3.8 C
Скопје
05:07 - 26 април, 2024

Будимка Поповска: Прашањето е дали си срна или лав во џунглата на постоењето

Будимка е трагач, нејзината потрага по одговорите на големите прашања нема крај – што е тоа „човек“? Зошто постоиме? Што е љубов? Зошто сме живи и зошто умираме?

Не е толку важно физичкото детство, туку како човек да успее да го пренесе и да го зачува живо детето преку сите сцили и харибди во животот. Еден писател еднаш рекол дека никогаш не е доцна за среќно детство.

Уметницата Будимка Поповска во март и април имаше две причини за уметничка прослава – промоција на книгата „Пргавиот зајак“ и изложбата на цртежи и на песни „Супа од чиопа“. Поповска (1967, Скопје) има објавено седум книги, графичка поезија, раскази, есеи, прозна поезија, поезија и фотографија, а во 2021, издавачката куќа „Извори“ од Загреб ги објави „Полигони“ и „Невидливи вежби“ преведени на хрватски јазик. До сега имала две самостојни изложби: „Фантомима“ (во МКЦ, 2019) и „Супа од чиопа“ во галерија „Метаноја“ (2023).

Што ни донесе Зајакот, а што Супата?

– Зајакот донесе сликовница, во издание на „Темплум“, тоа ми е првата илустрирана книга за деца како самостоен проект, со текст на Пандалф Вулкански. Тоа е всушност една шегобијна песна за деца во која се раскажува за пргавиот темперамент на еден зајак којшто прави ᾿ршум во шумата, пресметувајќи се со сите животни што ќе му застанат на патот…Не се плаши од никого и од ништо и би требало да е персонификација на една фигура полна со самодоверба и самопочит.

„Супа од чиопа“ пак, е заокружување на една моја фаза на експериментирање со ликовниот израз, еден период од животот којшто траеше неколку месеци, а лично за мене претставуваше одговор на т.н. објективна реалност којашто му ги голтна последниве три години од животот на човештвото и многу се оддолжи…Кога почна војната во Украина решив да побарам засолниште во еден контрапункт на креативност, со тоа што почнав да ги цртам овие минијатурни слики, за инает на таа несакана и наметната реалност однадвор, слично како претходниот период со короната. Ние луѓето просто мораме да бидеме барем делумно лицемери за да преживееме. Пример за тоа е воената индустрија и слични ноторно ужасни факти. Прво градиш фабрика за правење тенкови, а потоа ја бомбардираш со ракети на млазен погон направени во друга фабрика којашто потоа ќе ја срамниш со земја со помош на тенковите направени во првата фабрика…Притоа луѓето се топовското месо, или војници, иако топовите се веќе одамна заминати во историјата. Прашањето е што да прави нормалниот доблесен човек за да се заштити од злото? И што воопшто е злото? Според настаните што се случуваа последниве години на планетава, испаѓа дека е невозможно, дека не постои заштита, дека злото е еден вид пурификатор – дека доброто се кали низ огнот на деструктивноста. Притоа ќе си ги поставуваш прашањата од типот – дали имаш право да го убиеш тој што се намерачил да те убие? Науката тоа го објаснува како природен еволутивен процес на селекција, во кој посилниот се храни со послабиот… и полека доаѓаме до точката на стравот како еден од клучните инстинкти што му помагаат на човекот да преживее.

Секоја слика од изложбата е сведоштво на непобедливоста на човечката способност да се надева. Колку денес ѝ веруваме на надежта и пожртвуваноста? 

– Надежта нели, последна умира, барем така вели поговорката. Прашањето е дали си срна или лав во џунглата на постоењето. Лавот не се жртвува на срната, тој ја жртвува срната за потребите на својата исхрана…слично како што вирусот на короната зеде неброено многу жртви, на глобален план. Ме поткачи и мене, кога во еден миг се најдов во изолација без здравствена заштита и во целосен карантин, како во среден век. Сепак беше одлична можност за соочување со болката, исчезнувањето, смртта – не веќе како закана, туку како можност да престане болката и шанса за починка. Но нема одбрана од смртта на многу драги и блиски луѓе, кога немаш друг излез освен немото сведоштво…дури во многу прилики ни беше ускратена можноста природнода го изживееме процесот на жалење, дури и погребите беа забранети!

Постарите луѓе, коишто ја паметат истата или слична парадигма од времето помеѓу двете светски војни (во 20-от век) веднаш ја препознаа матрицата на фашизмот, но ние родените во втората половина на 20 век на почетокот бевме збунети – фашизмот влезе на мала врата како наводна потреба од заштита од мигрантската криза, болестите што мигрантите ги носат со себе и слично. Наеднаш државите почнаа да купуваат оружје и наеднаш војната повторно стана легитимна.
А бидејќи сега живееме во глобализам, кога ќе речеш „бори се или бегај“, се поставува прашањето – каде да бегаш? Секој твој чекор е педантно регистриран на камерите, преку сателитите на Маск, и уредно се пренесува преку социјалните мрежи на интернет. Нешто што до скоро ни причинуваше радост и беше остварување на сонот за технолошкиот напредок, наеднаш се престори во кошмарен и реален, фашистичко – садистички механизам за контрола на „широките народни маси“ како што во една Кина веќе на големо се спроведува во пракса.

Би било добро – и јас имам надеж дека е можно- секој поединец да ја сфати поентата на емотивната интелигенција, за да не пропадне во вртлогот на емотивниот хаос и да биде под власт на деструктивната енергија, кога многу лесно можеш да се удавиш во плитка река или кофа со вода.
Јас лично, кога се борев со вирусот имав чувство дека мојата ителигенција беше киднапирана! Бев отсутна од себеси, заглупена и беспомошна. И тоа требаше да се прележи. И не дека тоа нема свои добри страни, напротив повторно се докажа дека „сѐ што нема да те убие, ќе те направи посилен…“. И да, нема друг начин како да ја разбереш деструктивната енергија која е составен дел од она што сме. Инаку, поради стравот од себесоочувањето, склони сме тоа да го негираме и отфрламе.

Кому се обраќаш и каде сакаш да допреш, што да промениш или да разбудиш?

– Уметноста за мене е терапија, особено во вакви кризни времиња. Слично како во Кинзуки, една јапонска вештина на составување на скршени предмети со помош на злато. Правејќи ја сликата, јас го исцелувам своето емотивно тело. Од распарчените емоции се обидувам да направам целина, она што преку некаква траума или удар или немила случка било дезинтегрирано, во облик на некаква негативна емоција – страв, гнев, фрустрација, беспомошност, повторно да се интерира, откако најпрво ќе се воочи што се случило, па ќе се трансформира и врати во целината на сопството. Во таа смисла, во самиот процес на креативност, сакам да го допрам тој неразбуден дел од себеси, да имам увид во своите скршени емоции, и да се обидам да ги закрпам назад во целината на себе-то. А откако тоа ќе се изложи на погледот на јавноста, силата на креативноста и уметноста како „терапија“ и вистински лек, имаат поголема шанса тоа да го пренесат на сите што тоа ќе го видат. Инаку, за Кинзуги прват слушнав на едно предавање одржано на БИВК, во организација на Коста и Наде Милкови, коишто се најзаслужни за воопшто да дојде до мојата изложба. И за тоа им должам огромна благодарност.

Што од манастирскиот живот во минатото, денес применуваш во уметноста и со каква цел?

– Молитвата, особено во стресни ситуации. Омилен старец ми е Софрониј од Есекс, којшто пред да стане монах, бил сликар по професија. Јас пред да станам монах, немав професија. Јас сум трагач. Мојата потрага по одговорите на големите прашања нема крај. Што е тоа „човек“? Зошто постоиме? Што е љубов? Зошто сме живи и зошто умираме? Дали Универзумот некаде почнува и завршува?
Уживам во тоа дека на овие прашања нема одговор, и дека само размислувањето е бесконечно. И отвореното срце.

Пепелашка и Феникс

Еден убав ден, на брегот на Тивкиот Океан се сретнале Пепелашка и Феникс. Од малите ронки и зрнца пепел, Феникс ја замолил Пепелашка да му даде еден дел од своето тело за да може да воскресне, макар една клетка. И таман Пепелашка се спремила да му го даде своето лево стопало, од некаде долетал Икар, и сиот таков изгорен, поточно пеплосан, едвај дишејќи се струполил врз пепелта на Феникс. Така било спасено стопалото на Пепелашка, а за тоа време едното крило на Икар сѐ уште мрдало, додека подгорените пердуви се прпелкале во одамна изладената пепел. Кога ветрот ги слушнал кревките и немоќни, но ритмични замавнувања на речиси мртвото крило на Икар, се сожалил и почнал толку силно да дувашто ја расеал сета пепел низ океанот, како семе од кое на дното на водата во истиот миг настанале милион планктони.
Тогаш Пепелашка добила сила и почнала да пее со ѕвонлив глас и опиени од нејзината песна сите планктони влетале во устата на првиот кит што се појавил на видикот, и така Феникс уште еднаш оживеал.

Слични објави

(Видео) Никола Роквиќ откри колку пари собрал за четири дена: Српскиот пејач тргна пешки на пат долг 1.060 км за Грција

jasmina.kantardzieva

„Беше кратко и слатко“: Јелена Карлеуша повторно на суд поради Цеца Ражнатовиќ

Еспресо

(Фото) Раста успешно опериран! Српскиот рапер покажа како се опоравува

Еспресо

(Фото) Ден пред погребот, објавен е мистериозен некролог за Бојана Јанковиќ: Без потпис

еспресо

(Фото) Ана Ивановиќ носи часовник од 500.000 евра! Убавата тенисерка прошета уникатен „Ролекс“

Еспресо

(Фото) Црна позадина, без зборови: Поранешниот сопруг на покојната водителка Бојана Јанковиќ занемен од тага и болка

Еспресо
Се вчитува....