15.8 C
Скопје
02:54 - 21 септември, 2024

Исто сценарио, стоти пат!

Пред секои избори, истите проверени финти: табли со нови имиња испишани на албански, кои можеле да се постават и пред два и пред 22 месеци, ама сега имаат специфична изборна „употребна“ вредност за да ги покачат меѓуетничките тензии… По што веднаш се објавуваат подготвените партиски соопштенија… Треба да се претпостави дека следуваат меѓуетничките „закачки“ по автобуси и во училишни дворови… Па повторно нови партиски соопштенија… Може и некоја посериозна тепачка да се организира, ако се извади некој дрвен крст или метален орел од специјализираните предизборни магацини за провокации… Е, тоа веќе заслужува патетични партиски прес-конференции за предавства и загрози… Па веднаш дузина дебатни емисии и расправии со познатите десетина ликови кои имаат за задача да ги засилат тензиите…

Класика. Координацијата за предизборните провокации меѓу ДУИ и ВМРО е воспоставена и за овие избори, улогите се поделени, тимовите се извежбани, тајмингот е усогласен.

Врвот се планира за 26 март, кога треба во Скопје да се сретнат фудбалските репрезентации на Македонија и Косово во плеј-офот на Лигата на нации. Како што може да се дознае, овдешните македонски и албански навивачки групи – главно деликвенти на услуга на разно-разни домашни полициски и политички подземја, со „експертска“ асистенција и од соседството – веќе се состанале, секој со своите групи најистакнати насилници (Македонциве, наводно, во некој манастирски двор во тетовско), каде се договарало како да се изведат нередите кои би ја натерале полицијата да интервенира… Ќе има и палење државни знамиња, веројатно и провокации кон косовските полицајци, кои ќе ги придружуваат навивачите од Косово, за сето тоа да оди во директен пренос на социјалните мрежи, за да може таму троловите и лудаците да ја засилат хистеријата и предизборно да ја „развлечат“ барем две недели… Плус десетина загрижени партиски соопштенија, десетина огорчени прес-конференции и десетина плукачки дебатни емисии… Бројот на одвратните твитови и фејсбук-статуси преку кои ќе се шири етничкиот говор на омраза не е утврден, тоа е оставено на самоиницијативноста и имагинацијата на знајните и незнајните будали распослани на интернет…

Тоа е планот. Големи се изгледите да им успее. Ако им се „посреќи“ во целиот хаос некој и да настрада, практично нема како да не им успее.

Така што, ова со училишниве табли, со тоа дека Заев е предавник на „родот и земјата“, дека мултиетничката коалиција на СДСМ и БЕСА е национален „срам“, со сите именувани и неименувани сејачи на омраза по социјалните мрежи и сл., е вовед во нешто што допрва ќе расте, ќе зрее, за да стигне и да се „набере“ на денот на изборите.

Многу пати сме ја виделе и сме ја преживеале оваа стратегија до сега, но овој пат влоговите се многу повисоки. Бидејќи, со целото евро-атлантско „цунами“, Македонија е на почеток на процесот на подолгорочна нормализација и развој, што, постепено, ќе остави многумина во нашата политика (и пара-политика) без работа, без приходи, без агенда. Повеќемина и без слобода.

Ако им пропадне оваа „тезга“, најголем број од нив и немаат со што друго да се занимаваат во животот. Да не се за ќотек, човек би можел да почне и да ги жали.

Треба да сте будала за да им наседнете. Тоа и ме плаши.

The post Исто сценарио, стоти пат! appeared first on Слободен печат.

Слични објави

Франција ја забрани продажбата на Ајфон 12, поради преголемо зрачење

Еспресо

Небото ќе го осветли Нишимура, феномен кој се случува еднаш на 435 години: Вечерва поминува кај нас

Еспресо

(Видео) По слетувањето на Месечината, Индија лансираше ракета за проучување на Сонцето

Еспресо

(Видео) Само 24 пилоти имаат дозвола да слетаат на аеродромот во Бутан

Еспресо

„Зум“ ги враќа своите вработени назад во канцеларија

Еспресо

Среќник од Германија доби 10 милиони евра на „Евроџекпот“

Еспресо
Се вчитува....