18.8 C
Скопје
21:26 - 5 октомври, 2022

(Фото) Скопје евергрин, 26 јули 1963-та, сведоштва: „И ден-денес ми се заледува крвта од тој татнеж“ од земјотресот, „Зошто не се одбележува 26 јули, Денот на светската солидарност?“

По 59 години откако Скопје го стресе онаа катастрофа по која календарот во градот се подели на „пред“ и „по“ земјотресот, ги замолив членовите на ФБ-групата „Стари скопјани“ да ги споделат со читателите на Еспресо.мк своите сеќавања и лични искуства за тоа фатално утро на 26 јули 1963 и за времето непосредно потоа.

Ме интересираа приказните за преживувањето на земјотресот, за траумата на немоќта пред стихијата на природата, за тоа како таа се одразила понатаму во нивните животи. Добив интересни сведоштва, а сите порачуваат исто: Да не се повтори!

Емилија Тодорова (Сиднеј): Својот живот му го должам на брат ми

Емилија Тодорова, фото – приватна архива

За мене и моето семејство, како и за илјадници други граѓани на Скопје, земјотресот беше дефинирачки момент што го смени текот на нашите животи. Брат ми, кој во тоа време беше на студии во Љубљана, се врати во Скопје на 25 јули, да го помине одморот дома, со нашите родители и со мене. Само часови подоцна ќе ме изнесе на рамена од куќата, пред да се урне таванот од собата во која спиев. Нему му го должам својот живот. Мајка ми ќе излезе следна, а татко ми зад неа – под него ќе се урнат влезните скали и тој ќе заврши со скршена нога – повреда од која никогаш нема да закрепне целосно. Нашата куќа на ул. 147, сега „Благоја Страчков“, е единствената на таа улица што ќе биде маркирана со црвена боја – знак дека е оштетена до степен кога во неа веќе не може да се живее. Сè до пролетта 1964 година бевме бездомни, живеејќи по куќите на семејни пријатели и подалечни роднини. Брат ми, кој беше меѓу првите волонтери вклучени во спасувањето и откопувањето на жртвите од земјотресот, им се врати на студиите дури по неколку години. Татко ми, сè до својата смрт, на секоја промена на времето велеше дека „земјотресната“ нога предвидува дожд. Мајка ми никогаш не ја прежали загубата на нашиот дом. Јас, иако дете, разбрав – повеќе интуитивно отколку рационално – не само што значи да си бездомен, туку и што значи човечност; сознанија што, многу подоцна, ќе го определат мојот професионален пат.

Покрај кејот, фото Александар Петковски

Мими Митевска: Во шатори живеевме два месеца

Се сеќавам, имав неполни 6 години. Куќата во Кисела Вода, на Рампа, се тресеше, но не падна. Мајка ми викаше: „Тошо, земјотрес!“, таа и сестра ми истрчаа од куќата, а татко ми ме грабна мене. После пругата имаше убава долинка со три куќи, каде што во шатори живеевме можеби два месеца, по што отидовме во Битола кај роднини на мајка ми. Потоа целата наредна година живеевме во Загреб, каде што татко ми беше претставник на „Подравка“, но родната Македонија го влечеше премногу, па во 1965 година се вративме во истата куќа на Рампа, каде и ден-денес живее сестра ми со внуката.
Бев мала, но имам уште многу неубави спомени, бидејќи во земјотресот ја изгубив стрината и целото нејзино семејство. Нека почиваат во мир сите.

Железничка станица, фото – Александар Петковски

Ангел Иванов: Зошто не се одбележува 26 јули, Денот на светската солидарност?

Роден сум и израснав на плоштадот „Слобода“. На 25 јули, доцна вечерта се вративме од Херцег Нови, за првпат отидов на „наше море“, а тоа да ти било солено! Капнати, заспавме. Рано сабајле, мајка ми ме тресе и ме корне од постела, да станам. Отворив очи, од прашината едвај ја видов. Онака полуголи, кој по гаќи, кој по ноќница, излеговме на улица. Срча до колена, боси излеговме на плоштадот пред Домот на градежниците. Луѓе на куп, исплашени и бели од прашина и малтер, за среќа, живи и здрави. Истиот ден имаше повеќе од 300 помали земјотреси, на секои 3 минути. Плоштадот „Слобода“ да ти бил епицентарот. Следниот ден, на 27 јули, пред урнатиот хотел „Македонија“ ги пречекавме другарот Тито и Никита Сергеевич Хрушчов. Мавтавме, и тие ни мавтаа. Другарот Хрушчов ми мавна со шеширчето и со насмевка мене лично ме поздрави во толпата. Имав неполни 13 години. Не се заборава тоа. Сега имам 72 години и криво ми е што не се одбележува 26 јули, Денот на светската солидарност, прогласен од ООН. Го видов и У Тант, генералниот секретар на ООН, кој дојде во Скопје двапати…

Историски музеј, фото – Александар Петковски

Жане Бошнак Митровска: И ден-денес ми се заледува крвта од тој татнеж

Родена сум во Ново маало. Живеевме во куќата на баба ми и дедо ми. Потоа се преселивме во стан на зградата на Народната банка на Македонија, кај Градска болница. На 12 години го доживеав катастрофалниот земјотрес. Ноќта беше многу топла. Утрото нѐ разбуди страшен татнеж и тресење. Испукаа ѕидовите и не можевме да излеземе. Ние од приземјето скокавме од прозорците. Запрежни коли бегаа откај Зелено пазарче. Почвата под нозете се губеше на улицата „11 Октомври“. На вториот потрес видов како се урива театарската станбена зграда на раскрсницата со ул. „Кочо Рацин“. Само прашина и лелеци. Татко ми и уште еден станар ги вадеа соседите од горните катови. Од нашата зграда сите останаа живи, но објектот беше обележан за најголема санација. Сите во пижами преседовме во паркчето пред Градска болница, каде што ги носеа ранетите и загинатите.
Мојот брат беше на одмор на Јадран. Тој додека не пристигна, по пат плачел не знаејќи дали сме преживеале. Средбата беше потресна. Тој потоа учествуваше во доброволните бригади за расчистување на урнатините. Имаше многу последователни помали потреси. Потоа нас децата нè евакуираа во Дојран на еден месец. До есента живеевме под шатори во Кисела вода. Глетката на градот беше катастрофална и морничава. Се сеќавам дека нè посети другарот Тито и многу други. Обновата на мојот роден град е помогната и со многу солидарни донации и луѓе на кои сме им благодарни. Јас износев едно фустанче од пакетче од Мексико.
Никогаш да не се повтори. И ден-денес кога ќе го слушнам тој татнеж, крвта ми се заледува.

Александар Петковски беше љубезен да сподели со нас десетина фотографии што по земјотресот ги направил дедо му Ненад Петковски, со фотоапарат марка „смена 8“.

Ненад Петковски

За дедо му ни кажа: „Авторот на сликите, дедо ми, со семејството пред земјотресот живеел во Маџир Маало, но куќата им паднала, па подоцна се преселиле во бараките во населба Ченто“. Според сведоштвото на внукот Александар, Ненад починал пред 20 години.

Фотографиите ги објавуваме за првпат во „Скопје евергрин“.

(Продолжува)

Слични објави

Хари и Меган во конфликт со Нетфликс: Во паника се, сакаат да отстранат делови од документарецот

еспресо

Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик: Децата ни се спремни да го бранат јазикот колку што ние им даваме лични примери

Јасмина Кантарџиева Димков

(ФОТО) Драган Бјелогрлиќ по Скопје го посети и Кавадарци: Присуствуваше на доделувањето на признанието на градоначалникот Митко Јанчев

Еспресо

Почина Лорета Лин: Била ќерка на рудар, се омажила на 15 години и успеала да стане кралица на кантри музиката

еспресо

Неодлучниот Маск конечно пресече: „Ќе го купам Твитер!“

Еспресо

(ВИДЕО) Во знак на солидарност со жените во Иран, шведска пратеничка си ја отсече косата: Додека Иран не се ослободи, нашиот гнев ќе биде поголем од угнетувачите

Еспресо
Се вчитува....