16.8 C
Скопје
21:20 - 2 мај, 2024

Состојбите во економија не дозволуваат ни „едноминутна комоција“ на новата Влада

Македонија од утре веќе ќе добие нова влада, која нема да има време за „самоизолација“. Пред премиерот Заев и неговите министри е исклучително важен период, во кој освен со предизвикот на коронавирусот, ќе треба брзо и ефикасно да се соочат со економските последици. Неговиот економски тим ќе се најде во расчекор меѓу предизборните ветувања и реалните шанси, тие да се реализираат. И во своето експозе, Заев најави повисоки плати, пензии, милијарда евра странски инвестиции, даночни олеснувања, куп субвенции… Дел од приоритетите на новата Влада, како што соопшти премиерот, се трансформација на економијата за забрзан раст и повисок стандард, вложување во јавното здравство, намалување на стапката на сиромаштијата под 16 проценти со посебен акцент на детската сиромаштија, воведување на комунална полиција под ингеренции на локалната власт…Од друга страна, сето тоа тешко ќе се реализира во услови кога државната каса побрзо се празни, отколку што се полни, кога јавниот долг е на граница од 60 отсто од БДП и што е најважно – кога никој не знае уште колку ќе трае корона кризата и можеме ли да се носиме со последиците кои ги остава врз економијата?

Иновативна, стабилна конкурентна македонска економија, подготвена да одговори на новите предизвици и да понуди шанса за секој, е планот за четиригодишниот мандат на новата влада. Опозицијата ги дочека „на нож“, ваквите ветувања и му порача на премиерот Заев, дека ќе добие жешка есен и многу протести.

– Во претходните 3 години, во време на решавање на најголемите отворени прашања на надворешен и внатрешен план, покажавме дека можеме да обезбедиме повисок економски раст кој создава нови работни места, паралелно со повисоки плати и пензии. Покажавме дека може да се постигне историски најниска невработеност, а минималната плата да се зголеми за дури 60 отсто, од 9.000 денари на 14.500 денари за нецели три години. Во првиот квартал во 2020 година кога се случи официјалниот прием во НАТО кој веќе беше најавен на европската и светската сцена и беше сигурен, во државата влегоа за 2,8 пати повеќе странски инвестиции во однос на првото тримесечје од 2019 година. Покажавме што значи да се спасуваат работни места и да се одржува стабилна економија и во време на огромни последици предизвикани од светската пандемија од невидени размери. Ова за нас е дополнителен мотив да работиме двојно повеќе. Не само за да излеземе од кризата со што помалку последици, туку и брзо да се вратиме на претходните стапки на раст. Бидејќи очигледно е дека можеме – рече Заев, на собраниската говорница.

Мандатарот во експозето посебно истакна дека и по завршувањето на кризата, Владата ќе продолжи со своите докажани заложби: раст на минимална плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40 проценти и раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30 проценти, во зависност од должината и влијанието на коронакризата врз светската и домашната економија.

Ќе се гледаме по македонските градови и села, затоа што ова е коалиција на лагата, возврати пратеникот Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, по што и официјално стана јасно дека нема да има „грејс период“ за новата Влада.

– Оваа коалиција ќе биде срушена на масовни демонстрации во македонските градови и села. Демонстрациите ќе почнат уште оваа есен, затоа што капацитет за запирање на поларизацијата нема, а нема капацитет ни за реализација на ветувањата. Се гледаме на демонстрации и заедно ќе ја собориме оваа власт која ќе биде со најкраток мандат во историјата на Македонија – порача пратеникот Николовски.

И без најавите на опозицијата, новата Влада нема да има мирни сто дена, од проста причина што состојбите во економијата не дозволуваат ниту едноминутна комоција. Четири од вкупно седумте министри во економските ресори, за првпат ќе седнат во жешките фотелји и во од, ќе треба да го „учат занаетот“, да се запознаваат со материјата која им е доверена и уште побрзо да носат квалитетни мерки за спас на економијата. А најважно од се ќе треба да ја мобилизираат зачмаената административна машинерија, која поради пандемијата, речиси седум месеци вози со прва брзина.

Како ќе функционираат новите „бродари“, ќе видиме набрзо, кои најитно ќе треба да го пласираат четвртиот економски пакет и да им помогант на најзагрозените сектори, а веројатно ќе треба да се прави и ребаланс на Буџетот… Тоа ќе биде една од првите задачи на новиот министер за финансии, кој исто така ќе треба да се справи со историски најголемиот дефицит, со растечкиот јавен долг, со очекуваното зголемување на невработеноста. Сите очи се вперени и во новиот менаџмент на Министерството за земјоделство, кое ќе го води кадар на БЕСА. Овој ресор, има еден од најголемите буџети и дели големи суми за субвенции. За несреќа, изборот на Владата, се совпадна и со традиционалните есенски проблеми со откупот на грозјето, а лозарите веќе му тропаат на вратата на новиот министер. Новиот министер за транспорт и врски, архитектот Благој Бочварски, ќе треба да ги засука ракавите и до крајот на годината да ги мрдне од „мртва точка“ капиталните инвестиции, чија што искористеност застана на минималните дваесеттина проценти до крајот на јуни. Бочварски ќе треба да ја раздвижи операцијата „Македонија без кал“, која ја најави неговиот претходник Сугарески и да ја доврши изградбата на патиштата низ државата. Од него се очекува да продолжи и со гасификацијата.

Од министерот за економија Бектеши и вицепремиерот Битиќи, се очекува да се справат со секојдневните повици за помош на бизнисите, кои во најголема мера на свои плеќи го понесоа товарот на коронакризата. Сите бараат помош од државата – компаниите свежи пари, граѓаните вработувања и повисоки плати. Дали ќе има нов сет мерки за помош на стопанството, ќе продолжи ли финансиката инјекција со исплата на минимална плата за да се зачуваат работни места – сепак, се ќе зависи од кондицијата на Буџетот. Можеби ќе мора да се бараат и пари од надвор, по што поповолни услови, односно со пониска камата.

Премиерот Заев најави нови странски инвестиции, но да сме реални, со ваков развој на светската економија во услови на ковид-19, тешко поимливо е дека до крајот на годината, па и до средината на идната година, ќе има големи раздвижувања на ова поле. Тоа значи дека ќе мора да се потпреме на домашните фирми, на кои треба да им се помогне при отворањето на нови работни места. Поинаку, ресорот на новата министерка за труд, Јагода Шахпатска, ќе има полни раце работа – ќе треба да балансираат и да обезбедат доволно пари не само за најмладите, туку и за најстарите, но и за невработените и социјалците.

 

The post Состојбите во економија не дозволуваат ни „едноминутна комоција“ на новата Влада appeared first on Слободен печат.


Состојбите во економија не дозволуваат ни „едноминутна комоција“ на новата Влада was first posted on август 30, 2020 at 6:00 pm.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....