9.8 C
Скопје
08:42 - 26 април, 2024

(РАЗГОВОР) АНДРИЈАНА ОБЛЕШЕВСКА, ФУДФЛОРИСТКА: Фасцинантни букети од цветови, овошје и зеленчук

Кога Андријана ќе искомбинира ириси со грејпфрут и црвен делишес тогаш се знае дека е пролет, а цветови од сончоглед со модри сливи и грозје, доцно лето и рана есен.

Андријана, фото – приватна архива

Како започна твојата Евгенијална приказна?

– Ми се допаѓа што ја користите мојата Евгенијална кованица, навистина сум горда на неа и ви благодарам. Евгенија се вика мојата ќерка инаку, генијална креација на природата (се смее, н.з). Идејата за овој бренд се роди пред нешто повеќе од 2 години, во период кога работев на својот раст и развој и кога мојата енергија беше насочена кон задоволување на моите автентични потреби. Изненадувачки и фасцинирачки за мене е како идејата за букетите што се појави тогаш ги собра на купче повеќето мои важни аспекти. Баш како букет од тие лични аспекти. Поконкретно, започна во моментот кога направив букет од овошје и зеленчук за роденден на моја најдобра другарка и бидејќи јас самата „паднав во несвест“ од толку живиот изглед на букетот, тоа и беше клучен момент за да продолжам да чекорам низ целава авантура наречена Евгенијално А&С (https://www.instagram.com/evgenijalno/ ). Другиот клучен момент беше кога другарката и сите кои го видоа беа воодушевени од комбинацијата на калинка, јаготки, лимони и нарциси и воопшто од целата идеја, па добив огромна поддршка за да продолжам да го правам ова. Останатото е историја, (се смее, н.з).

За да се изработи еден „евгенијален“ букет потребно е да се биде уметник , ама неопходен е и занает, од кого го учеше занаетот?

– Јас сум економист по професија, од смерот Маркетинг, а уметноста суптилно ме следи отсекогаш и со неа сум во постојан контакт, особено со ракотворбите и музиката, односно пеењето. Занаетот го испеков истражувајќи многу низ информациите кои се достапни онлајн, од фудфлористките од Русија кои изработуваат вакви букети и од каде всушност е измислен овој правец и веќе професија на многу жени и мажи таму. Инаку неодамна завршив и неколку обуки од областа на дигиталниот маркетинг, а дизајнирани од страна на Маркет дизајн академи (Market Design Academy). Се здобив со одлично искуство и професионален третман и топло ги препорачувам. Па така некако природно и спонтано ги споив мојот економски и уметнички аспект, врска која дефинитивно може да биде многу успешна доколку сте доследни на себе и работите континуирано.

Од што сè може да се изработи букет? Кои намирници ти се најдраги за комбинација со цвеќе?

– Генерално букети може да се изработуваат од овошје и зеленчук, до храна и пијалаци, како и други продукти и украси. Имагинацијата е голема и тоа е прекрасно бидејќи приказните што се раскажуваат преку букетите се бескрајни. Мои најдраги намирници? Сè што е креација од природата би го ставила на пиедестал и би му дала суперлатив. Апсолутно сите природните плодови, кои се совршени во својата форма, боја и структура! Мене лично најмногу ме возбудува уникатноста на плодовите и цветовите кои се сезонски, кога годишното време прави изложба од продажен карактер на своите уникатни експонати, (се смее, н.з.). Па така, кога ќе искомбинирам ириси со грејпфрут и црвен делишес, тогаш се знае дека е пролет, а сончоглед цвеќе со модри сливи и грозје, доцно лето и рана есен. Претпочитам да работам со локални производители, односно со македонско овошје, зеленчук и цветови. Имаме неверојатно богат диверзитет на плодови со кој можеме да се пофалиме и да се гордееме како држава.

Колку ваквите букети се популарни меѓу невестите, наместо класичните бидермаери и какви се трендовите во светот?

– Да бидам искрена, невестите сè повеќе се одлучуваат за ваков несекојдневен букет, како и самиот настан во кој тие изгледаат посебно и се несекојдневни. Трендот во светски рамки исто така се зголемува и толку се радувам што е така, бидејќи сликата да видите како невестата држи бидермаер од пиперчиња и цветови, на пример, е бесценета. Да не заборавам да напоменам дека букетите многу се нарачуваат и за матури, родендени, годишнини, а во време на пандемијава имаше и многу изненадувања на врата од секаков вид. Клиентите нарачките ги прават на Фејсбук и Инстаграм со впишување на името „Евгенијално“ во пребарувачот или пак на вибер (071 516 880).

Веќе две години си во постојан контакт со клиентите, со креативноста, со природата, со уметноста, која приказна што се крие зад овие букети ти останала незаборавна?

– Ако нешто ми е многу важно во мојот креативен процес, тогаш тоа се дефинитивно приказните што се кријат позади букетите. Многу спонатно клиентите при нарачка знаат детално да го опишат примачот, да ми раскажат за неговите особини и неговата љубов кон одреден плод или одредено цвеќе и тогаш моите раце нетрпеливо чекаат да ја одиграат претставата во букетот. Аплаузот и воодушевувањата на крајот се мојата најголема награда. Така што верувајте во секоја нарачка, макар тоа бил и најмалиот букет, заради индивидулизираниот пристап, има што да се раскаже. Затоа и букетите создадени во „Евгенијално“ (https://www.facebook.com/evgenijalno) не наликуваат еден на друг, затоа се и уникатни и неповторливи.

*

Овие написи може да ги следите и во групата … ДВОРЧЕТО …, група во која има едно чудо разноразни убавини, и која ви ја препорачуваме да ја посетите и да си станете нејзин член!

ФОТО – ПРИВАТНА АРХИВА

Слични објави

Хороскоп за среќа: Најповолните денови во мај за секој хороскопски знак

еспресо

Српските естрадни ѕвезди се простуваат од Џаро: „Патувај легендо, мами ги ѕвездите на небото“

еспресо

(Видео) Никола Роквиќ откри колку пари собрал за четири дена: Српскиот пејач тргна пешки на пат долг 1.060 км за Грција

jasmina.kantardzieva

„Беше кратко и слатко“: Јелена Карлеуша повторно на суд поради Цеца Ражнатовиќ

Еспресо

(Фото) Раста успешно опериран! Српскиот рапер покажа како се опоравува

Еспресо

(Фото) Ден пред погребот, објавен е мистериозен некролог за Бојана Јанковиќ: Без потпис

еспресо
Се вчитува....