20.8 C
Скопје
19:23 - 27 април, 2024

Се загрева дипломатската војна за извозот на жито од Украина: Житото останува заробено во Украина

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу вчера во Анкара го прими својот руски колега Сергеј Лавров. Разговарале за предлогот на ОН за ослободување на украинските пристаништа на Црно Море за да може да се извезат 22 милиони тони жито кои се наоѓаат во силосите, пренесува vijesti.me

Украина и Западот ја обвинуваат Москва дека ги користи залихите храна како оружје, додека Русија, од друга страна, тврди дека главни виновници се украинските поморски мини и меѓународните санкции против Москва.

На прес-конференцијата, Чавушоглу рекол дека вчерашните преговори во Анкара, на кои не учествуваше претставник од Украина, биле плодни и дека е можно повторно воспоставување извоз на украинското жито долж морскиот коридор.

Обединетите нации, заедно со Киев и Москва, работат на плановите за обновување на извозот на житарки од украинските пристаништа во Црно Море, а можно е Турција да обезбеди поморска придружба и безбеден премин.

„Ако треба да го отвориме украинскиот меѓународен пазар, сметаме дека е легитимно да се отстранат пречките за рускиот извоз“, рекол Чавушоглу.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вчера изјави дека високи претставници на ОН разговарале со Анкара, Брисел, Киев, Москва и Вашингтон во изминатите десет дена, но не сакал да ги „загрози шансите за успех“ со дополнителни коментари.

„Ова е еден од оние моменти кога е неопходна тивка дипломатија – и благосостојбата на милиони луѓе низ светот може да зависи од тоа“, рече Гутереш.

Чавушоглу рече дека планот на ОН е „разумен и остварлив“ и дека „Украина и Русија треба да го прифатат“.

Русија ја повика Украина да ги отстрани мините од областа во близина на црноморското пристаниште Одеса за да се овозможи безбеден извоз на житарките. Рускиот претседател Владимир Путин вети дека Русија нема да ги користи деминираните коридори за да ја нападне Одеса.

Лавров вчера изјави дека Русија е подготвена да ги официјализира гаранциите во однос на Одеса. Тој вети дека Русија нема да ја „злоупотреби“ поморската предност доколку украинските пристаништа се деминирани и дека ќе ги преземе неопходните чекори за да се осигури дека бродовите ќе минуваат слободно.

„Подготвнеи сме да ја гарантираме безбедноста на бродовите што ги напуштаат украинските пристаништа во соработка со нашите турски колеги“, рече Лавров.

Москва, исто така, инсистира на правото да ги претресува бродовите што доаѓаат во пристаништата за да се увери дека не носат оружје наместо жито, што, според украинскиот амбасадор во Турција, е неприфатливо.

Украина соопшти дека ветувањето на Русија дека нема да ги користи безбедните поморски коридори за напад на Одеса не е веродостојно.

Претседателот на Здружението на украински трговци со житарки ги критикуваше и напорите на Турција да преговара за договор со Русија за обновување на украинскиот извоз, велејќи дека Анкара не е доволно моќна да дејствува како гарант против Русија.

„Турција не е доволно моќна во Црно Море за да ја гарантира безбедноста на товарот и на украинските пристаништа“, рече претседателот на здружението, Серхиј Ивашченко. Тој изјави и дека отстранувањето на мините од украинските пристаништа може да потрае два до три месеци, а во тоа треба да учествуваат турската и романската морнарица.

Украинскиот лидер Володимир Зеленски неделава изјави дека Украина разговарала со Велика Британија и Турција за идејата дека морнарицата на трета земја ќе гарантира безбеден премин за извозот на жито од Украина преку Црно Море.

Русија и Турција исто така би имале корист од планот за извоз. Агенцијата АП посочува дека истиот коридор ќе ѝ овозможи на Русија безбедно да ги извезува своите прехранбени производи и ѓубрива, додека Турција тврди дека ќе го олесни и заштити транспортот на житарки во Црно Море, што ѝ овозможува да ги исклучи другите шпедитери.

Чавушоглу вчера рече дека е „легитимно“ да се ублажат санкциите против рускиот извоз на земјоделски и некои други производи.

„Ако треба да го отвориме украинскиот меѓународен пазар, сметаме дека е легитимно да се отстранат пречките за рускиот извоз“, рече Чавушоглу. „Ако целиот свет треба да извезува производи од Украина и Руската Федерација, тогаш треба да се воспостави метод“, рече тој, додавајќи дека се надева дека „техничките подготовки“ ќе бидат можни што е можно поскоро.

Иако извозот на жито е изземен од западните санкции, Русија тврди дека санкциите ја спречуваат да испраќа жито на западните пазари.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, вчера изјави за новинарите дека руските залихи жито може да се испорачаат на меѓународните пазари само доколку се укинат санкциите. Тој посочи дека „сѐ уште нема позначајни преговори“.

Официјални лица на ЕУ вчера нагласија дека блокот не вовел санкции за храната.

„Кремљ ги користи залихите храна како оружје и за своите постапки плете мрежа од лаги во советски стил“, изјави вчера Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет.

Во силосите нема место за житарките од годинашнава жетва

Силосите за жито на територијата што ја контролираат украинските власти се до половина полни пред годинешната жетва, што значи дека посевите би можеле да останат неожнеани доколку Русија продолжи да ги блокира пристаништата, изјави вчера претседателот на Украинската асоцијација за житарки.

На територијата контролирана од Украина се складирани околу 30 милиони тони жито, што е повеќе од половина од вкупниот капацитет од 55 милиони тони, изјави на меѓународната конференција во Лондон Микола Горбачов, додавајќи дека територијата контролирана од Русија има капацитет за складирање на 13 до 15 милиони тони.

Без пристап до црноморските пристаништа, Украина во најдобар случај ќе може да извезе 20 милиони тони жито следната година, рече Горбачов, додавајќи дека најверојатно повеќе ќе има сончоглед отколку пченка и пченица.

„Можам да ви кажам дека нема да најдеме решение за извозот без пристап до пристаништата во Црно Море“, изјави Горбачов во Лондон.

„Жетвата почнува за еден месец. Имаме силни складишни капацитети за пченица и јачмен. Проблемот ќе се појави во ноември кога ќе почне жетвата на пченката“.

Горбачов процени дека половина од посевите на пченка ќе останат неожнеани доколку Русија ја задржи блокадата на црноморските пристаништа и дека преговорите меѓу Турција и Русија веројатно нема да доведат до безбедносните гаранции потребни за транспорт на украинското жито по морски пат и ги повика Соединетите Држави, Велика Британија и Франција да обезбедат безбеден коридор за бродовите што превезуваат украинско жито.

„Не верувам дека некоја компанија ќе товари украинско жито ако Русите потпишат нешто со Турците. Осигурувањето не покрива такви ризици. Потребни ни се меѓународни гаранции, само во тој случај ќе почне транспортот на житото“, рече тој.

Слични објави

Таткото положи цвеќе, вдовицата ја нема! Миша Гроф ја одбележа годишнината од смртта на синот, Николина Пишек не била информирана

Еспресо

(Фото) Саша Ковачевиќ на романтично патување со девојката: Силно ја гушка, а таа никогаш посреќна

Еспресо

Совети од Клиника „Жан Митрев: Тироидектомија – отстранување на тироидната жлезда

еспресо

Еве што велат сараевчани за Харис Џиновиќ по разводот од Мелина: „Лош човек, го кренал носот…“

еспресо

Неделен хороскоп (од 29 април до 5 мај): Посебни мигови за Јарците, љубов за Биковите, одлично за Близнаците…

еспресо

(Фото) Силни зборови на Драгана Мирковиќ по разводот: „Многу сум посилна отколку што мислев, се сакам новата себе!“

еспресо
Се вчитува....