23.8 C
Скопје
19:56 - 18 мај, 2024

Короната ја разголе „политичката економија“

Ребалансот мора да се усвои за да почне да се исплатува финансиската помош за плати во оние компании што покажуваат намалени приходи. По ребалансот треба да почне да се спроведуваат и други мерки, кои ќе значат парична помош за населението и за компаниите. Мерките ќе важат за октомври, ноември и за декември, но веќе нема да може да се регулираат со експресни уредби на владина седница. Такви уредби со законска сила беа можни само во време на вонредна состојба, што значи дека сега и за исплата на финансиска помош за работодавачите и за платежните картички и за одложување на даночни обврски – за сѐ треба потврда од Собранието.

Работниците и работодавачите се вознемирени од процедурата за која ќе треба време. Според нив, изборниот период и така им потроши многу време. Помошта за исплата на платите важеше заклучно со јуни. Новата помош треба да стигне кога ќе се исплатува октомвриската плата, во почетокот на ноември. Овој пат сите фирми нема да земат по 14.500 денари. Некои ќе земат и по 21.776 денари за работник, но тоа не е податок за радување, туку податок што кажува дека тие компании длабоко потонале во однос на приходите што ги остварувале.

Износот што се вбризгува во економијата од 550 милиони евра со првите три пакети не е мал. Сега, пред стопанството и пред населението е нов пакет мерки, тежок дури 470 милиони евра. Овие суми се за голема почит во Македонија.

Но, над нив цело време лебди политиката. Уште од првиот пакет мерки, цело време сме заглавени во некој предизборен, па изборен и сега постизборен период. Стопанствениците знаат да кажат дека Македонија постојано е во некој изборен грч, а тие ја плаќаат сметката. Со тоа, сметката секако стигнува и до народот.

Со четирите економски пакети што чинат повеќе од една милијарда евра може нешто да се направи. А, тоа е најважно. Во цел свет речиси никој не размислува за тоа колку кредити зел, зашто тие се лек без кој не може да се помине ни здравствената ни економската криза. Но и задолжувањето има своја цена. И тоа ќе стигне за наплата. И, што тогаш? Дали ќе ни се случи нова криза и без ковид-19? Ова прашање пак нѐ враќа на политиката. Сега е можеби неопходно да се задолжиме, но дали беше неопходно кога се градеше мост врз мост на реката Вардар, споменик врз споменик на плоштадот Македонија? И дали беше нормално кога 30 години наназад се зголемуваше администрацијата, се трупаа вработени по етнички, по партиски, по непотистички или по клуч на „детска“ симпатија?

Време е од короната нешто и да научиме. Таа им го нанесе најголемото зло на оние што загубија некого во семејството, но ја зарази и економијата и општеството. Економијата губеше на кондиција низ годините, потисната од политиката, од тендер-мајсторите и од големите газди заштитени како бели мечки.  Губеше и народот. Исчезна онаа средна класа што имаше „настрана“ понекој денар за да си купи машина за алишта, ако старата цркне. Во меѓувреме, банкарскиот сектор стана агресивен, пререкламиран и присутен во секој дом. Така ја дочекавме короната. Но, ако го поминеме овој вирус на нозе, па макар и лазејќи, не смееме така да продолжиме.

The post Короната ја разголе „политичката економија“ appeared first on Слободен печат.


Короната ја разголе „политичката економија“ was first posted on октомври 9, 2020 at 8:00 am.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....