21.8 C
Скопје
18:50 - 27 април, 2024

Законот за Обвинителство ќе донесе или датум или политичка криза

Политичкиот процес за усвојување на законот за Jавно обвинителство наместо квалитетен европски закон може да ни донесе бурни последни денови на актуелниот пратенички состав, но и политичка криза. Опозицијата не го поддржува најновиот Предлог-закон, кој е трет во изминатава година, и бара нов законски текст што ќе го изготват експерти и ќе го усвојат сите партии со консензус, а власта преговара со помалите пратенички групи за да обезбеди двотретинско мнозинство и најавува можно одложување на распуштањето на Собранието.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера предложи во тимот експерти што ќе го напишат законот да бидат професорите по уставно и казнено право од Правниот факултет, Владо Камбовски, Гордана Силјановска, Никола Тупанчевски, Гордан Калајџиев, Тања Каракамишева и Гордана Лажетиќ. Тој го обвини лидерот на СДСМ Зоран Заев дека го користи законот како изговор за останување на власт и дека предложениот текст е едностран и во спротивност со експертските мислења, Уставот и кривичната материја.

– ВМРО-ДПМНЕ не е против закон за Јавно обвинителство, туку е против партиски закон со кој ќе се заштити криминалот. Секое законско решение мора да биде производ на консензус, но и во дослух со експертската јавност. Законот што експертите ќе го предложат, ВМРО-ДПМНЕ безрезервно и без двоумење ќе го прифати – рече Мицкоски.

За него нема дилема дека пратениците ќе се распуштат на 12 февруари, а ако СДСМ го прифати предлогот, експертите да го напишат законот за ЈО, тоа нема да ги одложи предвремените избори, кои се договорени на 12 април. Според него, предвремените избори се завршена работа, а законот ќе се изработува онолку време колку што е потребно да се дојде до квалитетно решение. Мицкоски рече и дека тие не можат да направат ништо ако СДСМ реши да се донесе постојното предлог-решение, но спомена и потенцијална политичка криза.

Од Министерството за правда вчера одговорија дека е несериозно да се бара изготвување нов текст на закон за ЈО, бидејќи работната група го подготвувала текстот повеќе од две години, а една година траат преговорите.

– Продолжуваат консултациите со пратеничките групи околу Предлог-законот за Јавно обвинителство. Законот се изготвуваше долг временски период од работна група во која учествуваа домашни експерти, научната јавност, јавни обвинители, странски експерти, дури и странски јавни обвинители што даваа сугестии и мислења. Законот е уште на маса и ако ВМРО-ДПМНЕ сака да учествува во процесот, ги повикуваме да подготват амандмани на овој текст. Сè друго е алиби за недонесување на законот и за избегнување на правдата – велат од Министерството за правда.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски повика на консензус на политичките партии за законот, со што на дело ќе се покаже дека сите се за исполнување на стратешките цели ЕУ и НАТО.

– Треба да се вложат максимални напори во дијалогот да се постигне компромис во делот на носењето на законските решенија и со тоа да не ја загрозиме иднината и перспективата на државата – рече Спасовски.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев завчера најави дека е можно Собранието да не се распушти 60 дена пред договорениот термин за изборите и дека законот остава можност распуштањето да биде најдоцна на 45 дена пред изборите. Во овие дополнителни денови тој гледа можност партиите да се договорат и да го донесат законот со консензус. Тој предупреди дека на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски е договорено до распуштањето на Собранието пратениците да гласаат за законите за ЈО, за одбрана, за протоколот за НАТО и дека не отстапува од тоа – за законите ќе се гласа, па ако треба и да не се изгласаат.

Според премиерот Спасовски, оваа изјава на Заев е негов став. Тој не очекува одложување на изборите.

– Она што го бара ВМРО-ДПМНЕ е сите предистраги кои се почнати да бидат стопирани со решение. Тоа е прашање за кое не може да се преговара и не може да има компромис. Секој што правел криминал и за кого се водат и предистраги, и има докази, ќе мора да одговара. Сите забелешки што се разумни, ќе се вметнат. Политичката одговорност треба да биде на нивото на одговорноста за иднината на оваа држава. Јас очекувам дека нема да се случи одложување на изборите поради тоа што ќе надвладее разумот, дека националните интереси се многу поважни од какви било лични интереси и дека, на крајот на краиштата, секој од нас како политичари, пратеници, ќе сфатат дека носењето на законските решенија е влог во нашата иднина – вели Спасовски.

И американската амбасадорка Брнс брка двотретинско мнозинство

Предлог-законот за Јавно обвинителство и потребното двотретинско мнозинство од 80 пратеници за неговото усвојување бил тема и на средбата на групата независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ со амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнс.

„Одржав продуктивна средба со групата независни пратеници денеска за важноста од поддршката на континуираните реформи, вклучувајќи го и законот за Јавното обвинителство, кој ги унапредува целите за владеење на правото, транспарентноста, одговорноста и доброто владеење“, напиша Брнс на својот профил на Твитер.

Арсовски: Заев притиска поради можноста да добиеме датум на Самитот во март

Според политичкиот аналитичар Петар Арсовски, изјавата на Заев дека законот за ЈО треба да се стави на гласање пред распуштањето на Парламентот, па дури и ако треба да не се изгласа, произлегува од неговата силна и автентична потреба од позитивен исчекор дома поради можноста Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ на Самитот закажан за 26 и 27 март.

– Не е мала и наивна работа американската амбасадорка Брнс толку отворено да соопшти дека разговарала со независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ за поддршка на законот – вели Арсовски за „Слободен печат“.

The post Законот за Обвинителство ќе донесе или датум или политичка криза appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....