Будимка Поповска – Буде: Сакам жени кои можат да направат пат таму каде што го нема

Будимка Поповска – Буде е мултиталентирана уметница. Жена која не влегува во ниеден калап. Жена умница, жена мудрец, жена факел, жена – посебна појава во уметничкиот свет. Жена сликарка, жена поетеса. Жена која помина 17 години во манастир, а сега, на монашкиот живот гледа како на едно прекрасно искуство, како да се качила на врв на некоја планина за која мислела дека е недостапна за неа, се качила за да се обиде да ја освои, за на крајот да дојде до сознанието дека без љубов сѐ е минливо, менливо и осудено на пропаст.
Буде е, исто така жена, која сака да вози точак и да гушка дрвја во Скопје.
Буде е исклучителна жена. Буде е наша жена во „Женски печат“.

Кога во себе ја почувствува потребата за пишување и визуелно изразување?

– Откако знам за себе. Пишувањето почна со пишување дневник.

Пишувањето поезија е духовен чин, како медитација или? Како поинаку гледаш на тоа?

– Поезија, хм.., не знам дали медитација е вистинскиот збор. Можеби повеќе терапија, самолекување, самопомош во мигови кога „нешто неизречено те притиска и те пече“. Пишувањето поезија помага да ја испразниш содржината на потсвеста, нешто што ти се вртка таму, а ни сам не знаеш што е, и додека не го ставиш на лист хартија не можеш да знаеш што е. Во мојата поезија буквално станува збор за катарзични избивања на површината на работи коишто претходно сум ги потиснала, сум ги отфрлила од себеси, сум ги сокрила од самата себе. И ако не ја објавам веднаш песната (на Фејсбук, н.з), постои можност никогаш да не биде објавена. Всушност, околу тоа се врти голем дел од моите теории на заговор во врска со еден стих на Бранко Миљковиќ – „сите ќе пишуваат поезија…“. Сум имала и скрибомански периоди во својата историја, и не сум премногу среќна поради тоа – еден куп испишани тетратки што никогаш нема да ја видат светлината на денот.

Уметноста на некој начин значи и засолнување во духовноста. Но, што се случува кога ќе се засолниме во духовноста за да се бориме со еден свет во кој во мода е материјалното?

– Духовното значи укинување на двојството, на спротивностите, на поларитетите. И материјалното, во таа смисла, не е нешто што може да се стави на другата страна на вагата. И материјата е од дух.
Како твоето 17-годишно монашко живеење се рефлектира во световниот живот?

– Се рефлектира како тренинг. Монашкиот живот за мене е едно прекрасно искуство. Како да сум се качила на врв на некој планина за која сум мислела дека е недостапна за мене. Сум се качила за да се обидам да ја освојам. За на крајот да дојдам до сознанието дека без љубов сѐ е минливо, менливо и осудено на пропаст. Тоа што вчера си го зацртал во својот планер, можеби утре нема да биде во фокусот на твојот интерес. И тоа во одреден миг може да биде многу застрашувачко искуство, промената на желбите пред, за време и после нивното остварување. Но да се осознаеш себеси е најголемото животно школо. Тоа никаде не се учи, никој не може да ти го предаде како знаење, зашто како што вели една латинска поговорка „колку глави, толку мислења“, во слободен превод – школи. Секој човек самиот за себе е школо и еурека, своевидно откровение.

Кои и какви жени те инспирираат?

– Жени лавици. Жени љубовџики. Жени креативци. Жени факели, жени митови. Жени змејови, жени што родиле деца со нетипичен развој, им се восхитувам, мојот личен развој е апсолутно нетипичен. Жени измислени и замислени. Жени што ги надраснале хуманизмот, ренесансата и просветителството. Жени што се родиле надвор од сите правци. Жени мајтапџики. Жени талкачки. Жени што веќе не се меѓу нас, а истапкале некои патеки. Во мијачијата има една ваква: „кога не знаеш што со себе и како понатаму, излези од себе и направи си патека. И оди по неа“. Сакам жени коишто можат да направат пат таму каде што го нема. Таква беше мајка ми, знаеше да направи супа од кондури, и ми личеше на Чарли Чаплин.

Каков е твојот однос кон религиозноста?

– Пак околу магијата на зборовите – религија е од линк, што значи врска. И најоткачено ми е што за да го сфатиш тој збор, треба да свртиш цел еден круг околу планетава, заедно со Бајага кога искрено се моли: „ајде боже, биди другар и сврти ја планетава назад еден круг…“. Во бајките, во митовите, во историските приказни, секаде се зборува за некаков развој, процес. Самиот човек е една мошне мистериозна и флуидна појава, тој никогаш не е ист со самиот себе, постојано се менува – „двапати во иста река не се влегува“, се раѓа како бебе, па станува дете, па детето станува момче-девојче, па девојка, жена, маж, па баба, дедо, и староста на крајот се претопува во смрт… И животот бил како сон, како еден миг, и како капка утринска роса врз ливче роза… Е сега, сите митологии зборуваат за тоа дека човекот на крајот на детството ја губи врската со себеси, и тоа губење на врската е заборавањето. А на сметка на заборавањето – кој е и што е, меморира милион други работи. Ги меморира поради тоа што не може да ги запамети и му требаат потсетници, зашто тие му се туѓи, но во мигот кога ќе се сети на себеси, (мементо меи), тој повторно се залинкува на изворот што го носи во себе, и станува релинкуван. Во антиката исто така почесто се користи зборот набожен, наместо религиозен, бидејќи во тоа време линкот до сопството бил како кабел со два влеза, или ако сакате „у-ес-бе“, или продолжен кабел со два влеза, што водат до истата просторија, истата лабораторија, истиот извор на енергија, во која човечкото е божествено, делумното е целосно, погрешното исправно, фаталното случајно, што од друга страна, филозофите би го протолкувале како просто надминување на дуализмот субјект-објект.

Од друга страна, мојот идеал во христијанството беше јуродивството. Се разбира, тоа е непопуларен термин, но со малку добра волја на „гугл“ може лесно да се открие што се крие зад седумте мориња и седумте планини. Јуродивите не можат да бидат нормални како „останатите“. Дури понекогаш јуродивите се плашат дека останатите „глумат лудило“ односно, глумат дека се нормални само за тие да се чувствуваат дека не се баш токму или не се со сите. Тоа е стапица на умот. Мислам дека во денешно време, јуродивството е најавтентичен израз на христијанство, од причина што религиозноста не е нешто што може статистички да се мери. Освен тоа, јуродивите во своето срце ги знаат сите патишта до изворот на постоењето, а патишта има безгранично многу, секој човек има свој пат, значи имаат таков дар да можат да ги сфатат сите религии. За јуродивиот е апсурдно една од религиите да доминира над другите како подобра, слично на расизмот, но истовремено, јуродивите имаат сенс и за апсурдите што во голема мера владеат со светов, и наместо да ги осудуваат, изнаоѓаат начин да се забавуваат со нив, барајќи разбирање за сѐ и сешто, и таму кај што може, но и таму кај што е невозможно. Нивна омилена парола е „смени се себеси, ќе го смениш светот“. Јуродивите се мајстори на трансформацијата, како Дејвид Боуви.
Да имаше сега попис кај нас, во графата за вероисповед ќе ставев „агностик“ склона кон акосмизам. Сакам да не знам.

Кои ти се следните предизвици?

– Една абориџинска вели, животот е она што ви се случува додека вие планирате. Ако предизвикот не те изненади, не знам во што би била убавината. Многу од работите ако ги правиш од амбиција или суета, ќе ти се удрат од глава, а ако ги правиш од очај… можеби ќе те натераат да удриш со главата во ѕид и да го скршиш ѕидот… Не затоа што твојата глава е потврда од ѕидот, просто затоа што некои од законите на физиката се и закони на духот. Мојот најголем предизвик бил и останал да бидам како дете.

Ќе сакаш ли да нè почестиш со една твоја необјавена поезија, нека бидат и стихови неколку само?

Не ме чекај, сигурно ќе дојдам

Неделно утро,
Го препрочитувам дневникот
Место каде што со сигурност
Никој не би те барал
Нечујно, во некој далечен
Центар во кората на мозокот
Со движење на животно
Стуткано во фиока во која
Се овековечени зачини
Што се чуваат на темно и ладно
Ти велам ФАЛА!
Со спокој на чи мајстор
Што конечно ја скршил циглата
На пола,
Без вина што сум гола
И што гледаш низ мене
Во еден процеп меѓу редови
откривам
Дека можеби си ме чекал
На место за кое си заборавил
Да ми кажеш
А јас сум дошла
Една секунда
После сѐ

Дали спиритуалноста е нешто што го носиме од раѓање или е нешто што се „учи“, нешто на кое постојано е неопходно да работиме?

– Секогаш сум ја сакала магијата на значењето на зборовите. Кога ќе кажеш духовност и спиритуалност, исто значат, но не звучат исто. Тоа е, за мене, вистинска магија. Духот е животот. Духот и душата се разликуваат. Душата, на пример, за да биде жива мора да има тело. Да речеме, во Библијата има приказна за тоа дека кога го создал човекот, откако го направил од кал и вода, на крајот му го вдахнал животот така што му дувнал во уста! Го оживеал. Тој здив што го носиме во себе, е „божјиот“ дух, самиот живот. Сѐ што живее е духовно. Сѐ што мрда има живот во себе. А животот е искра, духовна искра. Во нашето срце – телесно – има едно мало пламенче, слично како она на свеќата. Нашето тело, или нашиот живот, е составено од земја, вода, воздух и оган. Има една друга приказна во која се раскажува како елементите се скарале меѓу себе, околу тоа кој е најважен. И се разбира, поентата е дека сите се важни, но сепак, можеби огнот има некаква предност. Се раѓаме со дух, но цел живот учиме, и никогаш не можеме да научиме до крај. Во секој случај, живи сме сѐ додека гори огнот во нашето срце. Во мигот кога тој ќе изгасне, ние умираме.

Слични објави

Здравствени ризици кај милениците во пресрет на новогодишните празници

jasmina.kantardzieva

Додека регионот се смрзнува, Дара Бубамара шета разголена во Дубаи (ФОТО)

Еспресо

АНА ЈОВКОВСКА: Не „кукумјавкам“, туку го барам ѕвончето со кое ќе свирнам за ПРОМЕНА!

jasmina.kantardzieva

Маска против брчки од само две состојки

Еспресо

Првата дама на САД го прослави 50-от роденден! (ФОТО)

Еспресо

Дуа Липа се раздели од саканиот?

Igor

Остави Коментар

пет + единаесет =

Слични објави

Слатки кифлички со џем од сливи (РЕЦЕПТ)

Igor

Девет работи кои ќе ви се случат доколку се впуштите во врска со најдобриот пријател!

Еспресо

Меган и Хари не се откажуваат од луксузот! Не излегуваат од дома, а оваа жена им носи се на послужавник! (ФОТО)

Еспресо

Британската ријалити ѕвезда го смени личниот опис со пластичните операции! (ФОТО)

Еспресо

Задникот на скопјанката Кристина треба да се најде на разгледница за Македонија (ФОТО)

Igor

Постојат два облика на имунитет, кои имаат голема улога во заштитата од коронавирусот

Еспресо