11.8 C
Скопје
03:47 - 3 мај, 2024

Личните и партиските интереси настрана од техничката влада

Техничкиот премиер Оливер Спасовски вчера ги повика сите министри да имаат политички сенс и одговорност и да не излегуваат надвор од она што им е дадено во Законот за влада, а со нивните постапки и одлуки да не задоволуваат лични и партиски интереси.

Овој апел следува по бурниот почеток на работата на техничките министри од ВМРО-ДПМНЕ, особено на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, чии одлуки и дел од именувањата наидоа на отпор и неодобрување од СДСМ.

Дополнителната министерка Славјанка Петровска, која доаѓа од редовите на СДСМ, деновиве најави кривична пријави против министерот Наќев за, како што рече, нестручно и несовесно работење. Чулев, смета Петровска, ја загрозил безбедноста на државата со одлуката дека не важат наредбите на неговиот претходник Спасовски за прераспределувања на вработените од едни во други организациски единици на МВР.

Спасовски вчера, од позиција на премиер, изрази очекување дека „недоразбирањата“ во МВР ќе се надминат.

– Сè што е надвор од овластувањата во Законот за влада е своеволно толкување на законите и начините на функционирање. Посебно треба да се внимава во МВР за да нема закани по безбедноста или да се предизвикаат ситуации на нестабилност и неизвесност со одредени одлуки. Тоа што ќе создаде хаос, не носи ништо добро, само покажува лични и политички интереси. Очекувам да се надминат сите недоразбирања – рече техничкиот премиер Спасовски на првата прес-конференција откако на 3 јануари ја презеде оваа функција.

Едно од поголемите недоразбирања беше одлуката на министерот Чулев за прв човек на СВР Скопје да го именува Ристо Ставревски и противењето на Петровска да го потпише решението, затоа што Ставревски го имало во бомбите како врши притисок врз гласачи. Чулев, според кој проблематизирањето на неговиот избор е од политички причини, побара од Државната изборна комисија да се изјасни околу ова именување. ДИК вчера се прогласи за ненадлежна за ова прашање.

Според ДИК, решението за назначување раководна позиција од страна на министерот за внатрешни работи не претставува акт или документ кој се однесува на правни, финансиски или кадровски прашања поврзани со организација на изборите, па според Законот, не треба да одлучува за него. За ваквите прашања, според Законот за влада, е потребен врзан потпис и од министерот и од дополнителниот министер, а во спротивно одлуките не важат, но според ДИК, именувањето на началник на СВР Скопје не е во рамките на нивните надлежности.

Според премиерот Спасовски, врвен приоритет во наредниот период е да им овозможат на граѓаните во што поголем број да учествуваат во изборот на нова легитимна влада, која ќе продолжи да ја води земјава на вистинскиот пат како членка на НАТО и идна членка на ЕУ.

– Сите постапки на секој член на извршната власт мора јасно да потврдат дека Владата и државата се во сигурни раце. Секој политички чин на членовите на владиниот кабинет во сите линии на хиерархијата треба да произлегува од одговорноста, со цел сите граѓани да бидат спокојни. Нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога се очекува непречено функционирање на сите институции. Ова е период во кој до максимален израз треба да дојде личната, институционалната и професионалната одговорност – рече Спасовски.

Според генсекот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, во МВР сега се воспоставувало ред и систем на одговорност, а тоа му пречело на СДСМ.

– Задача на техничките министри ќе биде сè што им било одземено на граѓаните, како што е случајот со возилата од МВР, да биде вратено – рече Јанушев.

Премиерот Спасовски порача дека предвремените парламентарни избори на 12 април мора да бидат организирани на начин што доликува на една европска демократија и во согласност со меѓународните стандарди. Тој потсети на стандардите поставени со организацијата на локалните избори во 2017, на референдумот во 2018 и на претседателските избори во 2019 и нагласи дека тие не смеат да бидат нарушени.

Чулев и Петровска се договориле за возилата на МВР

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев и неговата заменичка Славјанка Петровска завчера попладне се договориле да бидат повлечени само возилата што се нужно неопходни за кабинетот и за министерот, без притоа да се наруши секојдневното работење на службениците. На работната средба во МВР присуствувале и заменик-министерот Агим Нухиу, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и заменикот на директорот на БЈБ, Бесир Деари.

Во врска со телеграмата за враќање на возилата во МВР, која Чулев ја испрати пред неколку денови, договорено е ако доколку постои сомневање за нивно несоодветно користење, тоа да се утврди во соодветна постапка од Одделот за внатрешна контрола.

Во однос на телеграмата со која се известуваат раководителите на организациските единици со која издадените наредбите престануваат да важат, заземен е заеднички став да се преземат активности на директорот на Бирото за јавна безбедност, со кои во сите организациски единици каде што има потреба работниците да се распоредат со решенија. Наредбите за извршување итни, неодложни и специфични задачи да бидат согласно со член 154 од Законот за внатрешни работи, во траење од најмногу 30 дена.

The post Личните и партиските интереси настрана од техничката влада appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....