16.8 C
Скопје
04:31 - 19 мај, 2024

Говорот на претседателот

„Ако цената за влез во ЕУ е да кажеме дека не сме Македонци и дека нашиот јазик не е македонски, не ни треба ЕУ!..“

Ова е веројатно прва изјава на наш  државник, кој така експлицитно и јавно го изразил својот став кон бугарското условување на нашето европско интегрирање. Во неа како да се сублимирани гласовите на сите Македонци на кои им е преку глава од нерационалните, дволични и неискрени позиции на соседна Бугарија кон овој народ и оваа држава.

Но веројатно тоа не е едноставен емотивен изблик на разочараност на еден човек на кого му се испуштило да реагира на таков начин. Кога тоа ќе го каже еден претседател мора да има смисла и важност, не само за домашната јавност, туку да упати порака и до Бугарија, па и до Унијата.

Ако е за домашна употреба, тогаш Пендаровски веројатно сака да каже дека за него лично како претседател е неприфатливо барањето на Бугарија дури и по цена на невлегување во Европската Унија, што е сосема нова позиција што и се предочува на македонската јавност која досега, и по сите странични удари на патот кон ЕУ се соочуваше со бесконечен оптимизам од страна на власта.

Со ваквиот свој став искажан навидум како спонтан одговор во телевизиска емисија, претседателот Пендаровски како  да сака да се приклучи кон општиот политички амбиент на незадоволство и револт кон безобразниот однос на Бугарија кон македонизмот. Од друга страна, пак, сака да покаже „цврст“ став и постоење „црвени линии“ и на власта во поширока смисла, особено затоа што за неа важи мнението дека е во голма мерка попустлива и подготвена на компромиси (и во позитивна и во негативна смисла)! И на крајот јавно да обзнани дека нема намера да и „служи“ на Владата со постојано прогласување вонредна состојба.

Очигледно е дека претседателот Пендаровски се наметнува како личност со свои ставови по клучни прашања за нашата држава, покажувајќи сенс за општиот амбиент и расположението на граѓаните. Засега се чини добро му оди со баланс на горе, доле независност од партијата која го кандидираше за оваа функција.

Па сепак мора да се забележи дека и Претседателот и Владата имаат речиси идентичен одговор на условувањето од страна на Бугарија. Имено и министерот Никола Димитров додуше немушто но сепак слично реагираше дека „никогаш нема да прифатиме вметнување на антиевропски билатерални услови што навлегуваат во македонскиот идентитет во преговарачката рамка за пристапување кон европското семејство“

Некои тоа можеби ќе го наречат популизам, или дека е задоцнета реакција, ако се занаело однапред дека ќе наидат на затворена врата од страна на Бугарија кога станува збор за македонското прашање. Можеби.

Инаку изјавата на Пендаровски доаѓа бргу по „испадот“ на професорот Денко Малески за „еден народ “ со Бугарите. Со тоа Пендаровски прави обид за „амортизирање“ на толкувањето на изјавата на Малески како „пробен балон“ за евентуална подготвеност на македонската страна за отстапки, ако се има предвид дека Малески е негов советник за надворешни работи.

Иако Пендаровски се огради од изјавата на Малески чудно е што по само по два дена предлогот на поранешниот МНР Денко Малески за компромисно решение – бугарската историја во замена за македонската реалност, бугарската министерка Екатерина Захариева го прифати.

Дали за ваквиот експресен одговор на бугарската страна свое влијание имаше и „заканата“ на Пендаровски дека „…ЕУ не по секоја цена…!“ во „сослужение“ со предлогот на Малески, или пак прсти замешале и некои други сили кои се обидуваат да најдат излез од историскиот ќорсокак кој се заканува да ја загрози и европската иднина на македонскиот народ и држава.

Со овој „пакет“ на пораки меко им се укажува на бугарските власти да не претеруваат со антиевропско однесување затоа што и тие имаат што да изгубат во целава ситуација. Не само нас како пријатели, туку ќе го изгубат и европскиот рејтинг па и поддршка за која толку многу се напрегаат. А ние сепак нема да станеме Бугари.

Очигледо изјавата на македонскиот претседател е адресирана и до ЕУ, со што им препорачува на Европјаните да не дозволат сиот напор и труд што е вложен досега за да се  оствари постигнатово, да го упропасти една нивна членка со неразумни, антидемократски и неевропски барања.

Што потоа ќе направат тие е друго прашање, ако се има предвид дека во Бугарија е постигнт најширок политички консензус од кој тешко дека ќе може да се повлечат и да сакаат некои од политичарите на власт, а за ЕУ да не говориме дека функционира врз принципот на концезус и вето.

Тогаш какво значење има изјавата на Пендаровски за нас како држава?

Па веројатно и покрај звучноста на изјавата „…не ни треба ЕУ!“, сепак тоа не значи дека сме се откажале од интеграција во Унијата. Тоа во најмала рака од дипломатски аспект може да значи уште една тура силни преговори и разубедувања и со „браќата“ Бугари и со Европјаните. И тоа со секоја земја членка поединчно.

Она што за власта е најважно во овој момент е да стигнеме барем до одржување на заедничката меѓувладина седница која би значела и формално отпочнување на преговорите за пристапување кон ЕУ.

Оттаму веројатно беше и „криењето“ на документот приложен од страна на Бугарија- колку да го добиеме толку ветуваниот датум за преговори, а за потоа ќе видиме.

Затоа и претставниците на власта цврсто се повикуваат на одлуката на „Советот за општи работи на ЕУ кој на 24 март (формално на 25 март) едногласно, вклучувајќи ја и Бугарија, безусловно одлучи да ги отвори преговорите со Северна Македонија. Ваквиот заклучок на 26 март едногласно беше одобрен и од шефовите на влади и држави во Европскиот совет. Оперативниот пасус на заклучокот на Советот во делот на Северна Македонија не содржи ниту еден услов.

Се понатаму би станало дел од преговорите кои ќе се водат долго, долго, при што секоја од земјите членки ќе има право и можност за забелешки од секаков тип, вклучувајчи ја тука и Бугарија.

Опозицијата едвај дочека да обвини по којзнае кој пат дека за се е виновен „Договорот со Бугарија“. Се разбира и тоа е за домашна употреба и за предизборни поени, затоа што тоа е сосема спротивно со нивното уверување на јавноста дека ќе ја ставеле Македонија (без Северна) на „брза лента“ за членство во Унијата. Тие на тој начин нема ни да се доближат до вратата на „фабриката“ Брисел, а камо ли да почнат да работат на „некаква лента“.

Изјавата на претседателот следи по серијата домашни препукувања и дебати  што ги предизвика Изјавата на Бугарија во врска со усвојувањето на заклучоците на Советот на ЕУ за проширување.

Со неа Бугарија бара „промена на ‘клаузулата за јазици’ со која „лингвистичката норма“ што ја зборува населението на Република Северна Македонија, во документите/изјавите на ЕУ треба да се спомене само како ‘службен јазик на Република Северна Македонија’, вклучително и во идната рамка за преговори. Ниту еден документ/изјава на ЕУ и на нејзините институции не може да се толкува како признание за постоење на посебен т.н. ‘македонски јазик’“.

Дали Бугарија уште на стартот ќе ја погази дадената согласност за отпочнување на преговорите на Македонија останува да се види. Како што најави претседателот Пендаровски тоа може да се знае веќе до 16 јуни кога Европскиот Совет каде се решава со консензус ќе треба да се изјасни за преговарачката рамка во однос на земјава.

The post Говорот на претседателот appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....