14.8 C
Скопје
21:28 - 28 април, 2024

ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ со Рамбо Амадеус: Кој ќе ги освои гласовите на глупавите, тој владее

Разменуваме позитивна енергија со црногорскиот уметник, поет, музичар, пејач, текстописец, Антоније Пушиќ, на многумина попознат како Рамбо Амадеус, кој неодамна го објави својот нов албум „Брод на будали“, достапен на Јутјуб. Муабетиме на актуелни теми, од тоа кои се будалите, до каде плови бродот, преку коронакризата, па стасавме до Академијата за уметности и науки.

Како сте, како го гледате овој период на коронакриза? Заговор – не е заговор, носете маски – не носете маски, респиратори – никако респиратори, длабоко вдишете – подобро да не вдишувате, одберете друштво – групирајте се, прегрупирајте се?  

– Вирусот не е заговор, тој е последица на човечкиот агресивен и недомаќински став кон природата и планетата на која живее. Затоа што е нов, ни превентивните мерки ни мерките за лечење не можеа со сигурност да се одредат, оттука и контрадикторни мерки, кои повеќе зависеа од уредувањето на државите, политиката и менталитетот на луѓето, отколку од струката. Во Шведска пуштија сè нормално, но таму секако луѓето не приоѓаат едни до други поблизу од два метра. Во Индија полицијата млатеше со дрвени мотки секого кого ќе затекнеше на улица. Балканот се наоѓа на пола пат меѓу Индија и Шведска. Па мерките варираат помеѓу овие две крајности. Некако сепак се наметнува впечатокот дека вирусот е искористен за дополнително концентрирање и укрупнување на капиталот, како и за вежбање автократија. Повторно оние во чии раце се клучевите од печатниците на пари ќе ги купат овие кои мораат да работат или нешто да продадат за да добијат пари. Од шпанскиот грип, пред сто години, починале меѓу педесет и сто милиони луѓе, не се знае точно. Денес тој број е за среќа двесте пати помал. Голема штета е што учиме погрешни настани од историјата, историја на војување и политики, од тоа не можат да се извлечат никакви поуки.

Се наметнува впечатокот дека вирусот е искористен за дополнително концентрирање и укрупнување на капиталот, како и за вежбање автократија. Фото: Милош Дишковиќ

Неодамна ја објавивте песната „Платиш 1, добиваш 2, по 3!“ и тоа во три музички верзии. Што би требала да добие личноста кога песната ќе ја преслуша најмалку трипати?

– Репетитио матер студиорум ест  (Повторувањето е мајка на знаењето). Велат дека моментната меморија во нашиот мозок се претвора во трајна ако нешто повторите трипати. Моментната меморија е електрицитет меѓу неврони, а трајната меморија нанесува протеини. Преку три повторувања се случува неопходна хемиска реакција за нешто да запамтиме засекогаш.

Кој е сè на Бродот на будали и каде плови бродот? Всушност, кои се будалите? Тие што се на бродот или оние кои останале на копно или покрај реката, во езерото, морето, океанот?

– Бродот на будали е човештвото, кое за жал, дозволи да го водат луѓе што не се дораснати на таа задача. Како во расказот „Водач“ на Домановиќ. Кој ќе ги освои гласовите на глупавите, тој владее. Диктатура на некритичното мнозинство над мислечкото малцинство.

Фото: Јелена Јованов

Што денес значи да се биде будала?

– Будалата е будала и вчера и денес и утре. Тоа е човек кој излегува од својата компетенција, си дозволува да одлучува и да расправа за работи што не ги разбира. Будалата ја препознавате по тоа што мисли дека е попаметна од тоа што е. Данинг-Кругеров ефект – колку поголема будала си, толку си посигурен во своето мислење и компетенција.

Ја следите ли македонската музичка сцена? Што ви се допаѓа? Што ни недостига и нам и вам, ама искрено?

– Искрено речено, не следам никаква сцена. Слушам музика од Јутјуб, ја следам историјата на музиката и ги слушам најрепрезентативните примери, од Орландо Дилас, преку Бах, Хендл, до авангарден џез. Современата поп култура ме интересирала само додека бев адолесцент. Меѓутоа, забележав дека музиката во филмот „Пред дождот“ на групата „Анастасија“ е многу добра, културно етно-наследство вкомпонирано многу музикално во современа продукција.

Добив статус на култен музичар, и тоа меѓу оној најписмениот дел од населението. Еве слушам дека во една балканска држава ме предлагаат за член на Академијата на науки и уметности, можеби е „патка“, ама годи.

Во Вашата музика има – поезија, реализам, инклузија, култура, трансверзалност, и уште што? Каде сè тоа стигнува и менува ли нешто?

– Хумор. Едјутејмент (Edutainment). Учење преку забава. Сигурно дека менува, секако. Многу луѓе ми велат дека мојата музика всушност ги формирала, влијаела на нивното формирање на личност. Таквите комплименти годат.

Да сте министер за социјални прашања само на една недела, еден месец, што би промениле сега и веднаш?

– 1. Основното училиште, превозот, книгите за училиште, приборот, учебниците, ужинката, сè би било бесплатно. 2. Градинките, исто така. 3.Старечките домови и домовите за малолетни деликвенти би биле едни до други, и едните и другите се прилично осамени – верувам дека би било практично. 4. Затворите, болниците, институтите за ментално здравје, домовите за стари лица и заводите за малолетни деликвенти, сè тоа би било во природа. Кога не ти е добро – треба да одиш во природа. 5. Затворениците би требале да се во природа, да се занимаваат со земјоделство, хортикултура, пошумување. Никој не мисли на нивната рехабилитација. Што бараат болниците во центар на градот? Среде градот треба да има само служба за итни случаи. Треба да се дозволи лековитата природа и нејзиното благотворно влијание да дадат свој ефект. 6. Би го одвел на ручек министерот за финансии и би го наговорил да го направи следното – да го укине данокот на самостојните, малите земјоделци, да им дозволи секаде и непречено, без каква било дозвола, да ги продаваат своите земјоделски производи. Да се воведе прогресивен данок за богатите, баш како што е во Шведска. Да се ослободат од данок сите услужни дејности – домашна помош, носачите, чевларите, старите занаети, геронтодомаќинките. Да се подигнат царините на увоз на земјоделски производи, Балканот има плодна земја, но полесна е заработката од увозот отколку од стимулирање на домашното земјоделство. Да се дадат бескаматни кредити на енергетска ефикасност. И така натаму. Постои подолг список што му е познат на секој политичар, само за жал, еден е претседателот Мухика. Треба истовремено да се биде паметен, добронамерен и некорумпиран.

Дали добивте нешто од државата?

– Добив доста. Пред сè бесплатно школување, потоа бесплатна едриличарска обука, бесплатно занимавање со тој скап спорт, бесплатна нижа музичка школа, бесплатен факултет. Зборувам за СФРЈ. Подоцна добив неколку важни признанија, и статус на слободен уметник. Како слободен уметник имам бесплатна пензиска и здравствена заштита секоја година кога приходот нема да ми надмине 500 евра месечно.

А што добивте од Балканот?

– Добив статус на култен музичар, и тоа меѓу оној најписмениот дел од населението. Еве слушам дека во една балканска држава ме предлагаат за член на Академијата на науки и уметности, можеби е „патка“, ама годи.

Многу луѓе ми велат дека мојата музика всушност ги формирала, влијаела на нивното формирање на личност. Таквите комплименти годат.

Што можевте да добиете или да загубите да не бевте родени овде?

– Тешко е тоа да се разгледува, веројатно немаше да бидам ваков човек ако не сум роден овде. Припаѓам на школата бихевиористи – на човекот влијае средината барем еднакво како генетиката. Што би бил Тесла да останеше во своето родно село, без школување во елитните школи и факултети?

Која македонска песна за Вас би била предизвик да ја преработите и со која изведувачка?

– Песната „Се навали Шар Планина“ ми е многу драга. Мојот пријател, едриличар и рибар од Херцег Нови, Лало Вучковиќ, сакаше често да ја пее. Многу пати сум ја слушнал како момче и ми се врежала во свеста, па ќе ја обработам кога тогаш. Да беше жива, со задоволство би соработувал со Васка Илиева.

 

Насловна фотографија: Милан Јосиповиќ

The post ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ со Рамбо Амадеус: Кој ќе ги освои гласовите на глупавите, тој владее appeared first on Слободен печат.


ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ со Рамбо Амадеус: Кој ќе ги освои гласовите на глупавите, тој владее was first posted on јули 23, 2020 at 11:41 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....