизвесен начин на живот.

-Животот е едно големо „зезање“, вели Џаро и се сеќава на една од неговите приказни која исто така се најде во книгата.

– Ова е мојата прва измама во животот. Ја смислив уште пред да станам менаџер. Жртви беа членовите на моето семејство – мајка ми, сестра ми, татко ми и брат ми. Најпопуларните цигари во тоа време беа „филтер Југославија“, што ги произведуваше Тутунскиот комбинат во Прилеп.
Мојата покојна мајка ги пушеше токму тие цигари. Тутунскиот комбинат во Прилеп уште тогаш знаеше што е добар маркетинг и организираа наградна игра. Главната награда беше „застава фиат 750“, популарно наречен „фиќо“. Требаше да се соберат десет празни кутии и да се испратат на определена адреса. Мајка ми со ќеф ја играше таа игра.

Затоа, ни самиот не знам како, ја смислив оваа измама. Нагласувам дека, кога се случи, беше ден сабота. Утредента беше недела и, се разбира, сите продавници беа затворени. Отидов кај мојот пријател во туристичката агенција за да се послужам со неговата машина за пишување и напишав:

„Вие сте среќната добитничка на главната награда, фиат застава 750. Наградата можете да ја подигнете во претставништвото на нашиот комбинат во Скопје, во понеделник наутро. Со почит, Тутунски комбинат Прилеп“.

Ставив некој замачкан, нејасен печат и поштенска марка на пликот и го пикнав писмото во домашното сандаче. Мајка ми секој ден ја проверуваше поштата. Паметам како да беше вчера. Седев дома, во дневната соба, кога одненадеж се слушна вресок од дворот.

„Го добивме, го добивме!“ – викаше мајка ми скокајќи од среќа.

Излегов во дворот и мртов ладен ја прашав:

„А што сме добиле?“

„Добивме фиќо, добивме фиќо!“- викаше мајка ми Милица.

За миг се собра целото семејство во дворот и почнаа да прават планови каде ќе стои фиќото, каде да се направи гаража… Тогаш јас го прашав најважното:

„А кој ќе го вози тоа фиќо?“

„Ти не може, брлив си, не си внимателен. Нема ти да го добиеш. Ќе го вози сестра ти“, одговори мајка ми.

„Не е фер! Не е важно што не сум внимателен, јас сум најстар“, се бунев.

„Добро, добро, ќе се договориме. Лесно е, возете го двајцата“, попушти мајка ми.

Веднаш почнаа да се собираат комшиите, да се чести, да се прославува. Добрата вест брзо се рашири. За мене беше плус што семејството не може да ме фати во лага. Беше сабота попладне, утре е недела и можев слободно да ги оставам два дена да му се радуваат на фиќото што не постои, зашто не можеа да дознаат дека наградата ја нема. Во меѓувреме, додека траеше сето тоа шоу, јас го чув она што и го сакав. Автомобилот е заеднички, а ќе го возиме и јас, и сестра ми, и брат ми. Ама јас како најстар можам да го пробам прв. Бев мирен.“ , вели Џаро и додава дека мајката му била лута два-три дена, откако ја дознала вистината. Но, претходно, многу се потрошила честејќи ги сите за автомобилот што не постои.

Слични објави

Српскиот министер за малку ќе се „фател“ со Хилари Свонк, конците му ги помрсил Александар Вучиќ

Еспресо

Најубавата српска водителка Марија Килибарда на 43 години чека бебе

Еспресо

(Видео) Се појави видео од тајната венчавка на Анастасија Ражнатовиќ: Цеца се бореше за бидермаерот

Еспресо

(Фото) Калиопи го промовираше новиот албум – „Албум“: 10 песни и дует со Слаткар

Еспресо

Совети од Клиника „Жан Митрев“: Комплетна артериска рeваскуларизација при коронарна болест на срцето

еспресо

Најважната личност на Цеца се исели од вилата, сега е видена на Дедиње: Не присуствуваше на свадбата на Анастасија

Еспресо
Се вчитува....