27.8 C
Скопје
16:11 - 18 мај, 2024

Срцка е министерот Чулев!

Срцка е министерот Чулев! Не го познавам лично човекот, но толку многу потсетува на времињата на Груевски – ах, тие златни, незаборавни години, будат такви фриволни мвро-вмро сентименти! – што човек да помисли дека е барем десетина години помлад, некаде околу 2010, на пример. Кога таа екипа, барем за пошироката, помалку упатена јавност, беше уште невина, ветувачка и технократски надежна власт!

Меѓутоа, проблемот за Чулев е што неговите партиски идоли, во времињата што следуваа баш некаде по 2010 година, толку високо ја кренаа пречката на безбедносните злоупотреби од секаков број, вид и квалитет, што Чулев дури и кога би имал двојно поголем талент во политиката од скромните капацитети што ги поседува, не би влегол ни во влечките, а не пак во чевлите на харизматичниот урбан (некој би рекол: уличарски) мангуп Мијалков, еден од столбовите на неприкосновениот портокалов режим, за кого границата меѓу криминалот и законот делуваше како обична црта повлечена во песок секојдневно изложена на плимите и осеките на некоја од плажите на Белизе.

Дури и една Гордана, во моментите на успаничена луцидност што може да се насети во неколку од нејзините објавени прислушувани разговори, беше сериозно преплашена од сопствената лојалност со која долги години доброволно учествуваше на првата линија на фронтот на општата корозија на она што требаше да го претставува и да го гарантира цивилниот безбедносен систем на Македонија. А не, пак, Чулев, некаков тогашен, објективно, трет партиски ешалон, преокупиран во сопствениот копнеж да му дозволат да седне, од масата покрај излезот, барем на масата до најблискиот стол на главниот астал во крчмата „Секогаш Македонија!“.

Следствено, сегашното простодушно однесување на министерот Чулев можеби делува аматерски, дури и симпатично, иако професионално и политички бесмислено: на пример, погледајте само како елоквентно го објасни „отсјајот“ на светлината на неонките (?!) врз ракавиците на неговите подредени во некаква теретана; како решително, под закрила на полноќта, упадна во магацинот со роба за донации на политичкиот архи-непријател; како оперативно спроведува кривични пријави за разни партиски опоненти; како, еве, најверојатно, ги организирал оние навивачки вечни удбашки провокатори да извикуваат „Никогаш Северна…“; сè до последнава смејурија со собирањето на десетици полициски возила за да снима спот за Денот на полицијата, во знак на протест што само на министерот Филипче му се дига, рејтингот.

Па, се извинувам, треба ли и Чулев, како некогашен ѓоа-министер, да има нешто да раскажува по комитските вечери! Сакате само како анегдота да го спомнуваат?!

Ма, срцка е министерот Чулев! Не го познавам лично човекот, но имам впечаток дека во него нема политички расипана намера без потенцијал да излезе комична. Добро, не е тоа сосема безопасно ако сте министер за внатрешни работи, има таму луѓе кои по службена должност ракуваат со Закон, со оружје и со шок-бомби… Но, мислам дека, на крајот, сето тоа, во најлош случај, ќе заврши со некакво безопасно саморанување при проверката и чистењето на алатот и методите на МВР. Конечно, тој што спотови снима, зло не мисли!

Затоа и мислам дека сегашното раководство на нашата опозиција покажа необично висока политичка одговорност со предлогот токму Чулев да ја извршува функцијата на технички министер во МВР до избори. Кога само ќе помислам со каков долгогодишен кадровски олош од безбедносниот сектор располага таа партија, Чулев делува како збунет полицајски демократ на привремена работа во политиката, затечен од продолжениот корона-мандат.

Ќе нема посреќен човек од Чулев изборите да се одржат што побрзо, за пресреќен да си замине што поскоро од функцијата. Сè друго би било компликација по него во овој негов излет во политиката.

Ајде, сега, да го видиме спотот! Сигурно ќе има некоја закачка по што ќе се памети…

Цивилмедиа

The post Срцка е министерот Чулев! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....