11.8 C
Скопје
06:03 - 16 мај, 2024

Приговорите за картичките ги соголеа слабостите на институциите

Ваучерите за туризам веќе може да се користат, а според зададениот рок во Уредбата, граѓаните треба да ги добијат домашните платежни картички до утре. Но, до Министерството за финансии и до Министерството за економија пристигнаа десетици илјади приговори и голем дел од нив сѐ уште не се решени. Главно, проблемот е во тоа што институциите од кои се црпеа податоци, не ги препознаа сите оние на кои со уредбата со законска сила им следуваа ваучери и картички, а како што веќе пристигна и информација од банките, дел од добитниците на овие картички прашале дали некој друг во нивно име може да ги подигне, затоа што не се во Македонија.

Министерката за финансии Нина Ангеловска непосредно пред изборите преку фејсбук-објава информираше дека се прифатени околу 5.000 приговори за домашната платежна картичка од категоријата млади лица – средношколци и студенти од 16 до 29 години и дека заедно со претходно усвоените приговори, досега се прифатени 7.000 приговори.

Под оваа објава на министерката имаше лавина реакции од незадоволни граѓани.

„Вашите институции не работат и не ви ги даваат точните информации, па не можеме да добиеме картички. Џабе пишуваме приговори, кога никаков одговор немаме. На кого сакате, на тие давате. Сами кажавте дека имавте 60.000 приговори, а сте одобриле 7.000. Ви пишав и порака пред еден месец, немам никаков одговор. Пишав и до сите засегнати институции, сите ја префрлуваат топката“, е само една од реакциите, но и сите други, што може да се прочитаат под постот на министерката, се слични.

Своето патешествие со ваучерот за домашен туризам, пак, ни го раскажа една наша читателка.

– Добив и ваучер за домашен туризам од 6.000 денари и домашна платежна картичка со 3.000 денари, затоа што го исполнувам условот: вработени со примања до 15.000 денари. Но, на ваучерот бев со моминско презиме кое во документите ми е сменето веќе три години, а на платежната картичка ми стоеше сменетото презиме. Кога се јавив во сместувачкиот капацитет, ми рекоа дека не може да го искористам ваучерот затоа што презимето не кореспондира со тоа што ми е на лична карта. Се јавив во Министерство за економија од каде што ми кажаа дека ќе им објаснат на сместувачките капацитети дека на секој ваучер има код, кој е поврзан со матичен број и дека независно од презимето, ќе може да го остварам своето право. Навистина, така и се случи, но сѐ уште не ми е јасно од каде „ми го ископаа“ старото презиме – вели нашата соговорничка.

Неповрзаноста на институциите, неажурирањето на податоците и проблемот со нерегистрирањето на заминувањето на граѓаните на печалба во странство е стар, а никако да се реши и покрај децениското агитирање за креирање систем на информатичко општество.

За домашната платежна картичка информации се црпеа од Управата за јавни приходи за да се видат примањата, од Агенцијата за вработување за списокот за активни невработени, од Министерството за образование и наука кое преку училиштата и факултетите ги ажурираше списоците за средношколците постари од 16 години и за студентите во државниот образовен систем, преку Министерството за труд и социјална политика се доби список на социјално ранливите категории, а податоци се бараа и од Фондот за здравствено осигурување. Министерството за економија, пак, за ваучерите за туризам доби готови списоци од Управата за јавни приходи.

По 9.000 денари од државата, на домашна платежна картичка е предвидено за социјално ранливите категории, како и за оние што активно бараат работа, а кои за 2019 година оствариле годишен доход во нето-износ не поголем од 180.000 денари и за периодот јануари-април 2020 година оствариле доход во нето-износ не поголем од 60.000 денари според евиденцијата на УЈП.  По 3.000 денари им следуваат и на вработените со нето-плата до 15.000 денари, како и на младите од 16 до 29 години, ако одат во средно училиште или се редовни студенти.

Ваучерите за туризам се со износ од 6.000 денари и се наменети за вработени со плата до 15.000 денари.

The post Приговорите за картичките ги соголеа слабостите на институциите appeared first on Слободен печат.


Приговорите за картичките ги соголеа слабостите на институциите was first posted on јули 17, 2020 at 7:30 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....