Актерот Александар Михајловски сподели непријатна случка од својата кариера, кога по завршувањето на фестивал на кој бил ангажиран како водител, организаторите му соопштиле дека не се задоволни од неговата работа и дека нема да му го исплатат договорениот хонорар.
Иако денес на ова искуство се сеќава со смеа, актерот откри дека во тој период бил многу помлад и понеискусен, а за ангажманот имал само неколку дена да се подготви.
„Еднаш ми се случи, водев еден фестивал и се договоривме за хонорар, којшто не беше многу висок. Заврши фестивалот, јас по два-три дена со дечкиве од организација се слушам. Велам: ‘Здраво. А, за хонорарот, што правиме? Чисто да знаеме кога ќе биде исплатата’. ‘Александар, ние зборевме, ние не сме задоволни од тебе и најверојатно ништо нема да биде од хонорарот’“, раскажа Михајловски низ смеа.
Гостувајќи во емисијата „Магазин“ на ТВ Сител, актерот објасни дека бил изненаден од одговорот на организаторите, особено затоа што го исполнил својот дел од договорот.
„Јас велам: ‘Ама јас сепак дојдов…’ Тоа беше многу брзо, сè се случи многу брзо. Имаше еден-два дена да се подготвиме. Тогаш бев уште многу помлад, тоа беше пред десетина години сигурно, и не бев ни толку искусен, требаше јас да напишам нешто за отворањето на фестивалот. Бев како: ‘Што да напишам јас сега, знаеш?’“, се присети актерот.
Михајловски призна дека денес, со искуството што го стекнал низ годините, веројатно поинаку би пристапил кон таквата задача.
„Сега друго би било од оваа позиција кога би требало да пишувам, ама многу се смеев дека ми рекоа дека ние одлучивме дека нешто не ни се допадна и нема да добиеш хонорар“, рече тој.
Александар Михајловски е син на познатиот актер Тони Михајловски, но низ годините гради сопствен актерски пат. Публиката го познава по улогите во претставите „Ничија земја“, „Народен непријател“ и „Отело“. Во „Ничија земја“ ја дели сцената со својот татко. Тони Михајловски во едно интервју откри дека со синот се скарале додека го подготвувал за приемниот испит на Факултетот за драмски уметности, но токму лутината му помогнала на Александар одлично да го изведе монологот и да биде примен.
