12.8 C
Скопје
23:50 - 28 април, 2024

Русија ја засилува својата предизборна кампања во САД

Додека сѐ уште не завршиле расправите и истрагите дали Русија извршила влијание врз исходот од претседателските избори во САД во 2016 година, се множат предупредувањата дека Москва и руски хакери настојуваат да се вмешаат во кампањата за претстојните избори во Америка во ноември.

Само во изминатата недела имаше две вести во таа насока – обвинувањето за Русин што крадел идентитети на Американци заради мешање во изборите, како и воведување санкции против политичар поврзан со Русија поради ширење дезинформации. Претходно, во август, разузнавачкиот офицер задолжен за изборите Бил Иванина објави дека Русија активно работи на оцрнување на демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден.

Притоа директно беше обвинет Адриј Деркач, проруски пратеник во Украина, дека „шири тврдења за корупција за да им наштети на кандидатурата на Бајден и на Демократската партија во САД“.

Деркач и Лишвиц

Министерството за финансии во четвртокот објави санкции за Деркач поради „долгогодишна притаена кампања“, чија цел била „култивирање лажни и непоткрепени приказни за американските функционери спроти претседателските избори во САД“. За Деркач е истакнато дека е „активен руски агент повеќе од една деценија, со тесни врски со руските разузнавачки служби“.

Деркач соработувал со Рудолф Џулијани, личниот адвокат на Трамп, кој лани во процесот на импичмент беше обвинет дека настојувал да изврши притисок врз украинскиот претседател Володимир Зеленски да прошири материјали што би му наштетиле на Бајден.

Санкции се објавени и за Артјом Михајлович Лифшиц од Санкт Петербург и за уште две лица, за кои се смета дека биле дел од рускиот проект „Лахта“ за вршење политичко и предизборно влијание врз САД.

Компанијата „Фејсбук“ неодамна објави дека попречила операција на озлогласената група „тролови“ од Санкт Петербург позната како Агенција за интернет-истражувања, за која се смета дека била активна и во кампањата спроти претседателските избори во САД во 2016 година.

И „Твитер“ објави дека ќе ја засили контролата врз пораките за да спречи дезинформации поврзани со изборите, односно дека ќе поставува врски за проверка на факти или целосно ќе блокира сомнителни постови. Со оваа политика сосема е можно да бидат опфатени и твитовите на претседателот.

Пренасочување кон Кина

Трамп упорно ги отфрла обвинувањата дека и пред четири години и сега Русија се мешала за да му донесе политичка предност во однос на противкандидатите. Во исто време блиски соработници на претседателот настојуваат да прошират аргументи дека поголема закана од мешање во изборите доаѓа од Кина, која наводно го поддржува Бајден.

Пред само неколку денови „свиркач“ од администрацијата за национална безбедност изјави дека секретарот Чад Волф им дал инструкции на офицерите „да престанат да бараат разузнавачки процени за заканата од руско мешање“ и своите активности да ги насочат кон потенцијалните закани од Кина и од Иран.

Трамп на својот профил на Твитер објавува тврдења дека Кина се меша во претстојните избори за да ги загрози неговите шанси за реизбор преку поттикнување расни протести.

– Ова е дел од обиди да се изврши притисок врз агенциите да ги манипулираат своите анализи, бидејќи ако ја кажат вистината, таа може да биде засрамувачка за претседателот. Тоа е опасно, бидејќи земјата нема да биде заштитена ако тие не ги споделуваат информациите со американските граѓани – изјави Адам Шиф, претседавач на Комитетот за разузнавање во Претставничкиот дом на САД.

И директорот на Националното разузнавање Џон Ретклиф неодамна ги прекина личните брифинзи со членовите на Конгресот.

Се зголемува бројот на паравоените формации што го поддржуваат Трамп

Во САД се зголемува бројот на паравоени формации што го поддржуваат претседателот Доналд Трамп и го презираат движењето „Животите на црнците се важни“. Експертите предупредуваат на нивното дејствување среде немирите и протестите во земјата, стравувајќи од натамошна ескалација на ситуацијата, пишува Дојче веле.

Вооружени групи граѓани како „Кеноша гард“ сега патролираат со панцири и маскирни костими, а на социјалните мрежи можат да се видат снимки како полицајците им се заблагодаруваат и ги снабдуваат со вода.

Минатата година во САД имаше 181 ваква паравоена формација, а денес нивниот број е значително поголем. Аналитичарите сметаат дека ситуацијата може дополнително да се влоши, дури и до ситуација слична на граѓанската војна, со оглед на најавата на Трамп дека нема безусловно да прифати евентуален пораз на изборите на почетокот на ноември.

Блумберг донира 100 милиони долари за Бајден

Поранешниот градоначалник на Њујорк, Мајкл Блумберг, издвои најмалку 100 милиони долари за да му помогне на демократскиот кандидат Џо Бајден во претседателската кампања во клучната сојузна држава Флорида.

Милијардерот Блумберг влезе во трката за претседателски кандидат на Демократската партија, но во март се откажа од кампањата во која потроши милијарда долари и го поддржа Бајден.

 

Подготвил: Митко Билјаноски

 

The post Русија ја засилува својата предизборна кампања во САД appeared first on Слободен печат.


Русија ја засилува својата предизборна кампања во САД was first posted on септември 15, 2020 at 7:45 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....